„Нестандардни“ настани во светот
Иако настаните не може прецизно да се разграничат на „нестандардни“ од „стандардни“, односно така аргуметирано да се „дефинираат“, сепак постојат- се случуваат некои што можат да се издвојат како такви. Пред се поради неочекуваноста, нередовноста, случајноста, па и бизарноста.
Од денешните настани во светот издвоив неколку такви: во Хелсинки (Финска) еден воз удрил во хотел, во Шпанија се откриени 100 килограми кокаин во продавница во пакети со банани, во Прага некој (се уште не е откриен) гаѓа автобуси со непознат предмет, а во Дубаи е свечено отворена највисоката зграда на светот.
На централната железничка станица во финскиот главен град Хелсинки брз воз удрил во ѕид на хотел кој се наоѓа непосредно до пругата, а тоа предизвикало големо нарушување на железничкиот сообраќај. Најверојатно станува збор за дефект на системот на запирање. Агенциите јавија дека во моментот на несреќата немало други патници освен персоналот, а е полесно повредено едно лице.
Возот навлегол отприлика десетина метри во зградата на хотелот, по што сите гости биле евакуирани поради ризик од уривање;
Мошне необично, можеби се случи првпат: во повеќе маркети ширум Шпанија се откриени над 100 килограми кокаин скриени во пакети со банани!
Според полицијата, шверцерите направиле грешка, а властите во Мадрид претпоставуваат дека пакетите требало да бидат подигнати од пристаништето Сагунто во Валенсија, но тоа не се случило.
Најголемата количина од пратката- речиси 25 килограми кокаин се пронајдени во еден од супермаркетите на познатиот синџир маркети на „Лидл“ во Мадрид.
Инаку, ова е втора по ред заплена на наркотици во последните две недели во шпанскиот главен град. Пред десетина дена беше откриена поголема количина на наркотици во еден авион што пристигна од Колумбија, скриени во палети со цвеќе;
Во Прага- Чешка засега непознат сторител со некаков предмет гаѓал и оштетил два автобуса во една населба во северниот дел на градот. Повредени нема, а случајот во полиција го пријавил диспечер на јавното транспортно претпријатие откако биле забележани дупки во стаклата.
Според портпаролот на прашката полиција, екипа на крим-техничари на местото на настанот не нашла никакви докази и не може со сигурност да се каже дали нападите биле извршени со огнено оружје или со некој вид рачно направен чатал.
Интересно е дека и на почетокот од декември минатата година прашката полиција информира за сличен инцидент во истата улица, кога во движење бил нападнат автобус. Меѓутоа, и тогаш не е откриено со каков предмет било оштетено стаклото на кое имало две дупки со големина од 8 милиметри;
Во Дубаи е официјално отворена зградата „Бурж Дубаи“, највисоката зграда на светот. Организиран е величенствен огномет во присуство на 6.000 гости, а отворањето доаѓа во момент кога емиратот се соочува со јавен долг поголем од 100 милијарди долари.
Според аналитичарите, „Бурж Дубаи“ би можел да биде последниот од „фараонските кули“. Шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, 60-годишен владетел на градот-држава, се надева оти оваа градба со придружните објекти, за што се потрошени над 20 милијарди долари, ќе му помогне на Дубаи да ја врати репутацијата меѓу меѓународните инвеститори и имиџот на моќен финансиски центар.
Најголемата кула на светот, гигант од челик и стакло висок над 800 метри, има 200 ката, од кои 160 се наменети за живеење и деловен простор, а од се 90% е веќе продадено. Во нејзиниот состав се наоѓаат над 1.000 станови, како и луксузниот хотел „Армани“ со спа центар и повеќе ресторани кои ќе бидат отворени во март годинава.
Архитектонското чудо има и 4 базени, највисок ресторан на светот сместен на 122-от кат, како и паркинг со над 3.000 места.
Кулата, за чија изградба се потрошени 330.000 кубни метри бетон и 31.400 тони железни шипки, се гледа на оддалеченост од дури 95 километри.
Со своите над 800 метри, „Бурж Дубаи“ за неколку стотини метри го надминува досега највисокиот облакодер на светот, тајванскиот „Тајпеј 101“, кој е висок 508 метри. Освен што е највисок изграден објект на светот, „Бурж Дубаи“ е и зграда со најмногу катови, а нејзината платформа за панорамско разгледување на околината се наоѓа на 124-от кат, со што станува панорама на најголема височина на светот.






