Полициското рекетарство во Македонија
Кога се зборува за корупцијата во Република Македонија и се следи- бележи борбата против неа интересно е тоа што рекетарството, како нејзин „подвид“, не предизвикува речиси никакво внимание. Иако тоа е присутно во загрижувачки размери на сите нивоа, особено во одделни сегменти на извршната власт (дури и највисокото- Владата односно министерствата), но пред се на локално- општинско во внатрешноста на земјава. Се разбира, како се друго чиј заеднички „именител“ е корупија и криминал, рекетарството не е од вчера,туку уште од првиот ден на нашата „славна“ приватизација.
Можеби е тоа главната причина за најновиот откриен случај во Кичево да предизвика слаб медиумски „третман“- се сведе на информирање, а не и на аналитичност, коментирање, „експертиза“. Дури немаше „соодветна“ реакција од опозицијата, освен дека се работи за уште еден „предизборен циркус“ на „неселективна борба на Владата“ против корупцијата.
Одамна не е никаква тајна дека рекетарството, како и во повеќето балкански земји, но и надвор од нив, и во најразвиените, е мошне вносен бизнис, а во сето тоа свои прсти има и дел од полицијата. Забележани и запаметени се случаи кога луѓе пријавувале рекет, па наишле на корумпирани полицајци кои биле поврзани се рекетарите. Постои убедување дека не мал процент на чесни, а „добростоечки“, економски прилично „стабилни“, имаат проблеми со рекетот, но само од страв за себе си и своето семејство и поради недоверба во полицијата тоа не смеат да го пријават.
Една честа и одамна „нормална слика“ во помалите градови во Македонија: во локалните кафулиња, помеѓу гостите се и млади лица со нападно забележлив “физикус“, потстрижени глави, дебели, мускулести куси вратови на кои висат дебели златни синџири, крст или полумесечина… Самите се нарекуваат заштитници на трговски објекти, златарници, маркети, установи, автомобилски салони, слаткарници, на сопственици на бутици, кафулиња, амбуланти, ординации и на бизнисмени или на партиски или политички личности. Народот ги нарекува со вистинското име: рекетари, изнудувачи.
Во Тетово, на пример, рекетараството е неатрактивна, банална, „излитена“ тема. И малите деца знаат дека грижата за обезбедување на кафулиња, пицерии, ресторани, бизнис- објекти, приватни капацитети и бизнисмени, трговци, политичари и партиски простории ја имаат рекетарите. Цел ден седат по кафулиња, пицерии и ресторани, јадат и пијат на сметка на домаќинот, а тој не смее да се спротивстави (може да му „отиде“ јабана не само бизнисот). Возат силни автомобили- „БМВ“-а, „мерецедеси“, „голфови“, „аудија“, „порше“. Се смета дека повеќето од нив се поврзани со структури во полицијата и во судството.
Се разбира, најмногу ги има во Скопје. Некои тврдат дека има над 100 групи од тројца до седуммина изнудувачи, заштитници, кои со сила им вршат „услуги“ на сопственици на разни претпријатија.
Во Македонија класичното рекетарство, изнудувањето, насилното наплатување за наводна заштита на имотот и луѓето, влезе пред 15- тина години. Првиот случај е демонтирањето на ноќниот клуб „Хард рок“ во Скопје, под закрила на СДСМ. Потоа вратата на рекетарството во државава беше широко отворена.
Веќе се развиени повеќе „типови“ на рекетарство против кои треба да се применуваат различни тактики и стратегии. Од друга страна, тоа докажува дека, „тргнат настрана“, овој „октопод“ толку се разви, ги намножи своите пипала, што е можеби нужно да се издвои од другите и да се постави на едно од првите две- три места на коруциско- криминалниот „пиедестал“. Па врз него, конечно, да се покаже, макар колку за пример, што е тоа функционална правна држава.
