Македонија и регионот пред се поголеми удари на светската економска криза
Напоредно со пакетот кризни мерки, Владата на Македонија работи и на вториот мошне важен проблем, еден од клучните за моментно, но и среднорочно спротивставување на економската криза која и на земјава и се заканува со рецесија. Таа се уште не е „стасана“, но сериозно, се посилно тропа на врата со реални шанси насилно да ја „искрши“. Се работи за обезбедување на „свежи пари“ со кои ќе биде амортизиран финансискиот дел од кризата. Притисокот станува се поголем со оглед на очекуваниот пад на интересот за државните записи кои се случи денеска.
Будно се следат и случувањата во соседството, регионот и пошироко за навреме и подготвено да се пречека „прелевањето“, да се случат исти или слични „дејанија“. Прогнозите на ММФ и реномираните светски стручњаци и аналитичари се се попесимистички.
„Кој ќе преживее ќе има што да раскажува“.
Вицепремиерот Зоран Ставревски и министерот за финансии Трајко Славески ги завршуваат преговорите со водечките банки во Лондон за обезбедување на пари од надворешни извори за намалување на буџетскиот дефицит. Како што тоа го сторија или го најавуваат други земји, најверојатно ќе се оди на издавање на еврообврзница како најповолно решение. Можно е тоа да се случи преку една од банките со кои земјава веќе соработуваше.
Овој модел на задолжување беше применет во 2005- та година (министер за финансии беше Никола Поповски), а тогашната Влада издаде евро- обврзница во вредност од 150 милиони евра, со рок на доставување од 10 години. Парите беа искористени за враќање на долговите кон Лондонскиот клуб на доверители.
Станува збор за обврзница со која наеднаш се собираат пари (бараната сума), се издава во валута на една земја, а се продава на други национални пазари. Освен што вкупната сума се враќа по истекот на рокот, секоја година им се исплаќаат и камати на оние што ќе ја купат.
Хрватска најави продажба на евро- обврзници од најмалку 750 милиони евра, со оптимистичко очекување (нереално?) дека ќе ја достигне сумата од една милијарда. Тие пари Владата проценува дека ќе и бидат доволни за да ја преживее годинава и да ги плати долгувањата. Инаку, показателите за моментната состојба на хватскта економија се поразителни (земјата не е во рецесија, но уште во јануари годинава ЕБРД оцени дека е; на една средба со стопанственици истиот месец претседателот Стипе Месиќ изјави дека лично смета оти земјата се уште не е во целосна ецесија „но рецесијата веќе не зафати“): во првиот квартал од годинава извозот е намален за цели 22,6% во однос на минатата година, увозот е помал за 11,9%, а покриеноста на увозот со извоз изнсувала 51%, што се смета за добар резултат. Поради зголемени обврски за отплата на надворешни кредити, годинава се очекува уделот на надворешниот долг во БДП да изнсува над 90%, односно е нужно за отплата да се обезбедат 11 милијарди евра.
А како што се очекуваше и беше најавено од македонската Владата, интересот за државните записи почна да паѓа. На денешната аукција се очекуваа 42,2 милиона евра, но се собраа 4 пати помалку- 10,5 милиони евра. Во банкарските канали и во стопанството се вратија 34,4 милиони евра кои доссега беа врзани за записи, а денеска им истече рокот за исплата. Каматите на записите беа пониски во однос на претходната аукција.
Економската криза „коси“ и во соседна Србија, особено кај малите и средните претпријатија. Според податоците на Агенцијата за стопански регистри, од 1- ви јануари до 13- ти април оваа година од регистерот на стопански субјекти се избришани 10.508 претприемачи, односно 5% од вкупниот број на запишани. Во претприемачи спаѓаат занаетчиски работилници, самостојни трговски продавници за продажба на стока за широка потрошувачка или продавници со специјализирана стока, салони за убавина, фризерски салони, стоматолошки и ветеринарни ординации и агенции за давање на различни услуги.
