Симболот на Њујорк е првиот облакодер на светот што ќе стане „зелен“
Вниманието на светската јавност го привлече веста дека е решено познатата висококатница Емпајер стејт билдинг, некогаш највисок на светот, да се реновира според еколошки стандарди, по што ќе стане пример за заштеда на енегријата.
Ентони Малкин, претседател на компанијата за недвижнини W и M, која е сопственик, вели дека технологијата што ќе биде употребена е замислена како модел за преуредување на други градби.
Во Њујорк има 900.000 солитери. Се смета дека за производство на енергија за деловни згради се создаваат 79% од вкупното количество на јаглен двооксид што настанува во овој мегалополис.
Емпајер стејт билдинг се наоѓа во срцето на Менхетн. Неговата изградба е завршена во 1931- ва година, а е изграден е во стилот на Арт деко. Овековечен е во филмот „Кинг Конг“ и е нареден во едно од „Седумте чуда на модерниот свет“. Проектот за реновирање ќе чини 20 милиони долари. Моментно се врши преуредување во кое се вложени 500 милиони долари, од кои една петтина е наменета за преуредување кое ќе овозможи заштеда на енергија.
Организацијата „Клинтон клајмат инишијатив (Clinton Climate Initiative) ги обезбеди 20- те милиони долари за првите пет фази на проектот со вкупна вредност од 100 милиони долари. Оваа организација, чиј основач е поранешниот американски претседател Бил Клинтон, во соработка со американските градови работи на намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина.
Ќе бидат сменети сите 6.500 прозорци со нови, кои ќе имаат посебно стакло што значително го намалува емитувањето на топлина преку лето, а зиме спречува нејзино губење. Планирани се и измени во вентилационите системи, системот за ладење на вода, како и во расветлувањето.
Емитувањето на јаглен двооксид во атмосферата ќе биде намалено за 105.000 тони во наредните 15 години. Тоа е количество еднакво на она што годишно го емитуваат 17.500 автомобили.
Од еден текст објавен на Интернет:
Емпајер стејт билдинг е до таа мера симбол на Њујорк што го присвои гордото име „Царска држава“, назив според кој државата Њујорк се изделува од другите. „Емпајер стејт билдинг, Њујорк, Држава Њујорк“ со години претставувала негова единствена адреса. По упорно барање на поштенската служба зградата е воведена во списоците под број 350, Петта авенија. Земјиштето на кое се наоѓа, површина од отприлика два хектара на крстосницата на Триесет и Четвртата улица и Петтата авенија, е речиси во самиот геометриски центар на островот Менхетн, а може да се смета за симбол на американскиот развој.
Имено, тоа била безимена полјана што ја газеле Индијанците кога во 1626- та година Петер Минуит за дребулии кои вределе 60 гулдени (или 24 долари) го откупил од тамошните племиња целиот остров Менхетн и така ја започнал историјата на Њујорк (тогашен Нов Армстердам), правејќи ја највносната трансакција со земјиште во историјата. Во 1799- та тоа земјиште било само „фарма“ во сопственост на некој си Џон Томпсон. Неполн век подоцна, на тоа место веќе се издигал „Астор Мансион“, постојаното престојувалиште на Асторови, семејство во чиј подем се огледа историјата на американскиот капитализам. Тука се решавало за судбината на милиони луѓе ширум светот. Во последните години од векот куќата на Асторови ја заменил хотелот „Валдорф Асторија“. Тоа било собиралиште на оние „400 њујоршки влијателни семејства“, како што зајадливо ги нарекол Ворд Макалистер, кои тука се собирале, ручале и вечерале, танцувале, ги воведувале своите ќерки во друштвото и договарале зделки. Хотелот се сметал за најексклузивен, најлуксузен и најскап на светот.
Но судбината го предодредила ова место за голем деловен центар. Кога на крајот од 20- тите години хотелот „Валдорф Асторија“ е преместен во својата сегашна зграда, на Парк авенијата, патот за Емпајер стејт билдинг бил отворен.
По сите „премрежија“ низ кои минувале проектот и неговата изградба на толку тесен простор, постигнато е нешто што остана единствено во аналите на архитектурата на сите времиња: изградбата, која поради трошоците требала да трае само 20 месеци, чинела многу помалку од планираната (40.948.900 долари наспроти 50.000.000), и тоа покрај измените на проектот до кои доаѓало во текот на работите. Вградени се 60.000 тони челик, што би било доволно да се направи двоен колосек на железничката пруга од Њујорк до Балтимор. Потоа, 10 милиони парчиња тула со кои би можел да се изгради цел станбен кварт. Инсталации: 5.600 телефонски и телеграфски кабли за потребите на 18.000 телефони, 73 лифта (повеќе отколку во која било друга њујоршка зграда) и клима уреди (сместени во визбите, два ката над темелот) кои 6 пати во текот на еден час можат целосно да го изменат воздухот во целата зграда.
