1- ви март- Ден на Полкот за специјални операции (пСО) на АРМ
Денеска (2- ри март) во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа свеченост на која присуствуваа претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили Бранко Црвенковски, министерот за одбрана Зоран Коњановски, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Мирослав Стојановски, претставници од Владата и Собранието, како и воени аташеа акредитирани во државава.
Зоран Коњановски:
„Историјата на оваа наша елитна специјална воена формација укажува на објективно најјакиот, традиционално најдобриот, борбено најподготвениот и историски најсветлиот дел од основањето на АРМ, па се’ до денес.
Како најдобри амбасадори на нашата земја, го осветливте образот и на најдостоинствен начин ја потврдивте и ја афирмиравте Армијата на Република Македонија“.
Нагласувајќи дека професионализмот е главната карактеристика за пСО, Коњановски подвлече дека во исклучително сложени меѓународни, политички и воено- безбедносни услови, успеале да останат на висината на задачата:
„Вашите досегашни и идни ангажмани во обуката, во заедничките вежби во рамките на Партнерството за мир, особено огромниот придонес во рамките на 5- годишното партиципирање во мисијата „Слобода за Ирак“, се нашиот најголем влог во иднината на Македонија, кој и го отвора патот за што поскоро членство во НАТО, место кое одамна го заслуживме“.
Според командантот на пСО, полковник Зоран Додовски, е создадена уникатна вредност, која претставува мерка за многу други, а чие мото е „Повеќе од возможното“, „Секогаш и секаде први“, „Единица од народот и за народот“:
„Се градевме во опкружување на недоверба од оние кои не не знаеја и разбираа и кои без право имаа страв од нашите можности. Некои од овие фактори и денес се наша реалност.
Сме правеле и ќе правиме повеќе од возможното. Сме биле и ќе бидеме секогаш чекор понапред и секогаш први таму каде што треба“.
Началникот на ГШ на АРМ Мирослав Стојановски во поздравниот говор им посака успех на припадниците на пСО во реализацијата на задачите и изрази очекување со креативна работа и максимална ангажираност да остваруваат врвни резутлати.
ПСО успешно 5 години учествуваше во мировната операција во Ирак.
На 1- ви март 1994- та година е формиран баталјонот за специјални намени, кој во изминатите 15 години помина низ повеќе трансформации,
а претставуваше основно јадро за формирање на одредот за специјални намени, подоцна трансформиран во пСО. Составен е исклулчиво од професионални војници.
Мисијата на ПСО е изведување на специјални операции во мирновременски услови и во услови на конфликт, самостојно и во содејство со други единици на АРМ, во сите земјишни и временски услови, поддршка на надворешната и безбедносната политика на државата со декларирани сили да учествува во изведување на заеднички специјални операции, со други коалициски држави, за поддршка на мирот и превенција на конфликти, како и во справување со регионални конфликти и кризи во операции предводени од НАТО, ООН, ОБСЕ и од ЕУ.
Како на прв командант на единицијата, на Мирослав Стојановски му беше врачен подарок, а најдобрите од единицата добија пофалници, еднократна парична награда од 10.000 денари и оправдано отсуство. Не беа заборавени и 5- темина загинати во изминатиот период.
На 28-ми февруари на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје се одржа ,,Отворен ден на полкот за специјални операции (пСО) на АРМ“. Специјалците пред граѓаните на Скопје и пошироко се претставија со изложба на борбените средства, техниката и опремата кои ги поседуваат, а беа презентирани и дел од вештините кои ги поседуваат, како и некои атрактивни секвенци од обуката што ја изведуваат.






