Секое јавно обвинување мора да се провери- истражи и јавно да се потврди или отфрли
Најновото од многуте досега (за жал, најголем број премолчени или забошотени) е поврзано со големата проневера во Телеком, а го изрече јавно еден од поранешните директори на „Мактел“: дека поединци од поранешни владини гарнитури на големо профитирале од Телекомот за да и обезбедат на компанијата монопол на пазарот и повластени закони.
Обвинението е мошне сериозно. Не толку оти го дава еден од оние кои сигурно „многу знаат“, колку поради адресите на кои е тоа „упатено“. Неименувањето е само оставен простор за проверување- истражување. Доколку се премолчи или забошоти само ќе ги „потпали“ манипулациите и шпекулациите. А тоа во рамките на актуелната меѓународна истрага сигурно ќе и наштети и на Република Македонија, ќе ја разниша позитивната оценка за борбата против криминалот и корупцијата.
Маѓар Телеком вчера објави дека поранешни директори во периодот од 2000- та до 2006- та година проневериле (дури) 24 милиони евра. Во финалниот извештај изготвен олд американската независна куќа „Вајт енд Кејс“, која во изминатите неколку години водеше истрага во сите фирми- ќерки на унгарскиот телекомуникациски гигант, се наведува дека се сомнителни повеќе од 20 договори за консултантски услуги, за лобирања кои ги склучувала помала група на поранешни извршни директори. За нив тие плаќале од посебни фондови, но не за тоа што стои во договорите, туку за други цели.
Она што предизвика посебно внимание кај нас е откритието дека голем број од договорите се склучени за да се добие посебна регулатива на пазарот и други бенефиции од македонската Влада. За некои од нив нема конкретни докази затоа што материјалите биле уништувани. Истрагата не обезбедила докази за тоа дека пари им се префрлани на владини функционери или на членови на политички партии.
Да потсетам, во Македонија е веќе распишана потерница против поранешниот прв човек на „Мактел“ Атила Сендреј, екс финансискиот директор Ролф Плати и неколкумина други менаџери за проневера на 6,7 милиони евра.
Денеска пред јавноста (А1 ТВ) излезе поранешниот директор во „Мактел“ Симе Груевски со тврдење дека објавената сума за проневерени 24 милиони евра е далеку поголема.
„Се плаќало за лобирање, по основ на лобирање. Лобирањето во интерес на „Телеком“ морале да го вршат некои личности коишто биле на одредени позиции. Тука сигурно Владата цела не може да се товари, туку најверојатно поединци од неа или поединци од Агенцијата за телекомуникации“.
Истрагата што подолго време ја води македонското Обвинителство мора што поскоро да заврши и да се обелоденат резултатите. Се разбира, заедно со поединците од поранешните македонски Влади и од Агенцијата за телекомуникации, доколку се потврди сомнението во нивна вмешаност. Позитивна „околност“ е што се води и „меѓународна“ истрага, па и да се сака не ќе може ништо да се премолчи или забошоти. Или барем не се.






