Катанец- „селекторска епизода“ што брзо ќе се заборави

Треба, со оглед на (не)постигнатото со македонската фудбалска селекција, но не и како тотално погрешен ама добро пресметан (наплатен?) потег на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Хари Хаџиристески.
„Доследноста“ во покривањето на заедничкиот пораз се потврди денеска во ФФМ со потпишување на договор (!) со кој престануват сите обврски на досегашниот селектор, кој неформално „замина“ на 6- ти овој месец, а функцијата „формално“ ја извршуваше заклучно со 1- ви април годинава. (Нешто не ви е јасно? А зошто треба да ви биде?).

Во врска со денешната „свеченост“, треба да се забележи уште нешто (по што можеби се ќе ви биде јасно): досегашниот договор е раскинат спогодбено, со што Катанец е ослободен од функцијата селектор која требаше да ја извршува до крајот на квалификацискиот циклус, и тоа без никакви финансиски побарувања и компензации (отштета) од ФФМ за периодот по 1- ви април до завршувањето.
Морам да признам дека, и покрај „просечното“ следење на професионалните фудбалски збиднувања кај нас и во светот, ваква широкоградост и солидарност досега ниту сум чул или прочитал, ниту сум видел (можеби токму затоа).
Треба да се запамети „пригодната“ изјава на Хаџиристески, а во „контекст“ на незадоволството од состојбите во македонската фудбалска репрезентација односно постигнатите резултати на „преостанатите“ поддржувачи на мак- фудбалот и на самите фудбалери, а за стручњаците и другите спортски „работници“ ич да не правиме муабет:

„Морам уште еднаш да потенцирам дека сум задоволен од работата на досегашниот селектор, кој успеа од самото свое доаѓање да наметне стил на работа со ред и дисциплина, што беше одлично прифатено од репрезентативците и јавноста. Македонската репрезентација под негово водство го оствари највисокиот рејтинг на листата на ФИФА и одигра серија на добри натпревари“.
„Го прифативме барањето на Катанец за оставка на функцијата и неговото образложение дека не може да ја врати атмосферата во националниот тим на посакуваното ниво, со цел да овозможиме репрезентацијата без потреси да ги одигра квалификациските дуели со Норвешка и Исланд. Се разделивме во коректна атмосфера. Катанец нема никакви побарувања повеќе од ФФМ, освен оние што му следуваат заклучно со 1- ви април и во наредните денови ќе се фокусираме на изборот на нов селектор кој ќе треба да ја врати пред се атмосферата во тимот за што подобро претставување на следните средби во Скопје“.
Значи, не се работи за порази и неуспех, ниту за инцидентни (резултат на импровизација и расположение односно инспирација, малку инает и пркос) а не континуирани добри резултати (како потврда на системска и темелна работа). Најмалку, пак, за драстичниот пад токму на рејтингот на селекцијата на листата на ФИФА. Станува(ло) збор за тоа што човекот (Катанец) веќе не бил во „состојба“, не неспособен, ве молам, „да ја врати атмосферата во националниот тим на посакуваното ниво“. Па затоа ФФМ односно Хаџиристески под итно ќе мора да најде нов селектор, таков- „во состојба“, кому тоа ќе му биде прва и првостепена задача.
Самиот Катанец го „закатанчи“ образложението за „гаснењето“ на големата љубов со првиот човек на ФФМ, искрено признавајќи дека е многу чувтсвителен кога „дел од игачите со медумите“ имаат „специфичен однос“ со него. Дури и изненаден како „малиот инцидент“ со Пандев негативно се рефлектирал и предизвикал поделба помеѓу фудбалерите во Сустдајнен (пред мечот со Холандија кој Македонија го изгуби со 4:0).
Новинарите, кои од „лицето на местото“ известуваа од Амстердам, детално известија за „малиот инцидент“.
Состојбата во националниот тим ескалирала во последните денови во Сустдајнен, базата каде што се подготвуваше за квалификацискиот дуел со Холандија, а причина била вербалната пресметка помеѓу селекторот Среќко Катанец и напаѓачот Горан Пандев. При прошетката на нашите репрезентативци низ Утрехт, Пандев, кој се жали на болки во ногата, го прашал Катанец дали мора и тој да биде дел од разонодата, на што селекторот возвратил:
„Кој не сака не мора, кому не му се допаѓаат моите принципи на работа може слободно да си замине“.
Пристрасното известување процени дека „само толку“ требало за да успее сценариото смена на селектор (без да се дадат „деталите“ од него и да се „афирмираат“ авторите), да се покаже со прст дека Катанец е единствениот и главен виновник за лошите резултати во квалификациите за СП 2010- та, а со тоа и да се сокрие нашата фудбалска немоќ.
Потоа не успеаја ниту дипломатските обиди за надминување на подгреаната тензија и недоразбирањата помеѓу дел од фудбалерите и селекторот кои подолго време тлееја во репрезентација (значи не станува збор за „мал инцидент“!).
Се разбира, „сценариото“ негативно се одрази врз продолжението на подготовките и во самиот дуел со Холандија. Се повлекоа Вујадин Станојковиќ и Уран Имери, досегашните асистенти на Катанец, како и Данчо Целески, тренерот на голманите- кои го сочинуваа Стручниот штаб.
А рекапитуларот на најскапо платениот селектор во досегашната историја на македонскиот репезентативен фудбал (се разбира, „посредно“ и на досегашното „мошне успешно“ раководење на Хаџиристески со ФФМ) не е баш за (само)фалење, туку напротив.
Прво мал потсетник:
Среќко Катанец беше осми на ред селектор на македонската фудбалска репрезентација. Прв „кормилар“ беше Андон Дончевски, а по него на „главната клупа“ седеа уште Ѓоко Хаџиевски, Драган Канатларовски, Никола Илиевски- Џиџи, Ѓоре Јовановски, Слободан Сантрач и Бобан Бабунски. Од нив само Канатларовски двапати беше именуван и разрешуван како селектор. Рекордер според времето односно „издржувањето“ (па и без наводници) како селектор е Ѓоко Хаџиевски. Тој ја предводеше селекцијата на Македонија 3 години и 6 месеци, а под негово водство таа беше најблиску до освојување на второто место во група во еден квалификациски циклус.

