Опозиционерска доследност на Црвенковски
Ако не се земе предвид „формата“, последната средба со дипломатскиот кор во земјава Бранко Црвенковски ја имаше не како проштална на претседател на Македонија и Врховен командант на нејзините оружени сили односно на АРМ, туку како прва на „старо- новиот“ лидер на СДСМ и, се разбира, идниот најголем македонски опозиционер.
Критиките кои не пропушти да и ги упати на актуелната македонска власт странските дипломати во земјава ги слушнаа како од човек кој не е се уште дел од неа и оти не сноси никаква одговорност за тоа што, според него, многу нешта од актуелниов миг се „црни“. Особено она што се однесува на динамиката со која земајва ги исполнува условите за својата европска интеграција.
Црвенковски наведе 5 според него клучни прашања најнепосредно поврзани со иднината на Македонија: успешни евроатлански интеграции, одржлив економски развој, континуирано хармонизирање на меѓуетничките односи, развој на демократијата и владеење на правото и ефикасно и политички неутрално функционирање на државните институции.
Дипломатската култура не им даде на амбасадорите на ЕУ и земјите членки на Советот за безбедност при ОН да го прашаат Црвенковски зошто како претседател не се (из)борел да не се заборават 8- те услови за македонско членство во Унијата „на сметка на организирањето на изборите“ (и претседателските и локалните беа редовни, освен парламентарните минатата година):
„Но што станува со сите други обврски освен оние за визната либерализација каде што работата е практично завршена? Секоја објективна анализа ќе покаже дека последнава година, особено по самитот во Букурешт, преокупирани со организирањето избори и личниот и партиски успех на нив, како и со низа дневно- политички и популистички прашања, конкретните евроатлантски проекти практично исчезнаа од фокусот на политичката сцена во Република Македонија.“
Се разбира, главен акцент на средбата беше спорот што го има Данајската република (Грција) со името на земјава. Интересно, наместо гаранции, како досега (на чиј апсурд посочив во текст на овој блог), овојпат Црвенковски побара Македонија да се соочи со реалноста и да направи со јужниот сосед „фер компромис“ кој нема да го „загрози“ македонскиот идентитет. Треба да се очекува да биде поконкеретен како „старо- нов“ опозиционен лидер. (Патем, за опозицијата, се чини, прифатливото решение „Република Северна Македонија“ воопшто не е „фер“, а директно го загрозува идентитетот; наместо „македонски“ (народ, јазик, култура, историја, традиција итн.) ќе имаме- ќе бидеме (и „внатрешно“ и „надворешно“) „северномакедонски“).
„Македонија треба да се соочи со реалноста и да најдеме фер компромисно решение за името за да не губиме драгоцено време, бидејќи мала држава како Македонија не смее да си го дозволи тоа“, истакна Црвенковски.
Претседателот во заминување излезе со очекувана критика и јасна заложба за она што е обврска и одговорност на Владата:
„Мора да се направи пресврт и да се прекине со игнорирањето на проблемите. На Македонија и е неопходен аранжман со ММФ и поради финансиска поддршка и поради дисциплинирање на државните финансии“.
Според водечките странски амбасадори во Македонија, ситуацијата не е розова. Некои отворено, а некои во ракавици упатија пораки за промена на политичкиот курс дома и во надворешната политика.
Амбасадорот на Кина, Донг Чунг Фенг, неколку пати повтори дека без добрососедство и „решавање на споровите со соседите“ е невозможен развој на Македонија.
„Пријателите може да се избираат, но соседите не“, порача тој.
За Британија идните години за Македонија ќе бидат тешки и поради последиците на светската економска криза.
„За Македонија прашањето кое треба да се реши во следните години е како таа да се справи со сите оние проблеми кои произлегуваат од разрешувањето на светската економска криза. Можеби најдобриот одговор е поттикнување на претприемништво, иновација и креативност“, рече амбасадорот Ендру Ки.
Францускиот амбасадор Бернар Валеро предупреди дека иднината на Македонија е во Европската унија:
„По изборите треба сите да се мобилизираат во спроведувањето на критериумите што ги постави ЕУ. А еден од нив е професионализација на администрацијата и на јавните служби“.
Очекувано, најотворени пораки упатија амбасадорите на САД, Филип Рикер, и на ЕУ, Ерван Фуере. Рикер истакна дека Америка ќе помогне за членство на Македонија во НАТО, но е потребна упорност за да се дојде до компромис за името. Истата порака САД му ја упатува и на јужниот сосед. Фуере оцени дека по изборите е многу важно Владата да вложи напори за да ја врати довербата на граѓаните во државните институции. Според него, одговорноста за раководењето со државата е уште поголема откако власта е во рацете на една партија. Ја советува Владата да прифаќа критика и да сослушува спротивставени ставови.
За разлика од дипломатите претставници на членките на НАТО, рускиот амбасадор Владимир Солоцински смета дека членството во Алијансата нема да и помогне на Македонија во натамошниот развој:
„Сериозно размислете дали Ви треба НАТО. Ние сме убедени дека проширувањето на НАТО, кој е идеолошки застарен воен блок, анахрон, кој му припаѓа на времето на студената војна, е стратегиска грешка“.
Притоа изби мала „полемичка искра“: Црвенковски се обиде да му ја објасни македонската надворешна политика, дека „Македонија не решава дали ќе биде со Брисел или со Москва“. Во одговорот Солоцински го имаше предвид предлогот на рускиот претседател Дмитриј Медведев, даден минатата година- да се организира европска средба на високо ниво за проблемите на безбедноста на која ќе биде разгледан општ европски договор со учество на сите европски држави, но не како обединети во блокови, туку како суверени држави:
„Очигледно е дека интеграцијата на Македонија во Алијансата нема да и нанесе штета на Русија. Прашањето е во друго, дали тоа ќе биде од корист за Македонија и европската безбедност во целина. Според нас не сосема“.
Оценка на сите дипломати е дека земјава треба да продолжи со реформите за да добие датум за преговори со ЕУ, а дел од нив искажаа загриженост од, како што велат, етничката поделба во земјата која може да биде пречка за иднината на Македонија.
Официјалното предавање на функцијата на Бранко Црвенковски ќе биде на 12- ти мај кога ќе ја преземе новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов.






