Недостиг на почит спрема делата- вредностите
Не велам дека во нашево општество (па и држава) нема почит, туку постои веќе хроничен недостиг од него кога се работи за творештвото- делото, за нивните автори, за она што значи најголемо, може да се рече и единствено препознавање во светот. Нема потреба од приведување на недоброј примери како аргументација. Доволно е да се спомне „освестувањето“ дека имаме извонредни личности (творците се пред се тоа) што одвреме- навреме ни го приредува „странството“, кога ќе награди со своја награда- признание некој „наш“ кој успеал да му се претстави, да му се наметне со создаденото и/или создаваното.
Сепак, само ќе посочам на еден од последните примери на „драстичен“ недостиг (ќе го сочувам за „разработка“ во друг прилог и во друг контекст):

Слушаме и читаме секојдневна „врева“, особено од опозицијата, за „огромните пари“ што Владата ги „фрла“ на споменици кои наскоро ќе го красат („вревачите“ тоа го потенцираат со иронија) центарот на Скопје, наместо да му ги „подари“ на загрозениот (приватен) бизнис. А нема ниту збор, макар само во „независните“ медиуми, за нивните автори. Како да се тие дела на Владата, како таа да ги замислила- создала (во тек е нивната реализација), што би значело дека ни е ептен уметничка- творечка!
Очигледно (засега) никого не го интересира кој е авторот на грандиозниот (без наводници) споменик на Алксандар Македонски (без оглед што се уше се лее) и какви естетски, уметнички вредности поседува. (Го спомнувам него оти од сите прифатени на конкурс тој на оние без основна култура и критериум за вредното најмногу „им боде очи“).
Од уметниците- творците пред кои треба да се поклониме, со кои мораме да научиме да се гордееме (ова се однесува најмногу на политичарите и бизнисмение), е секако Рисима Рисимкин- кореографка, танчарка и директорка на „Танц-фест“ – Скопје.
За оние кои првпат читаат за неа (сигурен сум дека се „поприлично“ на број):
Рисимкин магистрирала на Универзитетот во Пловдив, Бугарија, на Академијата за музичка и танцова уметност (АМТИ), отсек кореографија, балетска режија и педагогија, со звање балет- мајстор. Член е на Извршниот совет на ЦИД УНЕСКО, Париз, Франција. Во 1996- та година го основа културниот центар „Интерарт“, преку чии активности ја развива македонската современа танцова сцена. Деновиве го организира 5- тото издание на Меѓународниот фестивал за современ танц „Танц-фест.
Повод да гo свртам вниманието на неа е нејзиното најново дело (кореографија и режија), современиот балет „Делови“, што го реализира во Музејот на современа уметност во Скопје. Се работи за мултимедијален проект во кој публиката е негов активен дел- учесник од почетокот до крајот (на стартот таа е водена до своите места од една од балерините). „Деловите“ што прават „цело“, но едновремено остануваат „свои“ со автентичната форма и содржина, се „раскаѓани“ со танцот, говорот, музката, видеото.
Со оглед на мојата некомпетентност за танцовата уметност, оставам Рисима Рисимкин самата да го „објасни“ својот проект (нејзина изјава):
„Сцената е поделена, така што секоја публика има свое видување за претставата и од сопствен агол секој гледач ќе си направи сопствена приказна. Ние просто нудиме 3 приказни коишто на различен начин ги спојуваме, а секој си ја извлекува сопствената поента. Во принцип се работи за тоа дека секој гледа дел од нештото, како што впрочем е и во животот ако речеме дека секој од нас има свое видување на еден ист настан и секој има своја приказна.
Многу инспиративна беше музиката на композиторот Благој Цанев, која е македонска музика, и едноставно, со ваков спој на современо дело се покажува и безвременоста на таа музика. Значи, има неколку предизвици од повеќе страни“.
Еве и нејзино „видување“ на публиката:
„Јас на секоја средба со скопската публика имам трема. Се трудам максимално, колку што можам како автор и креативец. Она што навистина недостасува е една современа танцова сцена. Значи, нам ни треба еден театар каде што сите овие нешта ќе може публиката преку целата година да ги гледа. Јас ја знам нашата публика, македонската, и знам дека навистина сака да гледа новини. Сигурна сум дека тој театар, еднаш кога ќе се оформи, ќе има извонредна публика“.
Една од ретките оценки во печатот, всушност кратка „пригодна“ белешка:
„Модерна и ефектна беше новата кореографија на Рисима Рисимкин која доживеа премиера во Музејот на современата уметност. Под наслов „Делови…“, со поднаслов „Три различни точки на гледање“, Рисимкин уште еднаш, освен концепцијата на богатата понуда на „Танц-фест“, на публиката и подари нешто свое – екстравагантна претстава за светски сцени. Ги видовме Александар Монахов, солист во Државниот балет во Висбаден, Германија, а негови партнерки беа балерината Елисавета Скаловска и глумицата Сања Арсовска.
