Со Михајловски континуитет или нов чекор на македонскиот ракомет
Делегатите на Собранието на Ракометната федерација на Македонија со мнозинство на гласови го избраа Михајло Михајловски за претседател, досегашен в.д. на оваа функција. Негов конкурент беше Минчо Јорданов. Како што е познато, тој е спонзор на Вардар Про и МРК Вардар, а пред оставката на Трифун Костовски беше еден од потпретседателите на РФМ.
Следното Собрание е закажано за еден месец, а на него ќе треба да се верификува мандатот на новиот состав на Управниот одбор .Една од главните теми ќе бидат промените во Статутот на Федерацијата.
Во РФМ многу нешта подолго време „чкрипат“, а очигледна последица се слабите резултати на женската ракометна репрезентација по ЕП, но исто така и падот во квалитетот и резултатите на машката по СП. Во особено незавидна финансиска ситуација се клубовите, пред се оние во пониските рангови на на натпреварување.
Најмногу од проблемите „откри“ вториот кандидат за претседател, Минчо Јорданов, инаку прв човек на Металург и спонзор на машката репрезентација, при објавата на својата кандидатура: нужна е многу подобра организација во Федерацијата, со стриктно поделени надлежности, соработка со локалната и централната власт за да се подобри инфраструктурата, дијалог со сите субјекти и враќање на сјајот на подзаборавените ракометни и спортски центри. Во однос на работата на Федерацијата, посредно укажа на незаконитост („да работи во рамките на законитоста, во рамките на нормално финансирање, во рамките на чесно извршување на обврските. Федерацијата мора да биде оставена да си ја врши работата професионално“).
Михајловски, но не само тој, најголемиот проблем за натамошниот напредок на репрезентативниот и клубскиот ракомет во Македонија (и машкиот и женскиот) се финансиските средства односно спонзорството. Затоа најавува силен и финансиски моќен УО, кој ќе ги покрие сите трошоци за работата на канцеларијата на РФМ, а истовремено ќе ги поддржи заедничките проекти. Во него ќе има и неколку фирми кои за првпат ќе се јават како директни помагатели: Ватростална, Фени, ЕТФ, Вардар Осигурување, Гемак, Леов, Сковин, Тиквеш, Алкалоид, Еуростандард Банка, Бомекс, Макстил, ВИП, Пивара. Минчо Јорданов јавно не се изјасни дали ја прифаќа поканата. УО и натаму ќе брои 17 члена.
Што се однесува на, се чини, во моментов најгорливиот проблем- спонзорирањето на женската сениорска репрезентација на Македонија, која во јуни треба да го игра баражот за пласман на СП во Кина, Михајловски најави дека ќе се бара квалитетен спонзор, а додека не се најде тој лично ќе ги покрива сите трошоци.
Значителна помош најави Македонскиот олимписки комитет (МОК), а имајќи предвид дека ракометот е реално единствениот екипен спорт што има шанса да се пласира на Летните олимписки игри во 2012- та година во Лондон. Ќе издвои околу 200.000 долари за програма со која некоја сениорска ракометна репрезентација би се појавила на нив.
Ова на Собранието на РФМ го соопшти претседателот на МОК, Васил Тупурковски. Во ракометот постојат посебни квалификации за ЛОИ, односно неколку квалификациски турнири на кои учествуваат победниците од континенталните првенства, плус најдобрите од последното СП. Клучно за пласман на олимпискиот квалификациски турнир ќе биде следното СП 2011- та година во Шведска.
И покрај проблемите, македонскиот ракомет во однос на другите колективни спортови бил и е далеку понапред, па по „средувањето“ на РФМ треба да се очекува негов натамошен напредок и врвни меѓународни резултати.






