Светската економска криза и Балканот
Историјата и искуството покажуваат дека Балканот отсекогаш бил и уште долго ќе биде една од клучните светски невралгични економско- геополитички точки, во која кризните состојби се „прекршуваат“ и резултираат со трагични последици (војни) или долгорочен севкупен просперитет. Тоа уште сега, додека економската рецесија не ја доживеала својата кулминација, го согледуваат бројни угледни економисти, политичари, аналитичари.
Меѓутоа, за жал балканските земји се уште се чувствуваат лагодно во „меки“ или „тврди“ протекторати, „несебичната“ помош на ММФ и Светска банка или, пак, спасот го гледаат единствено во европското, но не и регионалното интегрирање.
Некои стручњаци за „балканското прашање“ деновиве се огласија со анализи и препораки, од кои мошне прифатливо „звучи“ предлогот за тн. „Маршалов план“. Што, пак, произлегува од некои аналогии со завршувањето на Втората светска војна. А токму тие докажуваат дека се работи за две сосема различни, дури спротивни ситуации и оти помошта на Балканот, која е неопходна во од (тековна и среднорочно- долгорочна), мора да има нова форма и содржина.
Имено, се укажува на фактот дека „Маршаловиот план“ првенствено значеше инфузија на средства за придвижување на економската обнова во регионот кој веќе поседуваше институционални елементи на пазарна економија, а постоеше и заеднички непријател- комунизмот, надворешен и внатрешен. Сега ги има повеќе кои ја загрозуваат сушноста на егзистенцијата: сиромаштијата, неразвиеноста, криминалот…
Даниел Дајану, поранешен министер за финансии на Романија, професор по економија на Академијата за економски студии во Букурешт, во еден свој аналитички текст објавен деновиве укажува токму на состојбата на Балканот и потребата од посебна, според многу елементи специфична развојна политика. Таа е „жална“, во одделни економии во регионот стапката на невработеност е помеѓу 20% и 30%, сиромаштијата сеприсутна и во пораст, актуелниот дефицит се доближува до 10% од БДП, а инфраструктурата е несигурна. Според него, креаторите на политиката своите акции би требало да ги насочат во три главни правци: управување со кризи, економска обнова и институционални промени. Притоа укажува на две меѓусебно поврзани перспективи: мерки на двојно (краткорочно и долгорочно) управување на кризите и на реконструкција- физичка и развој (вклучувајќи ги институционалните промени и политичкиот процес).
Од друга страна, балканските земји мора да дадат се од себе и нивните влади да сносат првенствена одговорност за економските резултати. Во тој контекст Дајану предупредува дека „Европјаните воопшто имаат голема улога во давањето на помош на народите на Балканот да се ослободат од демоните на минатото и сегашноста“.
А вчера во вашингтонскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS) е одржана дискусија на тема „Довршување на американската мисија на Балканот“. Учествувале американски аналитичари и стручњаци за Балканот меѓу кои, освен домаќинот Јануш Бугајски, и Џејмс Добинс, Доналд Хејс, Вилјем Вокер, Џејмс О Браен (и како специјален пратеник на американскиот претседател за Балканот), Даниел Сервер. Панелисти биле и амбасадорите на БиХ, Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Грција и Хрватска.
Особено интересни се согледувањата и оценките на О Браен. Тој навел три клучни „моменти“ поради кои е неопходен натамошен засилен (обновен) ангажман на САД на Балканот: прво, Балканот со над 20 милиони жители не е голем пазар кој привлекува внимание, но е важен поради можните имиграциски проблеми; вториот е енергијата- БиХ и Албанија имаат големи хидроенергетски потенцијали, Косово залихи на јаглен, а освен тоа Балканот е исклучително важен поради нафтоводите и гасоводите кои од исток минуваат кон Европа; и трето, ангажманот е неопходен за да се избегнат можни проблеми. Тој потенцира дека Европа има водечка улога во решавањето на проблемите на Балканот, но голема улога и натаму имаат САД. „Тоа е недовршена работа, а тука се се уште неисполнетите ветувања“, нагласил тој. САД треба да останат ангажирани, но низ нова иницијатива на администраицјата на Обама- „не само со укажување што сакаат, туку и со слушање“.
На темата „Економската криза и Балканот“ ангжаманот на САД доби „нова димензија“ со најновите оценки на Барак Обама за нејзиното траење. Пораката би била дека во „долгата и жестока борба“ балканските земји не смеат да стојат в место и да чекаат, а во американскиот ангажман тие не можат да бидат приоритет.
Американскиот претседател изјави дека Соединетите Држави се соочуваат со долга жестока борба за излез од економската криза, но гледа знаци на надеж. Во говорот во Вашингтонскиот универзитет Џорџтаун тој нагласи дека 2009-та ќе продолжи да биде тешка година, предупредувајќи оти и натаму ќе следува губење на работните места и други финансиски проблеми.
Според него, чекорите преземени за рекапитализирање на банките, поддршката на станбениот пазар и помагањето на автомобилската индустрија се „неопходни делчиња од сликата на обновата“. Тие се насочени кон зголемување на потрагата, обновата на кредитите за домаќинствата и бизнисот, како и да им помогнат да минат полесно преку бурата.
Забележао е повикувањето на Обама на Библијата, односно цитирањето на Христовата проповед на планината, за да ги спореди наследениот американски економски систем со човекот, кој ја изградил куќата врз купчиња песок. Новата економија, која според Обама ќе се појави по најстрашниот економски пад во Америка во
последните 70 години, треба да биде како здрава куќа, изградена од човек што употребил камен.
Балканските земји треба уште денес(ка) да почнат да ги градат своите „камени куќи“.






