Старт на предизборната кампања: ништо ново, интересно, инвентивно
Како што се очекуваше и најавуваше, без оглед што гласачите во Макдонија за првпат ќе бидат во „необична“ ситуација- едновремено ќе гласаат и за нов претседател на државата и за градоначалници на своите општини сосе советници, уште на стартот е јасно дека се ќе биде „стандардно“, што значи веќе видено, чуено, со „сигурна и проверена“ форма и содржина. Оние што барем малку повнимателно и поинтензивно ги следат севкупните состоби во земјава и нејзината позиција (проблеми) на меѓународен план, по денешните „промотивни“ митинзи немаат причина да продолжат да ја следат кампањата, особено не преку медиумите- и електронските и печатените.
Па сепак, некои „детали“ кажуваат многу и веднаш нудат определба: нема кој од претседателските кандидати и кандидатите за градоначалници (како кој било граѓанин) што не посакува и не работи за „интегрирана и обезбедена“, но и „сложна“, обединета Македонија (освен „надворешниот, а бога ми и внатрешниот“ непријател); секој би сакал што поскоро, ако може и вчера, Макдонија (конечно) да добие европски имиџ, што значи решавање на актуелните проблеми и што поскоро зачленување во ЕУ и НАТО.
Се изделува главната заложба на претседателскиот кандидат на ВМРО- ДПМНЕ Ѓорге Иванов: одговорност. Не оти се подразбира дека таа е „основна“ за секој кандидат, туку затоа што барем на стартот се чини дека е најтешко да се изговори. Не како ветување, туку како лична сериозност, зелост, визионерство и ангажман за сите.
Значи, само колку да го одбележам официјалниот старт на предизборната кампања:
Таа ќе трае до 20- ти март кога настапува изборниот молк до денот на изборите- 22- ри март.
Пред стартот, вчера, претседателите на четирите најголеми партии уште еднаш порачаа дека ќе сторат се изборите да бидат регуларни, фер и демократски. Премиерот Никола Груевски потенцира дека, што се однсува на Владата, се преземени сите мерки на институционален и политички план, а успешните избори се услов за интеграција во Европската унија.
Во трката за нов претседател на Република Македонија учествуваат 7- мина кандидати: независниот Љубе Бошкоски, Агрон Буџаку од ДУИ, Нано Ружин од ЛДП, Мурише Хоџа од ДПА, Љубомир Фрчкоски од СДСМ, Имер Селмани од Нова демократија и Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ.
Се проценува дека претседателот веројатно ќе биде избран во вториот круг, за чија успешност е потребна излезност од 40% од речиси 1,8-те милиони гласачи. Имено, за да биде избран во првиот круг на кандидатот му се потребни мнозинство гласови од вкупниот број на избирачи, што реално е тешко да се оствари при толкав број на кандидати (особено затоа што Албанците имаат можност да гласаат за дури тројца „свои“).
На локалните избори, пак, за нов градоначалник на Скопје се кандидираа 11- мина, а се смета дека главната битка ќе се води помеѓу Коце Трајановски од ВМРО- ДПМНЕ и Тито Петковски, лидер на НСДП и кандидат на СДСМ .
Нова локална власт – градоначалници и совети ќе се избира во вкупно 84 општини и Скопје.

Првиот митинг од изборната кампања СДСМ го одржа на Градскиот плоштад во Прилеп. „Локалците“ меѓу другото ветија намалување на комуналните давачки, а го почнаа и „возењето“ на вториот паралелен „колосек“ (апсолутно погрешен, контрапродуктивен, од проста причина дека не може да се „вози“ едновремено на два): од „арсеналот“ против актуелната власт го потенцираа обвинението дека со притисоци ги принудува вработените во администрацијата да гласаат за нив (што, нормално, е невозможно да се „конкретизира“; ве потсетувам на она од воведот на овој текст: одговорност). Слоганот на кандидатот за претседател од оваа партија Љубомир Фрчкоски е „Македонија – интегрирана и обезбедена“. И тој, како што најавуваше во промотивните настапи, ќе ја „вози“ кампањата на два колосека, а имајќи го предвид неговиот „колумниски“ вокабулар (ептен „македонски и европски“) реално е да се очекува „откачување“ кога тие одвреме- навреме ќе се оддалечуваат еден од друг. Вечерва по којзнае кој пат ја обвини Владата дека со политиката што ја води, Македонија ја води во изолација.
„Илустрација“ на претходното:
„Држење на Македонија во изолација, во сиромаштија, без влез во НАТО, на нашите сограѓани Албанци ќе им испостават сметка во Владата. Што ќе прават тие? Да не им влезат со тенкови пак во западна Македонија? Тие ќе си се издвојат како кантон ако ова продолжи. Тоа е најголемата одговорност и најголемата опасност на која можат да ја изложат Македонија. Не им е гајле за тоа. Ја буткаат варијантата како да ќе владеат 100 години и ним ќе им се случи на пролет крах. Ние нема да им дозволиме до пролет. Ние на 22- ри март мораме да им скршиме нога“, изјави, поточно се развика Фрчкоски.

