Сегрегација во Македонија
Раздвојувањето на учениците по етничка линија во Република Македонија е подолг процес. Може да се рече дека трае уште од почетокот на „конфликтот“ во 2001- ва година, па и пред него (едно од навестувањата за него пред кои тогашната власт ги затвораше очите, се правеше дека „не е одовде“). Малкумина имаа надеж, макар скриен оптимизам дека Рамковната спогодба ќе ја прекине, ќе ја „пресече“ сегрегацијата во „зародиш“, веќе всадена кај младите, дури и кај најмладите (на стартот од основното образование). А дефинитивно беше разгорено, па и „забетонирано“ со новата територијална организација на државата- новата локална самоуправа според етничка доминантност или компактност.
И не само тогашната власт, туку и „меѓународниот фактор“ се правеше „на удрен“, како да не ја гледа опасноста, последицата од она што се правеше и се направи токму под неговата „диригентска палка“. Сега тој се јавува во улога на (нуспешен) медијатор.
Имено, актуелниот, не прв и единствен проблем во средните училишта во Струга, ќе се обиде да го реши ОБСЕ, иако е јасно дека единствено решение да преовладее разумот, да станат сериозни и одговорни политичките „играчи“, се разбира не само на локално ниво, сегрегацијата се избрише од нивните агенди, а во името на сигурната иднина на заедничката и/или единствената држава.
Канцеларијата на ОБСЕ испрати квалификувани медијатори за надминување на проблемот во средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“ во Струга, каде што учениците- Македонци ја бојкотираат наставата.
Воведувањето на посебни јазични смени, како решение за надминување на меѓуетничката затегнатост во двете средни училишта, за многумина е единствено решение во овој момент (никој не сака да размислува за идните случувувања; всушност стравувањата се реално големи). А долгорочното- изградба на нови училишни згради не би требало да има никаква врска со сегрегираното школство. Ама…
Претставничката на ОБСЕ, Хана Шнајдова, со право предупредува дека не смее да се дозволи струшките примери да го следат и други средини во Македонија:
„Сегрегацијата на учениците е лошо решение, но при донесувањето на конечна одлука, сепак, приоритет треба да има безбедносното одвивање на наставниот процес. Воведувањето на етнички смени е краткорочно решение, но со долгорочни негативни последици“.
Таа ги охрабрува сите структури поврзани со случајот да изнајдат трајно решение, со кое учениците ќе се вратат на настава и ќе почне најважното: обновува на изгубената меѓуетничка толеранција.
Од советот на родители од „Нико Нестор“ потенцираат дека одделните јазични смени за нив се единствено привремено решение, поради безбедноста на 3.000 деца кои учат во две згради на 19.000 метри квадратни.
Во сегашнава ситуација мора сериозно да се слушне ставот- заложбата на директорката на „Нико Нестор“, Маре Савевска, а не таа да се осудува како заговорник на „најлошото“: дека воведувањето на посебни јазични смени е засега единствено решение за враќање на учениците- Македонци на настава и избегнување на зачестените тепачки помеѓу учениците- Македонци и Албанци.
„Во Струга децата се јазично поделени и во градинките и во основните училишта, а посебни јазични смени или посебни училишта има во речиси сите поголеми повеќеетнички средини во Македонија“, само потсетува на постојната ситуација Савевска.
„Каде и да направите проблем и тепачка, ќе бидете казнети. Во училишниот средношколски центар се случуваат тепачки, а виновниците остануваат неказнети“.
Примерот што го наведува е навистина „илустративен“: досега никој не се прашал зошто во изминатите 10 години во двете средни училишта Македонците и Албанците не биле на заедничка екскурзија или на матурска вечер.
Другиот директор, на гимназијата „Ибрахим Темо“, Муса Мусаи, има сосема спротивен став кој не само што е изнасилен, туку не изгледа баш искрен (а можеби е тоа резултат на задоцнето согледаните катастрофални последици од она што со децении се работеше на теренот на меѓуетнички план): против воведување на посебни јазични смени, учениците да продолжат да одат на настава, а оние што не доаѓаат да бидат соодветно казнети.
По низа состаноци, средби, расправи и расправии во изминативе недели донесене е дефинитивно решение:
Во струшкото училиште „Нико Нестор“ ќе се учи во одвоени етнички смени. Според договорот постигнат по маратонските преговори помеѓу родителите, наставниците, локалната власт во Струга и владини претставници, од 11- ти март учениците од македонска и од албанска националност училниците ќе ги користат во различни смени. Ова ќе се применува се додека не се изгради нова училишна зграда.
Продолжение на почетокот на овој текст, конкретно личниот став (секако не единствен) дека поделбите по етничка линија почнуваат таму каде што е „најкревко“- во образовниот систем.
Можеби и пред конфликтот во 2001- ва (латентна, но прикриена ссотојба), но особено по него, па се до денес, наместо да живеат едни со други, што е суштина на соживотот, разбирањето, толеранцијата, солидарноста итн., двете најбројни заедници во Македонија живеат една покрај друга и се повеќе се оддалечуваат. Случувањата во струшките училишта претставуваат само продолжение на започната и, за жал, засега се чини незапирлива поделба.
Тоа го потврдува Артан Груби од невладината “Разбуди се“ (во изјава за „Дојче веле“):
„Во Македонија имаме Влада и партнери во Владата, кои не владеат врз основа на една, туку на две различни платформи. Премиерот е премиер за целата држава, додека лидерот на албанскиот партнер е премиер за Северозападна Македонија. Значи, поделени се сферите на влијание, во политиката, во образованието, во културата. Таа сегрегација трае веќе неколку години, само што сега се радикализира“.
Слично размислување и на политикологот Емил Атанасовски (исто така изјава за „Дојче веле“):
„Проблемот што ние го имаме во Македонија е тоа што во изминативе 17 – 18 години многу сакаме луѓето да ги храниме со национализам. А тој национализам во мултикултурно општество не успева или обратно: не може мултикултурното општество успешно да се гради, ако постојано ги храниме етничките заедници со нивните национални чувства. Засега не се нашол некој во Македонија кој ќе се обиде да погледне малку пошироко и да се обиде навистина да ги интегрира заедниците. А интегрирањето почнува во образованието, не почнува во политичкиот систем или во институциите.“
Да потсетам, во 2003- та година исти или слични проблеми имаше во Скопје, Битола, а во Куманово имаше етнички мотивирани насилства што резултираа со поделба помеѓу учениците или во различни училишта или во различни смени.
Еден од најновите случаи: во гимназијата во Гостивар еден ученик е повреден во масовна тепачка што се случила за време на настава. Засега тој се „покрива“ со младешката нетрпеливост- банална расправија која излегла од контрола, односно дека не претставува меѓуетничка пресметка (заклучок на родителите, училишната управа и претставниците на Министерството за внатрешни работи). Можеби затоа што замешаните деца се од турска и албанска националност (нетрпеливоста помеѓу ентичките немнозински заедници засега никој не ја согледува, како воопшто да ја нема, како таа да се сведува само на македонскиот и албанскиот етникум).
МВР соопшти дека за два дена во средното општинско училиште дошло до нарушувања на јавниот ред и мир, при што двајца ученици се здобиле со полесни повреди.
Во тепачката што се случи пред почетокот на часовите, се искршени 9 монитори за компјутер, неколку клупи и столчиња.
Суштински прашања или дилеми: живот едни со други или едни покрај други; мултиетничка држава (каква што не постои, а која постојано ја „промовираат“ некои од албанскиот „фактор“) или мултиетничко општество; мултикултура или кинтеркултура; заедничка или единствена држава?