Политичкото рекетарство се појавува пред секои парламентарни, локални и претседателски избори. Партиите најмуваат рекетари за да ги заплашуваат избирачите. По изборите, пак, во зависност од тоа кој победил, тие или се повлекуваат во илегала или стануваат главни изнудувачи, заштитени од партијата на власт.
Економското рекетарство е секако најсилно. Откако ќе дознаат дека некому добро му оди бизнисот, изнудувачите почнуваат да го уценуваат и да земаат процент .
Најнеобјасниво е лихварското рекетарство. Во тој незаконски бизнис влегуваат лица кои зајмуваат пари и лица кои бараат заеми, а потоа не можат да ги вратат. Најчесто тоа се случува при големи партии комар или во легалните коцкарници. Во Македонија се случуваат вистински драми и семејни трагедии по големи загуби на пари на комар. Се губат станови, куќи и викендички. Цели семејства осиромашуваат и ги плаќаат долговите со години.
Функционерското рекетарство е најзаштитено. Во него се вмешани најчесто синови, но и членови на семејства на влијателни функционери или влијателни бизнисмени.
Полицијата тврди дека докажувањето на рекатарство е многу тешка работа затоа што по секоја интервенција следува „контраудар“. Од власта, влијателни лица, бизнисмени, од лица кои се поврзани семејно со изнудувачи, со оние кои барале заштита од рекетари, од влијателни полицајци или политичари, без разлика дали се на власт или не. Во судството и во полицијата има структури кои ги штитат пропаднатите бизнисмени, лихварите, трговците со незаконска стока. Сите тие по правило најмуваат рекетари да бидат заштитени.
Рекетарите имаат првостепена грижа за максимална лична безбедност, при што им е најважно да узнаат и научат кому треба „да му се јават“.
Како и многупати досега, она што се случи деновиве, а денеска доживеа „времена завршница“, може да се сведе само на „замачкување на очите“- ете, конечно започна континуирана и жестока борба против рекетарството, а досега таа била толерирана како безначајна и наивна:
Припадници на единицата за брзи интервенции и екипи на одделението за организиран криминал од Скопје ги приведоа командирот на полициската станица во Кичево Дејан Стојкоски, началникот на кичевската полиција Благој Трајановски и директорот на основното училиште во градот Зоран Гроздановски. Осомничени се за рекетарство. Тие цела година му се заканувале на кичевски бизнисмен дека ќе му наместат кривично дело, доколку не им даде 33.000 евра.
Изјава на Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи:
„Поради стекнување на противправна имотна корист во текот на јануари годинава, тие побарале парична „награда“- поткуп во износ од 2 милиона денара, а во текот на февруари ја намалиле на износ од 1 милион“. Од страна на оштетениот пред 3 дена случајот беше пријавен во МВР“.
Договорената сума од околу 16.000 евра, од кои 9.000 технички обработени, била исплатена како што се барало: парите бизнисменот ги оставил во обложувалница во Кичево, а оттаму вработените го известиле началникот Трајановски; потоа тие требало да се префрлат во друга менувачница, а оттаму рекетарите да ги подигнат како денари. Времето и местото за земање на поткупот го договарал директорот на училиштето, Гроздановски.
9.000 евра полицијата запленила од првата, а Трајановски бил уапсен додека менувал пари во другата кичевска менувачница.
Денеска истражниот судија на тројцата учесници во рекетарското „дејание“ им одреди притвор од 30 дена.
Неофицијално, незаконско работење за првите луѓе на кичевската полиција постоело од поодамна. Министерството за внатрешни работи упати апел до кичевчани доколку постојат какви било поплаки или пријави против приведените да ја известат централата во Скопје или новото раководство на полицијата во Кичево.
Да потсетам, и досега МВР реализираше успешни акции против осомничени рекетари, но судската завршница речиси без исклучок завршуваше „јалово“- со благи казни или ослободување поради недостиг или недоволно веродостојни, цврсти докази.






