„Сведмилк“ не пропаѓа сам од себе!
Мошне индикативно е што само еден медиум (А1 ТВ) континуирано, буквално секој ден и мошне нападно (што не е ништо друго освен кампања; јас тоа веќе го нареков зависно- новинарски агитпроп) го „бомбардира“ својот не мал на број слушателски аудиториум. Не е јасно како и уредничкиот тим и ангажираните новинари (всушност еден „главен“) да не свесни дека тоа веќе стана здодевно и карикатурално. Зарем не научиле, не разбрале низ досегашната практика и искуство дека трпението има граници, а за „односниот“ медиум е многу опасно кога тоа ќе се изгуби?
Се разбира, „Сведмилк“ е повеќе од сигурно матен, криминален, мафијашки итн. случај, но не може и не смее да се третира како парадигма за неуспешна аграрна политика на Владата односно Министерството за земјоделство, ниту дека таа компанија предизвика катастрофална млечна криза во Македонија. Не затоа што, напротив, таа е успешна (за тоа во друг прилог- со сеопфатна аргументација и темелна анализа), туку оти таа не постои! Другите компании работат нормално (ако може така да се нарече работењето во економска криза), пред се без никаков застој во производството и пласманот, а на домашниот пазар млекото и млечните производи воопшто не се „тресат“.
Нема никаква двојба: „Сведмилк“ не пропаѓа сам од себе, туку го пропаѓаат. Кои и зошто, допрва сигурно ќе се дознае. А тогаш…
По средбата со премиерот Никола Груевски,на првиот ден по изборите, разочараните млекопроизводители кооперанти на оваа технолошки најсовремена компанија во земјава се „видоа“ себе си како цело македонско сточарство. А нивната разочараност се „темели“ единствено на неспорниот факт дека Владата не може и не смее да интервенира во должничко- доверителски односи на приватна фирма со приватни лица. Има начини како да се „вмеша“ , особено во рамките на сеопштата борба против криминалот и корупцијата во земјава, но не и да спасува непосредно засегнати, најмалку од Буџетот да исплатува нивни долгови.
Изјава на двајца од „преговарачите“ (на А1 ТВ)- млекопроизводителите Гоце Арсов, од с. Крупиште, и Сулејман Максутовиќ од Скопско:
„Конечно добивме одговор дека спас за сточарството во Македонија нема, посебно за говедарството. Бродот тоне и нека се спасува кој како знае“.
„Нема никаков слух за таа работа да се реши, така што човекот не одговори ништо на тие барања дека можат да се решат. Остана така дека Владата нема никаков слух да ни помогне. Сега нека си го бараат чарето земјоделецот и сточарот“.
Драматичен извештај:
Бродот тоне, а тоа најдобро се гледа на добиточниот пазар каде што е преполно од млечни крави. Ги купуваат само кланичарите за месо. Добиточните пазари и во делот каде што се продава добиточна храна се преполни. Не се продава зашто нема кој да купи храна.
Од 177.000 крави, во Македонија сега има двојно помалку- одвај 90.000. Увозот на млеко годинава се очекува да достигне дефицит од 40 милиони евра. Меѓутоа, наведениве податоци се „релативизираат“ со нелогично и мошне тенденциозно приведување на статистички податоци! На пример, првата бројка е од далечната 1997- ма година (пред цели 12 години!) и се однесува на молзни крави и стелни јуници. Драстично намалување не се случило сега (поради „Сведмилк“), туку до 2007- ма, кога на пописот се избројани 121.000 (56.000 помалку!). Неповратното уништување на „дополнителни 30.000“ поради „турбуленциите кои ги создаде „’Сведмилк’“ е само новинарска проценка односно шпекулација, а 90.000 се „околу“. Што да мисли и како да заклучува гледачот кому му се сервира податок од 2001- ва до 2007- ма за „евидентната млечна криза во земјава“, која се „поткрепува“ со проценка (односно новинарска шпекулација) за очекувано „одлевање“? Пренесувам (се разбира од прилог на А1 ТВ):
Намалениот број на молзни крави „силно“ придонесува за зголемување на увозот на млеко и млечни производи: од 8 милиони евра во 2001- ва, во 2007- ма е зголемен на 26 милиони евра. Се проценува дека поради „преполовување“ на домашното производство и надополнувањето со увоз годинава ќе се одлеат околу 40 милиони евра.
„Поентата“ е во „итен ребаланс на Буџетот со 6 милиони евра за да се помогнат млекопроизводителите, да се спречи уништувањето на најважната сточарска гранка со која може неповратно да се изгуби и домашното производство на млеко“.
„Просечно“ заинтересираниот за македонското млекопроизводство уште повќе станува еден од оние за кои важи дека „лудиот го е.. збунетиот“ со секогаш „најдраматично“: каде се парите?
