Реално или не: до крајот на годинава визна либерализација за Македонија
Дека се неточни, апсурдни, па и контрапродуктивни тврењата на опозицијата дека Владата на Груевски ја ставила или ја води Македонија во изолација односно самоизолација, притоа самата да не знае да се „определи“ (едното ли е или другото), говори интензивираниот процес на исполнување на условите за визна либерализација.
А денешното потпишување на договор за формирање на заеднички Контакт- центар за полициска и царинска соработка помеѓу Македонија и Бугарија го потврдува и „вториот“- напореден процес: „отворање“ на земјава кон соседни и други земји во регионот и пошироко. Тоа е едновремено и исполнување на еден од евроинтегрирачките услови- добри билатерални односи со соседите.
Република Македонија очекува до крајот на годинава Европската комисија да поднесе предлог до Советот на ЕУ таа да биде префрлена од „црната“ на „белата“ шенген- листа. Тоа ќе значи дека се исполнети условите за визна либерализација и конечно ќе се урне „шенгенскиот ѕид“.
Во јануари и февруари европски експерти престојуваа во две инспекции во Македонија, а е најавено дека извештајот ќе биде позитивен. Тоа првично им било соопштено во Министерството за надворешни работи при завршувањето на втората оценска мисија. И портпаролот на еврокомесарот за проширување Оли Рен, Кристина Наѓ, потврди дека е можно укинување на визите за Македонија до крајот на годинава.
Елена Димчова, Одделение за односи со медиумите во МНР:
„Прелиминарните наоди на експертите ја потврдија иницијалната оценка на Европската комисија дека Република Македонија постигнала значителни резултати во спроведувањето на системот на интегрирано гранично управување, усогласување на законодавството со европското во однос на миграцијата и азилот, како и спроведувањето на визната политика и функционирањето на националниот визен центар, борбата против граничниот криминал и нелегалната миграција. Врз основа на досегашните постигнувања во имплементацијата на условите за визна либерализација, очекуваме предлогот на ЕК до Советот на ЕУ да биде поднесен за време на чешкото претседателство“.
Европската комисија ќе го добие извештајот за Македонија на крајот на април или почетокот на мај, по што еврокомесарите се очекува да дадат препорака за визна либерализација што би започнала да се применува најрано од октомври оваа година.
Поддршката на Република Македонија за укинување на визната блокада од страна на соседна Бугарија доби уште една конкретизација со спомнатиот договор што го потпишаа министрите за внатрешни работи на двете земји, Гордана Јанкуловска и Михаил Миков. Центарот ќе биде сместен на територијата на Република Бугарија, кај граничниот премин Гуешево, а нашава земја за првпат има можност со соседството да остварува соработка од ваков вид.
Двајцата министри се согласија дека Договорот е добра основа за продлабочување на оперативната соработка и поефикасна борба против прекуграничниот и организираниот криминал.

Бугарскиот министер Миков нагласи дека Македонија ја има целосната поддршка на Бугарија за укинување на визниот режим, а досегашната соработка помеѓу двете министерства според него покажува дека таа има капацитет и заслужува помош од бугарска страна и во евро- атлантските аспирации.
Според Јанкулоска, потпишувањето на договорот е дел од исполнувањето на критериумите од европското АКИ за имплементација на шенгенското право.
Новата контрола на границата ќе овозможи унифициран пристап во менаџирањето со граничната линија и олеснување на процедурите за нејзино преминување.






