На македонскиот политички „фронт“ ништо ново
Опозицијата ќе се врати во Парламентот (очекувано), во меѓувреме СДСМ најавува формирање на Влада во сенка, што ќе биде нејзин голем адут на претстојните предвремени парламентарни избори (предвидов); конгреси одржаа ВМРО- ДПМНЕ (со воздржавни и прилично „општи“ пораки) и ЛДП (со мошне забавни „поенти“); „брат Љубе“ и Селмани се шетаат низ селата во Македонија (а „И јас сум А1“ редовно и ревносно ги следат, но не како платен политички маркетинг); се формира „Демократска десница“; квазианалитичарите и прогонозерите „уткаџии“ најавија конечно заминување на Црвенковски од челната позиција на СДСМ (како не им текнвуа дека челната позиција е многу посилна од сенка?!), а албанските опозициони партии бараат нови изборни граници.
Да, најзначајното нешто поврзано со претстојните избори ќе биде средбата во четири очи помеѓу Груевски и Црвенковски, овие денови, а на иницијатива на премиерот. (Црвенковски се пожали дека му била „прочитана“ и „украдена“ идејата за неа- тврди дека го прислушкуваат).

Јавната администрација е проблем кој „се влече“ уште од почетокот на независниот опстој на Република Македонија, и тоа како несоодветна и во квантитативна и во квалитативна смисла (бројна, неефикасна и партизирана). Всушност, намерно „го влечеа“ сите досегашните власти- Влади, а обидите таа да се реформира (осовремени- рационализира и модернизира) претставуваа само „шминка“ и замајување на домашната јавност и меѓународните „набљудувачи и контролори“ на процесот на европеизација и натоизација на државата.
Од серијата мои текстови во текот на 2006- та година, кои се однесуваат на периодот пред парламентарните избори, во текот на нивното одржување и по нив, а чија содржина сметам дека има и пошироко значење (хроничарско- хрономерно, а не вонвременско или универзално) е и следниов, под наслов „Нападот е најдобра одбрана?“ (30.01.2006.).
Ги препознаваат ли и се гордеат ли малите народи со своите големи луѓе? Дали е тоа во „природата“ на големите народи, дали е привилегија тие да се еднакви, да се изедначени со своите, но и со туѓите големи луѓе (што не значи само почит кон нивното дело, туку и приопштување- присвојување)? Нели малите се поголеми од големите со своите големи луѓе?
Бидејќи, за жал, политиката ни стана почетна и крајна точка на нашето живуркање, а политичарите првите „борци“ за нашето обезличување и маргинализирање, пред нашите големи луѓе, на кои одвреме- навреме со прст ни покажуваат други (големи народи), од ден на ден стануваме се помали.
Судејќи според подготовките за фер и демократски избори (изборното законодавство) и почетокот на медиумската кампања, уште отсега едно е сигурно: ќе биде интересно, а богами и мошне весело и смешно.




