Северна Македонија не е разумен компромис
Некои новинарски политички, поточно политикантски дилетанти никако барем малку да се „смират“. Aко не можат да го контролираат својот дилетантизам, барем да не го откриваат толку често и наметливо што веќе станува неподнослив. За жал, медиумите на кои се појавуваат, во кои се вработени, не ни помислуваат дека поради нив рејтингот им е низок, не се третираат и прифаќаат сериозно.
Најновиот дилетантски „бисер“ е прашањето кое го поставуваат, а оној од кого бараат објаснение со право не смета дека треба да го даде: што е тоа разумен компромис? Со додатно: дали тоа значи и промена на името?
На нужноста од разумен компромис потсети (не е негов „автор“, бидејќи е тој имплицитно предвиден со Привремената спогодба) претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Одговорот (не објаснението) на Иванов:
„Тоа е разумен компромис. Не можам да ви објаснувам, сфатете го. Веројатно како новинар треба да знаете за што станува збор во преговорите. Јас не можам да ви објаснувам сега. Видете, не зборуваме за промена на името. Ве молам проучете го проблемот со преговорите што ги водиме со Република Грција и тогаш ќе можам да ви одговарам на прашањата“.
По средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не беа дадени подетални информации, што се чини дека станува вообичаено за претседателот (однос и стил). Тоа, пак, некои новинари ги прави прилично нервозни, па „неофицијално“ шпекулираат со ноторни и тенденциозни лаги од „блиски извори“. На пример дека „Иванов веднаш на почетокот се заблагодарил за гласовите на ДУИ, со што бил обезбеден и цензусот“(?!). „Ставот“ на ДУИ бил дека гласовите ги добил „од строго контролираните гласачи и оти толку можеле, бидејќи не понудил во кампањата повеќе за Албанците“.
Во однос на разумниот компромис при решавањето на спорењето на името на земјава од страна на Данајската република (Грција), изјавата на Ахмети е очекувано „стандардна“:
„Македонија е интерес и на Албанците и ние како заедница се солидаризираме со нашите сограѓани. Заинтересирани сме ова прашање да се реши во интерес на сите граѓани на Република Македонија“.
Бидејќи пред вчерашната средба е познато барањето во кабинетот на Иванов да има место и за Албанци интелектуалци, договорот за тоа нема никаква ексклузивност. Па и тоа дека наводно Ахмети побарал тоа да бидат функции кои се значајни за албанските прашања, но нема да инсистираат на партиски решенија.
А во однос на разумниот компромис само сосема накусо, без обид да го „толкувам“ Ианов (нема што да се толкува): тој не се однесува на промена на името на земјава (не уставното име), туку на се она што досега беше во „придружен пакет“, а пред се барањето за промена- (само)губење на идентитетот на македонскиот народ (корени, историја, традиција, култура, твоештво…). Зарем е разумно тоа да се бара како компромис или „флексибилност“ на Македонија?
Едноставно, инсистирањето на разумен компромис е всушност порака до Атина дека посегањето по идентитетот е неразумно. Меѓутоа, од друга страна, не треба да се биде наивен и да се очекува од неа да прифати „проблемот“ да се сведе само на промена на името (што не би претставувало проблем- види го текстот на овој блог „Уште еден неуспешен американско- европски „фронтален притисок“ за името“). Доволен „данајски сигнал“ е инсистирањето новото име (со географска одредница) да биде единствено, за меѓународна, но и внатрешна употреба (уставно).
„Просто“ прашање за новинарските дилетанти: кој народ (ќе) живее во „Северна Македонија“? Може и ова: дали знаат за некоја постојна држава во светот која е наречена „географски“, а не според народот (во нашиот Устав „мнозинска заедница“) кој живее во неа (не според народи или според некое- некои малцинства)?
Разумниот компромис мошне прецизно го „дефинира“ советникот на претседателот Иванов, Ристо Никовски (во емисијата „Резе“ на Скајнет телевизија), а во врска со „прифатливото“ име „Република Северна Македонија“:
„Предлогот за името, „Република Северна Македонија“ апсолутно го игнорира и директно и индиректно го загрозува постоењето на македонскиот народ.
Изворот на името на нашата држава произлегува од името на народот, а не од името на регионот.
Ние во Њујорк треба да разговараме точно по документот на Обединетите нации (ОН), каде прифативме да разговараме за разликата која постои, а тоа не имплицира никакво менување на нашето уставно име, додека тоа не се докаже дека е потребно. Никој тоа не го докажал“.