Повеќе од 40 години зданието беше највисок облакодер на светот. На 86- от кат се наоѓа видиковецот. Тоа е целосно застаклена просторија на височина од 320 метри, која зиме се грее а лете се разладува и оттаму се пружа извонреден поглед на околината. Се разбира, иако на видиковецот постојат снек бар и сите можни автомати за храна, бзалкохолни пијалоци и цигари, продавници на сувенири, најголема атракција се големите двогледи поставени на оградата на терасата. Уште поубав поглед се пружа од видиковецот на 102- от кат, највисоката точка (381 метар) до која посетителот може да се искачи. Ако е ведро, видливоста достигнува 120 километри, двојно повеќе отколку од долниот видиковец. На оваа височина дуваат ветрови, а и самите атмосферски прилики се чудни. Дождот понекогаш има црвеникава боја. Во моменти на налет на ветер или ураган притисокот врз џиновската површина на фасадата е огромен. И покрај тоа, мерењата извршени со помош на мошне чувствителен жироскоп покажале дека зградата не се поместува повеќе од четвртина од палец од својата вертикална оска, дури ни под удар на најсилни втрови.
Резултатите кои градителите ги постигнале во однос на стабилноста се восхитувачки: на 28- ми јули 1945- та година еден бомбардер од типот Б-25, на воздухопловните сили на САД, удрил во зградата на височина од 79- тиот кат. Авионот бил сосема уништен, а облакодерот незначително оштетен. Не само стабилноста, туку и еластичноста на овој џин е беспрекорна. Столбот предвиден за врзување на цепелин, кој никогаш не е користен за таа цел, лесно е претворен во еден од најголемите телекомуникациони центри на светот. Преку него емитуваат 9 ТВ станици и 11 UKW радио- станици.
Денес Емпајер стејт билдинг не е највисок облакодер на светот, ниту во Њујорк. Приматот му го одзедоа Сирсовиот облакодер во Чикаго и двете кули близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк кои се урнати во терористичкиот напад во септември 2001- та. Но тој е симбол на градот, на едно време, на една техника, исходиште на една епопеја.
Во врска со „озеленувањето“ на Емпаер стејт билдинг како почеток на сеопфатен еко- проект- еколошко реновирање на висококатниците во Њујорк и воопшто во САД, но и потврда на способноста на Американците за „брза ракција“ (и „мирис“ за вносен бизнис), ќе потсетам на заложбите и плановите на Барак Обама, кои уште во предизборната кампања како ветувања беа еуофирчно прифатени: 175 милијарди ќе бидат насочени кон обновување на енергетскиот сектор во САД со цел ревитализација на еколошката политика со креирање на 5 милиони нови „зелени“ работни места. Планот исто така вклучува 80% намалување на емисијата на стакленички гасови до 2050- та година.
Во март годинава тој изјави дека за развој на електрични и plug- in хибридни возила се обезбедени 2,4 милијарди долари. Тоа е дел од развојната стратегија чија цел е до 2015- та година на патиштата во САД да се најдат милион такви автомобили. Од наведената сума 1,5 милијарди им се наменети на домашните производители на автомобили, и тоа за произвоство на батерии и придружни компонентни, 500 милиони помош во производство на електрични мотори и останати компоненти, 400 милиони за развој на придружна инфрастуктура, како и за обука на луѓе кои ќе ги составуваат електричните и plug-in хибридните автомобили.
По повод Денот на планетата Земја (22- ри април), Обама во Њутон, во сојузната држава Ајова, објави нова иницијатива за производство на енергија од ветер и морски струи. Притоа го повтори ветувањето дека ќе го поттикне донесувањето на сеопфатна енергетска програма за поттикнување на алтернативни извори на енергија, намалување на зависноста од странска нафта, борба против климатските промени и создавање на нови „зелени“ бизниси.
„Ветерот може да обезбеди 20% електрична енергија за САД до 2030- та година и отворање на 250.000 работни мста. Наспроти проценките на некои критичари, САД не треба да избираат помеѓу заштитата на околината и економскиот раст“, рече Обама при посетата на фабриката за ветроелектрани во Њутон, за која потенцира дека е почеток на нова ера во искористувањето на енергија.
За еколошките состојби и проблеми во Република Македонија, а посебно за штедењето на енергија и искористувањето на алтернативните извори, на овој блог имам објавено повеќе текстови. Особено за нужноста од поттик и поддршка на индивидуалната (личната) иницијатива. Што, се разбира, не значи дека, поводно или не, и натаму овие теми нема да бидат присутни во моево хроничарење. Напротив, во нареднот период тие сигурно ќе бидат позачестени, а со оглед на нужноста од радикално менување на свеста за потребата од брза промена на односот спрема природната средина и околина, од конкретни акции за спас на нашава планета.
Овојпат само ќе посочам дека Владата на Република Македонија, поточно Министерството за животна средина и просторно планирање, има подготвено детален Стратешки план за периодот 2008- 2010- та година, чија реализација е во тек. Нејзина мисија и визија се подобрување на квалитетот на животната средина и природата, намалување на загадувањето и на заканите по човековото здравје, планирање на просторот и одржлив развој на Република Македонија, како и заштита и унапредување на животната средина преку постигнување на стандардите на Европската Унија. Она што го забележувам (засега), на пример во „бришењето“ на црните еколошки точки во земјава, е недостиг од поголема транспарентност и афирмација на реализацијата на конкретните проекти.






