Македонија го троши времето или ја слабее одбраната на македонскиот идентитет
(11.04.2008.)
Ништо ново во македонскиот Парламент: и седницата за самораспуштање на Собранието „преполна“ со (познати) опструкции на опозицијата, со користење на процедурални забелешки и паузи. Главно, процедуралните забелешки (над 70 на број) беа околу нов претседател на ДИК, иако според толкување на собраниските служби, според Изборниот законик, секогаш претседателот на ДИК го предлага опозицијата, а заменикот е од редовите на власта и тој има мандат од 5 години. Следствено, нема одредени аргументи во законот што би се случило доколку има предвремени избори.
Сегашниот претседател на ДИК, Јован Јосифовски, за дел од медиумите има изјавено дека има мандат од 5 години и нема намера да поднесе оставка, затоа што единствениот услов да си поднесе оставка, според законот, е ако тој тоа го направи на свое барање.
Исто така, една од дилемите што ја постави опозицијата беше дали, доколку се распушти Собранието, претседателот, на кој со самораспуштањето на Парламентот исто така би му завршил мандатот, има право да распише избори. Според Уставот и законите, Претседателот на Собранието го заменува Претседателот на државата. Значи, тој и натаму го има легитимното право, по изгласувањето на одлуката за распуштање, односно откако таа ќе излезе во Службен весник, да го одреди датумот за одржување на изборите во рок од 2 месеца. Претседателот на Собранието од претходниот парламентарен состав, според законот, е тој којшто ја свикува конститутивната седница на новоизбраното Собрание.
Наспроти ставот на опозицијата дека предвремени избори на Македонија во моментов не и се потребни, а со тоа власта бега од одговорноста, владејачките пратеници одговараат дека тоа не е точно, туку е за да се соочат со народот, да се добие уште еден мандат со којшто ќе се добие поефикасно Собрание коешто ќе има капацитет да се справи со сите предизвици.
На Собранието, по негово барање, му се обрна и претседателот Бранко Црвенковски, со главна поента дека сега не е време за избори затоа што Република Македонија ја очекуваат крупни одлуки.
Иницијаторот за предвремени парламентарни избори, партијата на македонските Албанци ДУИ, смета дека токму поради политичката ситуација во земјата и поради тоа што институциите немаат доволно капацитет, најдобро е да се оди на избори, а потоа да се решаваат крупните прашања.
Оваа иницијатива, како што е познато, ја поддржаа и владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Распоредот на силите во Собранието е таков што овие партии веќе го имаат потребното мнозинство од над 61 пратеник, доволно за распуштање на Собранието.
Пратениците ќе работат се додека Собранието не ја изгласа точката на дневен ред, односно додека не ја изгласа иницијативата за самораспуштање.
Дали Македонија со предвремени избори губи драгоцено време за решавање на проблемот на Атина со името на земјава? Повеќе од сигурно не, бидејќи е јасно дека јужниот сосед нема да дозволи нејзиниот проблем (а не билатералниот) да се реши за денови и недели. Тоа го потврдуваат и најновите активности на Владата на Караманлис, а во врска со зацврстувањето на позицијата на земјата пред новата рунда на преговори. На лидерска средба со грчките партии, Караманлис уште еднаш децидно рекол дека Атина нема да отстапи од своите позиции:
„Ние сакаме да имаме односи на пријателство и соработка со Македонија. Нема да ја ризикуваме стабилноста и безбедноста во регионот. Не постои тајна агенда во врска со прашањето за Скопје. Ние го користиме истиот јазик и за внатрешни и за надворешни дискусии. Ние не се фалиме. Треба да поминеме важен пат до изнаоѓање на дефинитивно решение за прашањето со името на ФИРОМ“, изјавил тој.
Шефицата на дипломатијата, Дора Бакојани, повика на брзо обновување на преговорите со Скопје, повторувајќи го ставот на Атина за географска одредница на името на соседот.
Според некои медиуми, Владата веќе има изградено стратегија која предвидува што поскоро изнаоѓање на решение за името и дека во рамките на тој план е предвидена и посета на Бакојани на Скопје, по одржувањето на изборите во Македонија. (Значи, Атина калкулира со сигурни предвремени парламентарни избори, веројатно не разбирајќи дека опозиција, се мисли пред се на СДСМ, може да биде против, прашувајќи се која е целта на борбата на секоја опозиција.)
И Вашингтон не го губи времето, туку веќе подготвува терен за затворање на спорот. Меѓутоа, Стејт Департментот застанува се поцврсто во одбрана на македонската нација и јазик. Шон МекКормак, портпаролот на Стејт Департмент, изјави:
„Факт е дека ние како Влада признаваме држави, не признаваме јазици или националности како такви, но Ден само посочи дека, на пример, ние предаваме македонски јазик на Институтот за обука на дипломати. Но, знаете, ова е практично резултат на формалниот чекор кој го направивме како држава за да ја признаеме Македонија како Македонија“.
Се очекува формален сигнал од македонска страна- дали во земјата има политичка клима која ќе дозволи да се продолжат преговорите за името. Доколку македонската страна позитивно одговори, се очекува во текот на наредната недела, на барање на Вашингтон, медијаторот Нимиц да пристигне во посета на Скопје, а веднаш потоа и во Атина.
Изјавата на портпаролот Боцевски, кој најави дека консултациите за преговорите со името ќе продолжат, независно дали Собранието ќе се самораспушти, не е доволен сигнал за интензивирање на преговорите за името, сметаат извори блиски на преговарачкиот процес. Според него, консултациите и усогласувањето на ставот и понатаму ќе продолжат и ќе се одвиваат според постапката со која и досега се одвиваа. Конечниот одговор како Македонија ќе настапи во однос на преговорите во ОН зависи и од консултациите со експертската јавност.
Дали Македонија ја слабее одбраната на националниот идентитет во
сета негова комплексност? Да, судејќи според дилемите на државно- владиниот врв, од кои најважната е како да се зачува „уставното име“ на земјата и (едновремено) да се изнајде комрпомисно име кое нема да го загрози идентитетот. Меѓутоа, освен тој „парадокс“, можеби многу повеќе одбраната ја слабеат политичките партии, пред се од опозицијата која (во собраниските процедурални забелешки и реплики на тековната седница за самораспуштање) „заборава“, поточно премолчува дека поканата за членство во НАТО е на „шалтер“, а автоматски ќе биде „врачена“ штом ќе го решиме „проблемот“ со името односно ќе направиме компромис. Всушност, ќе бидеме принудени („или-или“) сепак да го смениме не уставното, туку името Македонија што и без „придружен пакет“ ќе значи загроза, па и губење на идентитетот.