Дека она што го тврдам за јужниот сосед подолго време- во тек е завршната фаза на „разголување“ (дури станува непријатно да се гледа оти е премногу грдо), потврди уште еден никако маргинален политичар. Пред три дена, при посетата на нашава земја, пратеникот во Европскиот парламент Нирџ Дива изјави:
„Со голема сигурност можам да ви кажам дека Грција нема големо лоби во Европа. Грците гледаат како им се смееме за тоа колку смешни излегуваат по ова прашање. Ова не е зрел одговор од зрела администрација за прашања од стратешка важност за нашата глобална безбедност и добрососедска политика.
Македонските сили во моментов служат во Авганистан, го признаваме придонесот на македонските војници во борбата против тероризмот и дрогата и затоа сметаме дека грчката реакција е незрела“.
А сериозно разнишаниот Караманлис уште еднаш ја потврди својата политичка дебилност, овојпат и како кловн- историчар. Според весникот „Нафтемборики“, тој побарал Скопје да ги прекине обидите за искривување и ново пишување на историјата(?!):
„Пасошот за евроатлантските институции бара сложено име со географска одредница, што ќе важи за сите. И одговорноста за тој пасош е на Скопје“.
Уште додал дека дошло време за изнаоѓање на решение што нема да се потпира врз национализам и омраза.
Вчера, пак, имавме можност да чуеме- прочитаме изјава и на директорот на Меѓународната кризна група за Балканот, Питер Палмер. Изјавата за Би- Би- Си на македонски јазик може да се оцени какомошне коректна, но и досега многупати слушната- прочитана од други:
„Мислам дека спорот мора да се реши. Очигледно, состојбата во последниве неколку години е многу полоша отколку претходно. Пред се зашто Грција јасно ја прекрши Привремената спогодба. Никој не очекуваше до пред крајот на 2007- ма дека таа ќе го стори тоа. Ако се придржуваше и понатаму, спорот ќе можеше до одредено ниво да се премости – Македонија ќе влезеше во НАТО и ќе продолжеше кон ЕУ интеграциите.
Искрено, и без решение за името, Грција треба да престане да ја блокира Македонија. Но, тоа треба да се разреши. Мислам дека е прилично јасно какво решение може да се најде – дека македонската страна прилично јасно стави на знаење дека е подготвена за компромис за името, но грчката стана треба да го признае македонскиот идентитет и јазик“.
Палмер мисли дека не е решение што Македонија ова прашање го води пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг:
„Мислам дека тоа нема да го реши проблемот. Ја разбирам фрустрацијата на македонската Влада. Мислам дека е можно, не можам да тврдам дека Македонија ќе има силен случај. Но засега, додека Судот не донесе одлука, целиот напредок е блокиран. Не можам да ја критикувам Македонија за ова, сите земји имаат право да го сторат тоа, но не знам колку е тоа политички добро. “
Што се однесува на визната либерализација, Палмер смета дека Грција не може да ја блокира Македонија, но има замор кај ЕУ во однос на ова прашање.
Синоќа уште едно папагалско тврдење на Александар Маљас, на конференцијата „Довршување на американската мисија на Балканот“, што ја организираше влијателниот Центар за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон: дека „Република Северна Македонија“ е прифатливо решение во спорот за името.
„Официјална Атина се залага за името ‘Република Северна Македонија’“.
Дипломатски извори забележуваат дека Маљас зборува за името, а не за опфатот на користење на терминот „македонски“. Токму официјалната грчка политика проблемот го третира како повеќеслоен- проблематизира идентитет, назив на јазикот, бара промена на Уставот…
Македонскиот амбасадор Зоран Јолевски ја повтори подготвеноста да учествува во преговорите под покровителство на ОН, но нема да дозволи да се чепка во идентитетот:
„Како што демонстриравме на самитот во Букурешт, можевме да прифатиме уште еден компромис, но предлогот на посредникот на ОН Метју Нимиц беше отфрлен од Грција.
Во основа, Грција ги зголеми барањата. А ние се плашиме дека и понатаму ќе ги зголемуваат. Па се поставува прашањето: дали ќе запрат? Затоа што, драги пријатели, достоинството и идентитетот на една цела нација е во опасност и не може да се компромитира“.






