Единствена шанса за брз економски развој: производство на домашни иновации

Ни се повторува истата „приказна“, многупати „раскажана“ од други, а ние никако да ја научиме и да почнеме, ако не на други,барем на самите себе си да да си ја „раскажуваме“. Човек помислува дека, кога би почнале да си ги признаваме сопствените вредни луѓе со нивните ведности- дела, творештва, би се нашле во уште понебрана ситуација- да не знаеме што да правиме со нив, па уште побрзо и понастојчиво да ги уриваме, да ги урнисуваме. Зашто, во спротивно ќе не урнат, ќе не урнисаат тие нас.

Па поарно е вака: светот нека ни ги признава, слободно може и да ги прибира, да ги присвојува, а нам ни е супер со „нашиве“, без оглед што не ги бидува, не знаат, никој не ги признава. Важно е дека си се „наши“, а не како тие- „ничии“.
Замислете го ова: Владата го поттикнува и максимално ја стимулира инвоативната дејност, а пред се со максимални „олеснувања“ овозможува изградба на капацитети (фабрики, погони) за нивно производство. Каде бн и бил крајот на Република Македонија? Тоа не знам, ама знам за почетокот: би направила „чекор од седум милји“ кон развиените, па и најразвиените земји.
Еден производ се произведува, „сериски“, но не со поддршка на Владата на оној што го измисли. Таа изостанала кога требало, како што вели изумувачот, пред 10- 20 години, а сега не му е потребна. Ниту за новиот- неговата нова иновација. Првиот е анаеробна станица за прочистување на комунални и индустриски води, а вториот филтерска постројка за сулфур диоксид и димна прашина од големи централи и парни котли. Станицата веќе се користи ширум светот, а „стасала“ дури и на Антарктикот. Филтерската постројка допрва ќе се „пробива“, но нема никаков сомнеж дека тоа ќе се случува мошне брзо.
И двете постројки се дело на Македонецот Јоти Поповски, иноватор, кој две години на ред, 2008- ма и 2009- та (денеска) ја добива големата награда на престижниот светски форум за иновации „Енерџи Глоуб“ за проект во областа на екологијата. Форумот го организира австриска организација, а наградата му се доделува секоја година на еден изумител во секоја држава во светот. Денеска престижното признание, добиено во мошне силна конкуренција од 769 проекти од 111 држави (од Европа наградени 27), на Поповски му го врачи еврокомесарот за екологија Ставрос Димас (со користење на уставното име на државава).
Кој е Јоти Поповски? Роден е во Егејска Македонија, но на 8- годишна возраст е протеран од грчките власти и се засолнува во Романија каде што се школува. Потоа доаѓа во Македонија и работи во „Алкалоид“- Скопје.
Анаеробната станица Поповски ја измислил во 1982- ра година и првпат е пуштена во употреба во 1998- ма во Кондово (за Факултетот за исламски науки). Патентирана е и наградена и од белгиската и од македонската влада во 2001- ва.
„Наградата е доделена поради тоа што моите пречистителни станици не трошат струја, немаат потреба од резервни делови, немаат опрема што се движи – компресори, дувалки итн… Првата ја изградив во 1998- ма година, а од 2001-ва досега работи без некој да интервенира на неа“, вели тој.
Токму така: отпадните води се пречистуваат по природен пат. Имено, во биофилтри, каде што поминуваат загадувачките материи, се наоѓаат бактерии кои ги прават микробиолошки и хемиски чисти. Филтрираната вода е кристално чиста, како млаз од водоводната мрежа. Пречистената вода може да се користи за полевање на тревни или на земјоделски површини.
„Комуналните отпадни води преку колекторски систем доаѓаат до пречистителната станица. Таму поминуваат во еден анаеробен таложник, а потоа течат низ биофилтрите во кои се наоѓаат бактериите. Бактериите прават чудо, нечистотиите во отпадните води ги претвораат во биогас, а прочистената вода се влева во специјално изградениот впивачки бунар. Концентрацијата на метан во биогасот е дури 78%, па доколку станицата се надгради со соодветна опрема тој може да се користи во домаќинствата како природен извор на гас“, објаснува иноваторот.
Во однос на другите станици, кои работат на електрична енергија, таа е многу поекономична, а се изработува брза и евтино. Од станицата не се шири непријатна миризба, а бидејќи е закопана во земја, луѓето не ја ни забележуваат.
Јоти Поповски открива дека идејата за изградба на станица во која отпадните води ќе ги пречистуваат бактерии ја добил од својата мачка:
„Мачките се многу попаметни од нас. Тие нуждата ја вршат во кутија со песок, но од неа не се шири непријатна миризба. Ме заинтригира зошто е тоа така. Заклучив дека во песокот има честички и бактерии кои изметот го разложуваат и создаваат биогас. Па така решив да направам пречистителна станица со бактерии“.
Станиците на Поповски, освен во земјава, веќе се користат и во Бугарија, Чешка, Дубаи, во Узбекистан, Хрватска, Србија и на Антарктикот. Интерес за примена пројавила и израелската фирма која ќе го гради Сончевиот град во скопско Сопиште. Досега изградил 50- тина.
Јоти го заштитил патентот во земјава, но и во Женева. Постојано добива понуди да го продаде, но не сака.
Инаку, капацитетот на вакви пречистителни станици зависи од бројот на жители за кои се наменети. Цената, по жител, е 70 до 100 евра. На почетокот конструкциите на станиците Поповски ги изработувал во повеќе фирми, но сега партнерски работи со фирмата “Интермонт”-ДП.
За новиот проект Поповски вели:
„Тоа е филтерска постројка за сулфур диоксид и димна прашина од големи централи и парни котли. Првата реализација најверојатно ќе се случи во Македонија, бидејќи веќе имаме барање од Свети Николе“.
Поповски изрази очекување дека неговиот проект ќе биде широко применет, додавајќи дека за тоа ќе биде потребна и соодветна маркетинг поддршка.
Гала свеченоста, на која присуствуваа истакнати светски политичари и врвни експерти, се одржа попладнето на саемот во Прага. Помеѓу гостите беа и чешкиот премиер и актуелен претседавач со Европската унија, Мирек Тополанек, претседателот на Советот на министри за екологија Мартин Бурсик, како и советникот на американскиот претседател Барак Обама за климатски прашања Карол Брунер.