Моше Баум на прес конференција изјави дека нема да дозволи стечај за млекарницата, што е во најмала рака чудно имајќи ја предвид очигледната неможност да ги подмири долговите спрема сточарите, но и да ги наплати побарувањата од „некои“ домашни бизнисмени. Помеѓу нив и Велија Рамковски, сопственик на А1 ТВ и на трговска фирма со раширена мрежа на договорени мали продавници за обезбедување со „свои“ производи (сопствено пакување). Баум беше и конкретен во однос на него:
„Повеќето од фармерите ми веруваат. Има една помала група која не ми верува, а тоа е групата на Рамковски“.
За директното обвинение во врска со долгот на Рамковски (не само колкав е) ќе мораме да ги почекаме наодите на инспекциските органи. „Феникс Енерџи“ тврди дека се работи за 1.800.000 евра, а Рамковски дека тој долг (на „Хедис“) изнесува многу помалку- 260.000 евра. Бидејќи македонскиот бизнисмен добро знае дека долгот е долг, без оглед на големината, тој наводно веќе два месеца се обидува со цесија да им го „достави“ до џебовите на сточарите, а не во џебот на Моше Баум! Мошне интересно: тој знае дека парите ќе отидат во џебот на Баум, знае дека неговиот долг ќе биде искористен за сточарите, а не, на пример, за намирување на дел од хипотекарен долг на млекарницата, па „се обидува“ со цесија да го исплати.
Очекувано, неговата телевизија и тој лично излегоа со сериозни контраобвинувања кои би требало аргументирано да се отфрлат и да се побара оштета за клевета. Но едновремено и „обвинувачите“ не би требало да запрат, туку , како докажани борци против криминалот, да поведат и судска постапка (заедно со оштетените сточари за кои се толку многу загрижени):
„Кој го штити Баум за да продолжи со кражбата на млекото? Каде завршија парите од продажбата на околу 3 и пол милиони литри млеко откако тој е газда во Сведмилк, и тоа 2,5 милиони литри откупено млеко и милион литри затекнати како залиха во магацините?“
Се оди и „потаму“: инспекциите да и го објаснат на јавноста патот на парите за над 6 милиони литри млеко, колку што е земено од сточарите во периодот од ноември минатата година, од кога е блокирана сметката на „Сведмилк“ , а за кои количества сточарите имаат само белешки за откуп; по сите проверки да објават во чии џебови завршувале парите од продажбата на млекото „продавано на црно, настрана од блокираната сметка“.
„Крунското“ обвинение го изнесе самиот Рамковски на својата телевизија:
„Владата треба да ги смени законите кои овозможуваат за година ипол од „Сведмилк“, надежна млекара, да се направи криминал од околу 20 милиони евра. Исто така, Владата треба да ги смени законите кои овозможуваат на странец за едно евро да ја земе млекарницата и два месеца да продолжи да го краде секое литро откупено од сточарите“.
Настапи и како опозиционен политичар:
„Владата да ги смени законите кои овозможуваат да се инвестира во споменици, театри, Уставен суд и слични работи; 100-тина милиони евра е законски да се издвои, а не се 4 милиони, што значи пропаст на млекопроизводството. Да се сменат законите кои кажуваат дека не може 4 милиона евра да се платат на млекопроизводството како гранка, значајна во државата, а може да се проектира, да се планираат 8 милијарди евра за инфраструктурни објекти (што е ординарна лага или ноторно неразбирање на нештата, како што е Буџет-заб.м.). Исто да се сменат и законите кои од 2 милијарди 600 илјади евра буџет, не можат да се издвојат 4 милиона евра. Тие (мисли на Владата и парламентарното мнозинство-заб.м.) носат закони за 100 милиона евра градба, закон за 2 милијарди и 600 милиони да троши администрацијата, закон донесува за 8 милијарди за изградба на патишта. Тие ги носат овие закони, е па да донесат други“.
Сериозна „страница“ за иднината односно натамошното опстојување на млекарницата „сврте“ Тутунска банка: покрена постапка за продажба на „Сведмилк“.
Имено, неофицијално НЛБ Тутунска банка, инаку најголем хипотекарен доверител, покренала постапка оти кон неа не е измирен долг- кредит од 9 ипол милиони евра. Како гаранција е ставен под хипотека целокупниот имот на млекарницата.
Сепак, засега, во оваа фаза од разврската, она што и недостасува на јавноста е нејзината нетранпарентност. Колку од неа е обврска или можност (да се обезбеди) на Владата, а колку на другите „чинители“ нема значење. Особено затоа што се големи сомнежите оти во случајот „Сведмилк“ се вмешани многу заинтересирани „страни“.






