Прескапа ЕУ бирократија
Граѓаните на главните (најразвиените и, следствено, највлијателните) земји- членки на ЕУ не би требало да бидат загрижени, поточно уплашени од натамошно ширење на унијата, затоа што тоа (ќе) паѓа врз нивниот грб како даночни обврзници, туку сериозно да се замислат за преголемата и прескапа „бриселска“ бирократија. Пред се да се запрашаат и да се обидат да (си) одговорат за што, за каков конкретен секојдневен ангажман земаат енормно високи плати.
На пример, што работат европските комесари, односно со што заслужуваат да земаат, за многумина (над)просечни Европјани, незамисливо високи плати, а згора на тоа во пензија ќе заминат секој со повеќе од милон евра?!
Имено, во извештајот на независната експертска група „Отворена Европа“, со седиште во Лондон, се потенцира дека комесарите на Европската унија кои годинава ќе се повлечат од своите функции ќе добијат повеќе 1,1 милиони евра секој посебно, во вид на пензија и финансиски додатоци. С уште не е познато колкумина комесари на есен ќе се повлечат од функцијата на крајот од мандатот, но се очекува таа бројка да биде приближно еквивалентна на половина тим од 27 -темина членови.
Групата, која инаку инсистира на реформи во ЕУ, своето „откритие“ го поткрепува со конкретен пример:
„Доколку комесарот за комуникациска стратегија (популаризација на Европа) и потпретседател на Комисијата, Маргот Валстрем (членка на ЕК од 1999- та година), се повлече оваа година од функцијата, ќе добие речиси 1,9 милиони евра, додека не пронајде ново работно место“.
Кетрин Ештон од Велика Британија, која на таа функција го замени британскиот комесар Питер Менделсон пред помалку од година дена, ќе се квалификува за пензија од 10.335 евра годишно. Освен тоа, ќе добие и 20.132 евра во вид на надомест за промена на престој, во висина од 15% од платата, како и покриени трошоци за репрезнтација , додава „Отворена Европа“.
Групата наведува дека Менделсон, кога се повлекол од функцијата комесар за тровија во есента минатата година, добил од Брисел речиси милион евра во вид на отпремнина и пензиски пакет. Во сумата која изнесува најмалку 236.852 евра не се пресметани платите и финнсиските олеснувања кои комесарите ги примале во текот на периодот поминат на функцијата.
Институтот оценува деја од сегашните 27- мина комесари, 20- мина нема да добијат нов мандат. Тие вкупно ќе добијат околу 25 милиони евра.
Самиот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, има годишна заработувачка од околу 296.000 евра, што е повеќе отколку што заработува претседатлот на САД Барак Обама (400.000 долари или 293.000 евра).
Се проценува дека во текот на наредниот 5- годишен мандат ЕК ќе ги чини даночните обврзници вкупно 75 милиони вра, што вклучува плати, пензии и разни додатоци, но не ги опфаќа останатите финансиски олеснувања како што се семејните додатоци.
Портпаролот на Комисијата, Валери Рампи, одби да ги коментира податоците до кои дошла „Отворена Европа“ и изјави дека не знае точно како експертската група ги направила тие пресметки. Меѓутоа нагласи дека платите на комесарите се јавни и објасни оти некој за да стекне право на пензија, која се одредува врз основа на годините на стаж, мора да има 65 години.
Аналитичарката на „Отвоена Европа“ Сара Гаскел вели дка „даночните обврзници во Европа, чии пензии ги проголта рецесијата, со право ќе се прашаат зошто плаќале толку голема сметка за мала група на оддалечени функционери за кои никогаш не гласале“.
Можете ли да замислите што би се случило кога Република Македонија наскоро би била примена како „рамноправна“ членка на ЕУ (во наводници оти тоа во никој случај не би била)? Па, нашите политичари, особено од „врвот“, би се потепале (можеби и „конкретно“) да станат еврокомесари.