Ќе биде интересно да се следи кампањата на „Нова демократија“ и на нејзиниот лидер Имер Селмани. Особено затоа што според последните испитувања на јавното мислење тој е втор претседателски кандидат за кого би гласале граѓаните на Макеоднија (значи не само албанските). Оваа партија одржа изборна конвенција во Битола под мотото „Нова демократија – Нова пролет“. Пред делегатите беа промовирани изборните и промотивните материјали, а Селмани ја претстави својата политичка платформа со нагласен европски имиџ:
„Ние очекуваме успех на претседателските избори, без разлика што прогнозите се поделени. Некои се уште не веруваат дека претседател на Македонија може да биде припадник на некоја друга етничка заедница освен македонската. Меѓутоа, јас длабоко верувам дека може да се случи тоа во Македонија, ако се случи во САД. Македонија не е толку поделена, колку што некој мисли дека е“, истакна тој.
Демократската унија за интеграција во Струга со митинг на плоштадот „Мајка Тереза“ ја започна промотивната кампања за локалните и претседателските избори. Акцент од говорот на претседателскиот кандидат Агрон Буџаку:
„ДУИ го остварува ветеното и затоа слоганот на нашата партија на овие избори е „Ние си стоиме на зборот“. Јас ќе се трудам за што побрза визна либерализација, со цел што полесно граѓаните, а посебно младите да патуваат во странство и да можат да ја почувствуваат Европа. Целта ни е да ги решиме актуелните проблеми во државата. Ќе направиме се за побрзо мултиетничка Македонија да влезе во НАТО и ЕУ. Ќе ги решаваме проблемите со Грција и заедно со Косово и другите држави да бидеме таму каде што припаѓаме“.

Прв митинг во Гостивар одржа ДПА:
„Работењето во полза на сите граѓани е остварување на целта на претседателот, што досега не беше случај. Идниот претседател мора да направи многу на планот на евроинтеграциите кои треба да течат во две фази. Првата е влез на земјата во НАТО и ЕУ, а втората подобрување на односите со соседите“, изјави Мируше Хоџа, претседателски кандидат на партијата на Мендух Тачи. Тој, пак, предупреди дека „Македонија или ќе влезе во НАТО или воопшто нема да постои“.
![]()
На вечерашната партиска конвенција во Скопје претседателскиот кандидат на ЛДП Нано Ружин порача дека само само сложна Македонија може да ја одведе во ЕУ и НАТО. Името во Букурешт беше пречка да не ја добиеме поканата, но тажно било што Владата и претседателот таму отидоа раскарани и со тоа ги уништија сите шанси за НАТО:
„Тажни се и тврдењата на таканаречените обединувачи, кои самите ја создадоа тезата за поделена античка и словенска Македонија. По две години сега тоа го негираат и повикуваат на единство. Дали навистина им верувате во тоа? Јас, исто така, не им верувам“.
На конвенцијата под мотото „Силни општини – силна Македонија“ ЛДП ги претстави и своите кандидати за градоначалници и советници.
Интересно, Љубе Бошкоски на вечерашната конвенција се претстави како единствен кандидат на ВМРО и на народот.
Потврда за тоа биле добиените „десетици“ повици дека ќе гласаат за него, но мораат да одат на други митинзи зашто им се заканувале со работните места. Негова цел е обединување, меѓутоа вистинско:
„Се вратив да обединам, а не да делам. Да се соочиме со реалноста, а не со имагинарниот и со светот на фикцијата“.
Бошкоски најави дека ке ја брани демократијата, правдата која сега била селективна. Бара национално обединување, ветува чување на суверинитетот, бара брзо членство во НАТО и ЕУ, како и јасна и заедничка стратегија за проблемот со името. Нема да ги напуштел бранителите.

Владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ својот прв митинг традиционално го одржа во Охрид. Се обратија кандидатот за градоначалник и претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов.
„Доколку бидам избран за претседател на Македонија, ќе направам се да се организира средба помеѓу македонскиот претседател и претседателот на Грција. Не смееме да покажуваме слабост, мораме да покажеме дека сме за соработка, дека знаеме со секого да градиме мостови“, изјави Иванов.






