Во корист на сопствената штета
Уште на самиот старт на кампањата „И јас сум А1“, што беше најавено дека ќе трае до крајот на февруари, а ненајавено продолжи и месецов- март, искажав јасен став дека е неприфатлива, немушта, инфантилна, на моменти и кловновска во нејзината реализација. На пример одењето по куќи и собирањето на потписи што, за среќа, брзо беше напуштено. Во спротивно, можеше лесно да се случи да чукнат на вратата на некој ВМРО-вец, па лесно е да се претпостави на какви непријатности би се нашле „чукачите“.
И притоа потенцирав дека колегите- новинари на А1 ТВ со тоа „одработуваат“ исклучиво во корист на сопствената штета.
Потврда на мојот став „стаса“ деновиве, а реакцијата на „засегнатите“ е нервозна и недостоинствена.

Сосема „неекспертски“, дури наивни беа проценките и предвидувањата дека Република Македонија ќе биде „заобиколена“ од економската криза, па дури и дека има шанси да „ќари“ од неа. Од ден на ден се покажува дека тоа едноставно не е можно…без одговор или „противудар“ со радикални економски и други мерки (да, и политички). Што засега изостанува.
Инфлацијата во Македонија е повторно двоцифрена. Заводот за статистика соопшти дека трошоците за живот во минатиот месец пораснале за 10,1% во споредба со истиот месец лани.
По дводневната македонско- грчка турнеја медијаторот Метју Нимиц им изјави на новинарите дека е точно оти се разговара и за друго освен за ново име на Република Македонија. „Појавувањето на други прашања“, како што рече, е потврда дека Атина на преговорите (а не разговорите како што вели Нимиц) поставува и прашања односно барања „поврзани“ со името. Нешто што или поради политичко слепило не го гледаат или го премолчуваат за да се покажат „конструктивни“ некои политичари од опозицијата (белки не мислат дека „поврзани праша“ поставува Македонија!). 