Атрактивните костими се на Благој Мицевски, а музиката е на Благој Цанев“.
Можете ли да претоставите колкумина на број, како дел од публиката, беа од политичарите и бизнисмените? А колкумина „обични“ односно „недоволни“ познавачи на балетската уметност, но добри познавачи и „чувствувачи“ на естеското- уметничкото (помеѓу нив и мојата дребност- нека ми биде простено за нескромноста)?







мај 7th, 2009 at 10:00
Ај не се прави на удрен, сите податоци (и за авторите на спомениците) се чуваат тајно, без никаква можност за јавна дебата или оценување.
И што ја мешаш Рисимкин со глупостите со спомениците!? Срам да ти е.
мај 7th, 2009 at 23:31
Обичен читателу, не се правам јас на удрен, туку ти!
На пример, „Утрински весник“ (се разбира и други медиуми) објави серија на прилози за спомениците „на Владата“, во кои „откри“ многу, можеби и се (како ли само му успеа?): и дека имало конкурс за нив (на кој наши врвни уметници биле дури лично поканети да учествуваат, но одбиле- како што своевремено изјави академик Томе Серафимовски), и кои дела биле избрани, а вчера (пак во „Утрински“ со наслов: „Малку познати имиња меѓу авторите на идните споменици“) се објавени и имињата на нивните автори. Дали поради „тајноста“ немало можност за јавна дебата или оценување, па сега е „предоцна“, треба најнапред да ги прашаш нашите ликовни уметници, пред се скулпторите. Не верувам дека не знаеле ништо, се правеле дека „не се од тука“, бидејќи авторите се нивни колеги (нема врска дали малку познати, млади, неафримирани…).
Не знам зошто би требало јас да се срамам, а не ти кога, без да видиш нешто и без оглед дали знаеш или не за скулпторската уметност, дали имаш критериум за естетското односно вредното, даваш суд дека се работи за „глупости со спомениците“ (исто како Гордана Дувњак во „Утрински“, која однапред ги прогласи за кич!).
Значи, скулпторот Жарко Башевски, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и раководител на Одделот за вајарство, е кич уметник, како и е неговите помлади колеги Валентина Стевановска, Богоја Ангелкоски, Дарко и Елена Дуковски, Димитар Филиповски, Роза Павлеска, Војдан Запров, Перо Кованцaлиев, Слободан Милошевски и Ангел Коруновски. Признавам, не го познавам нивното творештво, нивните естетски гледишта, ориентации, заложби итн., а и моите познавања од скулпторската уметност се повеќе од скромни, па не се осмелувам, како ти и „твоите“, „однапред и одзади“ да ги оценувам односно осудувам. А токму тоа е поентата на прилогов (препорачувам да го прочиташ уште еднаш): синдромот на непочитување, омаловажување, унижување, маргинализирање, ништожење, етикетирање (не велам дека е македонски) продолжува да „ровари“ помеѓу нас.
И самиот сум творец- писател (можеби си прочитал нешто од моите книги, па си ми го „нашол“ местото во современата македонска литература, се разбира според сопствените знаења и критериуми), па добро знам што е создавање, творечки чин и процес, што е дело, а најмногу како се изразува- искажува- докажува почит кон творецот. Рисима Рисимкин воопшто не ја мешам со „глупостите со спомениците“, туку со односот спрема неа како творец и нејзиното најново дело. (Знаеш ли што значи да се биде член на Извршниот совет на ЦИД УНЕСКО? Да не прочита првпат во мојот текст?) Треба ли да те потсетувам на Симон Трпчевски кој ни го откри како голем, светски уметник принцот Чарлс? Сакаш да ти „редам“ други? Ќе беше ли „мешање“ ако го земев него за пример?
Бидејќи најмногу „врева“ (во наводници оти не сум сигурен дека веќе не преминала во неконтролирано врескање) се крена- се крева за споменикот на Александар Македонски и неговата фаланга (значи има и „придружна содржина“- негови војници; тој ќе биде висок 12, а постаментот 10 метри метри.), би било коректно „да се слушне и другата страна“- авторката Валентина Стевановска. Барем колку да ни го „доближи“ својот уметнички светоглед. Тоа и пишува во овој текст (прочитај).
Што се однесува на примерот со спомениците, во текстот (прочитај) во заграда стои дека ќе го сочувам за „разработка“ во друг прилог и во друг контекст. Се разбира, и „глупостите“ околу нив.
Патем, дали ти е познато колку споменици на Александар Македонски се подигнати во светот? Дека „прилично грандиозен“ е подигнат и во Шкотска (каква врска има таа земја со него)? Зошто Данајската република (Грција) ќе подига негова статуа во Ирак? „Прошетај“ на Интернет.