Македонските тинејџери се по(не)европски од европските
Независната истражувачка мрежа ЕСПАД, која опфаќа 40 земји во Европа, направи истражување на една важна проблематика: колку тинејџерите односно адолесцентите на возраст помеѓу 16 и 18 години (не) стојат „црвсто на земја“ или, конкретно, колку пушат, пијат алкохол и таблети за смирување. Во секоја земја, помеѓу нив и Република Македонија, е спроведено на примерок не помал од 2.500.
Резултати:
Во однос на употребата на алкохол и дроги во училиштата, 57% од македонските адолесценти пробале алкохол, наспроти 82% од нивните врсници во Европа. 32% консумираат алкохол, а во европски рамки тој просек изнесува 51%.
58% од адолесцентите во Македонија пушат цигари, а истото го прават 68% од нивните европски врсници.
Марихуана, пак, пробале 8% од Македонците на возраст од 16 до 18 години, наспроти 16% во Европа.
7% од македонските адолесценти користат седативи, додека во европски рамки тој просек е 6%.
Сенасе, младите Македонци (не е наведено дали се работи за етнички или за граѓани на Македонија припадници на различни етникуми, што е многу важно при вакви истражувања)
помалку пушат и консумираат алкохол од своите врсници во Европа, но за 1% повеќе користат седативи.
И токму тој процент за медиумите беше „предизвикувачки“, за некои коментатори дури и алармантен. А се работи за очекуван односно „нормален“. Имено, не само адолесцентите, туку кога би се направило споредбено истражување на сите возрасни категории сигурен сум дека резултатот би бил попоразителен.
Се разбира, мислам на секојдневните премрежија, социјално- економски, општествено- политички и секакви други потреси, од ден на ден се поголеми и посилни, што ги доживуваат граѓаните на Република Македонија, а се неспоредливи, немерливи со оние на кои се изложени „Европјаните“ и не можат да се подведат под „заедничката“ категорија- стандардот. (Ние само „референтно“ не им припаѓаме, туку според евробирократските ступидни „главни глави“сме „недефинирани“ односно „фиромски“.)
Имајќи го предвид претходното укажување (доволно е да го третирате така), може да се оцени дека младите ни се „извонредни“ и нашава држава нема проблем со својата иднина. Повозрасните се сеќаваат на „титовската“ оптимистичка односно утешителна: „Народ што има таква младина…“.
Шегата настрана, резултатите на ЕСПАД за македонските тинејџери, не споредбено со оние во другите европски земји, се загрижувачки од друг аспект: тие се понекритички го прифаќаат декадентното, деструирачкото „европско“ односно западно „развиено“ живеење. Особено кога станува збор за консумирањето на алкохол и пушењето (пробањето на дрога е помалку проблематично отколку зависноста од неа; податок кој македонските агенции и медиумите не го пренесоа- веројатно такво истражување не е спроведено). Зашто се однесува на „изгубена генерација“ која не учи, не гради критичка свест спрема вредностите на животот и она што го деградира, го уништува; не создава одбранбени механизми (етички, хумани, семејни итн., па и алтруистички наспроти егоистички); не спортува односно не води здрав живот.
Младите „Европјани“ сето тоа веќе го согледуваат, се „поправаат“, ама додека тој „трендовски ветер“ задува и кај нас…