Квалификацискиот циклус за СП 2010- та во Јужна Африка е втор во низа под водство на Катанец. Словенецот ја презеде репрезентацијата на 17- ти февруари 2006- та година, откако потпиша 2- годишен договор со ФФМ да ја води Македонија низ квалификациите за ЕП 2008- ма. На 21- ви декември 2007- ма тој го продолжи договорот за дополнителни 2 години.
Катанец ја предводеше нашата селекција на 27 меча, од кои 16квалификациски и 11 пријателски. Во нив Македонија забележа 9 победи, 7 реми и 11 порази, постигна 27 гола, а прими 29. Стартуваше со пораз во пријателски меч од Бугарија во Скопје, со 1:0, а потоа во исто така пријателски мечеви ги победи Еквадор во Мадрид и Турција во Крефелд, во мај 2006- та година, репрезентации кои подоцна учествуваа на СП 2006- та во Германија. Во пријателски средби селекцијата изгуби уште од Црна Гора, ги совлада Луксембург во гости, Албанија во Скадар и ремизира против Молдавија, Нигерија, Србија, БиХ и Полска.
Во квалификациите за ЕП 2008- ма беа извојувани 2 победи над Андора, доживеани 2 пораза од Израел, потоа пораз и победа со Хрватска, 2 пораза од Русија, пораз и реми со Англија и победа и реми со Естонија.
Во квалификациите за СП 2010- та во Јужна Африка македонската селекција досега одигра 4 меча во кои доживеа 3 порази- од Холандија (1:2 и 0:4) и 1 од Исланд (0:1), а извојува една победа- над Шкотска (1:0). Моментно се наоѓа на 4- тата позиција во групата.
Пораката на Катанец е оптимистичка и мошне „стручна“:
„Презадоволен сум од прикажаните игри за време на мојот престој во Македонија, со мали исклучоци. Можеби работите ескалираа по оној несреќен пораз од Исланд кој драстично ги поремети нашите планови, но не и амбиции. Со 2 победи во Скопје Македонија може да ги задржи шансите за 2- то место во групата и затоа сметам дека мора да ме наследи некој кој ќе ја врати атмосферата во националниот тим, а што е основен услов за добри игри во продолжението од квалификациите“.

Според некои најави (или шпекулации), шефот на стручниот штаб на Црвена Ѕвезда, Чедомир Јаневски, е најсериозен кандидат за нов селектор на македонската фудбалска репрезентација.
„Просечните“ набљудувачи и проследувачи на состојбите во македонскиот фудбал, во кои скромно ја сместувам и својата дребност, одамна воопшто не ги интересира атмосферата во националниот тим (тоа е дел од педагошката и психолошката работа на Стручниот штаб), туку единствено резултатите, во конкретниов случај пласман на СП во 2010- та година. Тие не знаат и не сакаат да знаат за „атмосфера“ не само во фудбалот, туку секаде каде што владее професионализмот (бидејќи се подразбира).
Знаат само за работа односно игра во и по 90- те минути, а пред се одговорност, докажана гордост и чест оти се носи репрезентативниот дрес!






