За евробирократската глупост
Нема голема, средна, мала глупост, ниту за смеење, потсмевање, одбивање, игнорирање. Според сушноста, таа е немерлива односно бесконечна, но најважно за неа, како што потенцира еден учен, е дека секој поединец може навистина да биде глупав, но глупоста како резултат е тимска работа. Можеби е поважно дека е грев, а најважно тоа што и во минатото и денес, како што забележал за сите времиња Шопенхауер, во светот главно царува злото, а главен збор има глупоста.
Сепак, кога слушам, гледам и следам што се случува со глупоста која мошне често, да не речам секојдневно излегува од „главите“ на евробирократите, особено на оние во
Брисел кога станува збор за „случајот БЈРМ“ (оригиналната глупост што „милозвучно“ е наречена „референца“ е FYROM), некако најпогодна е онаа на Сенека: „Помеѓу другите неволји, глупоста ја има и оваа особина- секогаш се повторува“.
Најновата од евробирократските „глави“ во Брисел е замената на терминот „македонски“ и меѓународниот код „МК“ со „да се дефинираат“!
Се разбира, не се сите во европската „престолнина“ (е тоа?) толку ступидирани да нема помеѓу нив и мудри и разбрани, па повторувањето и постојаното богатење на глупоста им стануваат неподносливи и реагираат.
Еден од нив е известувачот во Европскиот парламент за Македонија, Ерик Мејер. Како што јави радио Дојче веле, програма на македонски јазик, тој од Европската комисија побарал да потврди дали општоприфатените термини „Македонци“ и „македонски“ и кодот на земјата „МК“ од неодамна се заменети со назнака „ќе бидат дефинирани“. Притоа прашува дали ЕК води сметка дека „со креирањето на ваква неизвесна ситуација спорот се шири во нови области, кои се многу почувствителни, бидејќи навлегуваат во националниот идентитет и стануваат невозможни за решавање“.
Изјавата на Мејер:
„Бев информиран дека во официјалната терминологија на ЕУ зборот „македонски“ нема веќе да биде користен, како што се практикуваше до 2008- ма година. Тоа беше причината поради која побарав официјално објаснување од Европската комисија. Одговорот на Комисијата е дека нема промена, се наоѓаме во луда ситуација која нема да има последици за ЕУ, но која и прави задоволство на Грција“.
А „лудата ситуација“ во која се наоѓа ЕУ кога е во прашање Република Македонија ја потврди претседателот на ЕК, Жозе
Мануел Баросо: точно е оти до скоро се употребувале стандардните имиња, а од летото 2008- ма година била донесена одлука тоа да се смени. Така, во меѓуинституционалниот водич, контролиран од Бирото за официјални публикации на Европската заедница, терминот „македонски“ и меѓународниот код „МК“ е заменет со „да се дефинираат“. Комисијата, поточно Баросо притоа тврди дека сите референци во документите и публикациите биле во стриктна согласност со резолуцијата 817/93 на Советот за безбедност на ОН.
Холандскикот европратеник точно- со право оценува дека е тоа всушност симболичен подарок на ЕК за да се задоволи Грција, која го оспорува користењето на зборот „македонски“ за јазикот и народот. Потсетува на она што го знае или би требало да го знае секој макар просечно умен и разумен:
„Не постои ниту „фиромски“ народ, ниту „фиромски“ јазик, тој ќе биде само македонски“.
Да, ама не. Очигледно, за Баросо & comp. постојат, па ред е, колку за „голо информирање“ на европската и светската јавност, да (до)каже од каде се тие „дојденци“, од која планета и, што е поважно, дали се понапредни, поцивилизирани, покултурни (мислам на културното наследство што го донеле со себе). А пред се дали се дојдени во мирољубива или освојувачка мисија. Може да ги прашаат своите пријатели Данајци (за некои се уште Грци) каде се наоѓа планетата FYROM, во нашата или во некоја од блиските ни галаксии. А не би било лошо да седнат заедно и да ја решат контрадикторноста:
Зошто „фиромци“ ќе бидат допрва дефинирани кога се тоа? Да не се мисли „случајно“ дека не е во прашање нивното постоење (што е најважно, личат на луѓе, исти се како нив според лика и прилика), туку нивното минато, сегашност и иднина?
Не ми е јасно зошто Господинот Мејер е загрижен поради одложувањето на датумот за почеток на преговори за членство на Република Македонија во ЕУ, и покрај препораките на Европскиот парламент, кога, нели, не се работи за неа, туку за FYROM (белким Европската унија нема таква болна амбиција- со нејзиниот прием да стане меѓупланетарна!). Данајското (грчкото) противење не може, туку треба да потрае со години зашто е нормално најнапред во неа да се зачленат се уште незачленетите на европскиот континент, помеѓу нив и Република Македонија. Тој оценува дека данајското (грчкото) противење може да потрае со години. Ако е во прашање Република Македонија (се чини дека е), тоа е сосема друг проблем. Колку што можам да го разберам Ерик Мејер, својот песимизам го искажува токму на „прашањето“ на Република Македонија:
„Многу е комплицирано. Се сеќавате дека и минатата година беше усвоен мојот предлог, да се отпочне со преговори, но видовте дека тоа не се случи. Ниту имаше одлука од Комисијата, ниту има одлука на Советот на министри за надворешни работи. Мислам дека сеуште имаат дилеми и не брзаат да донесат таква одлука. Се зависи од Извештајот што за Македонија го подготвува Комисијата.
Јас сум многу песимист, бидејќи проширувањето сега не е приоритет. Јавното мислење е против, и владите на државите членки на ЕУ се среќни што располагаат со повеќе време за да донесат одлука. За Европскиот совет проширувањето не е приоритет. Од друга страна, грчкото противење за почеток на преговори со Македонија може да потрае повеќе години. Иако мнозинството во Европскиот парламент го следеше мојот предлог, реалноста ќе биде многу поинаква“.
Утешително за него и за нас е дообјаснувањето на Баросо дека всушност во основа ништо не се менува. Минатата година македонскиот јужен сосед се обидел да направи нешто, но во практика ситуацијата останува непроменета. Нема последици и тоа е главниот резултат.
А проблемот е токму во „главниот резултат“ кој би можел да го формулирам во прашање:
Кој сака да биде дел од средина и околина во која царува глупоста односно лудоста? Особено како некој што допрва ќе биде „дефиниран“?






