Не двојна формула, туку алтернатива- алтернативи
Ништо ново во разговорите и преговорите околу спорењето (не станува збор за спор, ниту за билатерален проблем) на Данајската република (Грција) на името на нашата држава. Оптимизмот на Метју Нимиц по најновата рунда разговори (околу проблемите што ги „оптоваруваат“ преговорите) е сигурно одново разнишан, ако не и „збришан“ по повторениот став на Груевски за двојна формула како „природна позиција на Македонија“, а особено по денешната закана на Бакојани дека нејзината земја ќе продолжи да ја блокира евро- атлантската интеграција на Република Македонија се до изнаоѓање, односно „прифаќање на сложено име со јасна географска одредница за севкупна употреба“.
Време е Македонија да го преземе неопходниот чекор: да ги прекине преговорите (има многу аргументи за тоа), а да продолжи многу посилно и позабрзано на достигнување, па и надминување на евро- атлантските стандарди. Со што на јужниот сосед и неговите сојузници нема да им се даде уште една шанса за покажување на сила и ароганција. Поточно, како што е се поевидентно, да ја продолжат специјалната војна против неа.

Да, улогата на Метју Нимиц во надминувањето на проблемот што го има јужниот сосед со името Македонија (не уставното име на државава), всушност со постоењето и идентитетот на македонскиот народ, одамна не е медијаторска, а на тоа не се реагира. Освен неодамна, кога македонската „страна“ му обрна внимание дека ги пречекорува своите ингеренции. Неговото наводно заборавање е вешто и итро (дипломатско?) наметнување на себе си како клучен фактор, решавач на проблемот.
Многумина со посебно внимание, па и респект слушаат, дослушуваат, следат и анализираат се што ќе поткаже и докаже министерката за надворешни работи на Данајската Република (за други позната како Грција), Дора Бакојани. Веројатно импресионирани од нејзината „големина“ (како министерка на „голема“ земја), но и од нејзиниот шарм и убавина (првото повеќе од второто- премногу е, брате, крупна, па и некако нападна, мажествена). А мене лично ми се се позабавни, смешни, неретко и инфантилни нејзините изјави и пораки. Се разбира, пред се оние упатени до македонската „страна“. (За друго многу и не слушам и не читам од неа, а сум забележал дека во друштво со „големоевропските“ е прилично молчалива, повлечена, ми изгледа поприлично инфериорна.)