Енормно голема е и задолженоста на претпријатијата- во февруари беше објавено дека таа изнсувала 2 милијарди и 300 милиони евра, а сметката на секоја шеста компанија била блокирана (58.000). Според податоците на Народната банка на Србија, на сметките на претпријатијата биле блокирани повеќе од 216 милијарди динари. Стопанствениците им должат на банките за кредити, на државата за данок или на добавувачите за стока.
Главните причини за неликвидноста се доцнење на наплатата, превисоки вкупни даноци и придонеси на заработувачката, нелојална конкуренција на „сивата економија“ и авансниот данок на додадена вредности. Како причина се наведуваат и бирократијата и корупцијата, малиот обртен капитал без никакви олеснувања при почнување на бизнис, како и двојно повисоките цени на струјата, водата и комуналните услуги, комуналните и другите такси.
Може да се забележи дека повеќето од нив се „товар“ и за македонските компании, но таа- задолженоста, иако според сите анализи е исто така мошне голема, се уште не е дојдена на „дневен ред“.
Потсетувам на полугодишната светска економска прогноза на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ): глобалната рецесија ќе биде долготрајна и длабока, а опоравувањето на светската економија ќе биде бавно и слабо, со слаб доток на капитал особено во економиите во настанување кој ќе ја погоди Источна Европа.
Како што изјави Стефан Данингер, економист на ММФ, секоe поместување кон подобро само ќе подразбира дека наместо екстремни нивоа на притисоци ќе зборуваме за мошне високи притисоци во економијата.
„Рецесијата ќе биде помалку жестока доколку владите ги зголемат своите стимулативни расходи“, посочи ММФ, додавајќи дека фискалната политика е поефикасна од монетарната.
Утре ќе биде објавена новата, ревидирана прогноза за глобалната економија. Според последните објавени проценки, глобалниот бруто домашен производ ќе се намали за 0,5% до 1%, што е најмногу од големата економска криза во 30-тите години на минатиот век. Опоравувањето на економиите се очекува да започне во првата половина на идната година. Притоа се предупредува на опасноста од дефлација, бидејќи за економиите таа претставува поголема опасност од инфлацијата.
Целиот подрегион на Јужна и Југоисточна Европа, во кој ММФ ги вклучува Хрватска, Бугарија и Романија, годинава ви требало да забележи пад на економските активности за 3,6%, а во 2010- та година тој би требало да се забави на само 0,2%. Поширокиот регион на Европа годинава ќе забележи пад на активностите за 3,7%, а во 2010- та би требало да следи опоравување и раст за 0,8%.
Активностите во светската економија годинава ќе се намалат за 1,3%, а следната се очекува опоравување и пораст на БДП од 1,9%.
Според најновите прогнози на ММФ, американската економија годинава ќе забележи пад на активностите за 2,8%, а во 2010- та ќе уследи стагнација со нулта стапка на раст.
Економијата на еврозоната годинава ќе забележи нагло опаѓање на активностите, за дури 4,2%, а во 2010- та тој ќе се забави на 0,4%.
Во Јапонија економските активности во оваа година ќе бидат намалени за 6,2%, а во идната ќе биде забележан раст во висина од 0,5%.
Идната недела се очекува Фондот да ги објави деталните прогнози за секоја држава поединечно.

Во меѓувреме и Велика Британија објави дека нејзината економија, која е подолго време во рецесија, западна во дефлација. Имено, малопродажните цени во земјата во март забележале прв годишен пад во близу 50 години.
Податоците на Националното статистичко биро покажале дека индексот на малопродажните цени (RPI), што е мерило на годишната стапка на инфлација кое ги вклучува и трошоците за исплата на заеми за купување на куќи, во март изнсувал 0,4%.
Отплатата на хипотекарните заеми во последните месеци е драматично снижена за многу сопственици на недвижнини, зашто банките ги намалиле каматите како одговор на намалувањето на трошоците на кредитирање на Централната банка на Англија.
Индексот на потрошувачките цени (CPI) во март ослабел на 2,9% на годишно ниво, што е најниска вредност од март 2008- ма, но се уште значително над границата од 2% што ја постави Банката на Англија.
Најновите податоци го поттикнаа стравот дека дефлацијата, или долготрајниот период на снижување на цените, би можела да и донесе додатни проблеми на британската економија веќе погодена со рецесија.






