Не е исто, ама е (пре)многу слично
Од серијата мои текстови во текот на 2006- та година, кои се однесуваат на периодот пред парламентарните избори, во текот на нивното одржување и по нив, а чија содржина сметам дека има и пошироко значење (хроничарско- хрономерно, а не вонвременско или универзално) е и следниов, под наслов „Нападот е најдобра одбрана?“ (30.01.2006.).
Го преобјавувам како поттик за споредбени промисли и анализи за (не)развојот на демократскиот изборен капацитет на Република Македонија.
Помеѓу многуте „нешта“ кои политичките партии и од позицијата (сегашна- коалиционата власт) и од опозицијата досега не ги научија или не ги разбраа, сеедно, а очигледно не се ни трудат да ги научат или разберат, е дека во политиката воопшто не важи правилото: „Нападот е најдобра одбрана“.
До вчера (можете да го сфатите и буквално) опозицијата ја напаѓаше, ќе ја напаѓа и денес и утре позицијата- партиите на власт, но не како одбрана, туку со единствена цел- освојување на „туѓа територија“, конкретно за победа на парламентарните избори.
До вчера (можете да го сфатите и буквално) позицијата на секаков, а најмногу на арогантен начин се бранеше, судејќи според рејтингот сосема неуспешно, немоќно. А од вчера како да прејде во „напад како најдобра одбрана“.
Па така, битката станува мошне интересна. Како што ќе се „разгорува“ предизборната кампања, сигурно ќе биде се повеќе и повеќе забавно и весело. Секако, на радост и задоволство на „сеирџиите“ односно рамнодушните, разочараните, апатичните, неутралните, а пред се и над се излажаните, измамените, изманипулираните.
Да, за разлика од сите досегашни избори, особено предизборните кампањи, судејќи според почетоците, парламентарниве ќе бидат највесели, па и најнесериозни, токму поради „сериозната задача“ да бидат „скандинавски“, „кристално“ фер и демократски. Ај да се образложам.
Реков, правилото „Нападот е најдобра одбрана“ во политиката никогаш не важело, не важи и не може да важи. Од проста причина што политиката не била, не е и не може да биде војна. Таму кајшто има војна, нема политика. Особено не важи во фер и демократски, а пред се „кристални“ и „скандинавски“ средини.
Патем, ова „скандинавски“ што го „тресна“ нашиот премиер Бучковски (и остана жив и здрав, дури оптимистички насмеан) воопшто не може да ни успее затоа што не сме во ниту од Скандинавија. И мало дете од дедовите и бабините приказни, од првите нешта што ги научува, е дека круши под круши паѓаат, а не тикви и краставици. Ако веќе има такви амбиции, Бучковски и „неговите“ би морале да ни ја направат државичкава „скандинавска“ (значи со сите нишани), па после да ни „мести“ скандинавски избори. Ако не знае како изгледа таква, има време да „летне“ до некоја од нив или само да „прелетне“, па да ни се врати и да ни ја скрои таман (никако не тесно или широко).
Ама бидејќи, за жал и радост и веселба на „широките народни маси“, почна „нападот како најдобра одбрана“ (само чекав да видам како ќе почне, а бев сигурен дека ќе почне), нема назад, па што биде нека биде.
Мала илустрација: до вчера (можете да го сфатите тоа и буквално) опозицијата напаѓаше, напаѓа и ќе напаѓа со прашања и барање на одговори, а особено одговорности. До вчера позицијата, посебно СДСМ на чело со веќе „легендарниот“ Кондарко, ги игнорираше прашањата кои, се разбира (според генерално заземениот став) не заслужуваат одговор, спрема барањата се однесуваше арогантно, демек од позиција. А од вчера удри „контра“, со „нападот како најдобра одбрана“.
Комедија дел’арте? Не, комедија дел’политиканте! Конкретно, најконкретно:
Ако мислевте дека сите јавни претпријатија се под „капата“ на позицијата (бидејќи се јавни нели), па таа ги менува нивните „глави“ како ќе и дојде, можете ли да замислите дела има(ло) една која најверојатно не е „ставена“ од неа (просто невозможно, на јавно претпријатие)! Па опозицијата ја прашува дали е вистина дека правела „нешто“, а таа- позицијата тоа „правење“ да не го знаела. И сега бара опозоцијата да биде позиција и од „својата“ глава да бара одговорност односно да ја смени. Тоа е „нападот како најдобра одбрана“.
Не знам вам , ама мене ова почнува да ми личи на вицот за партизаните и Германците во шумата. Го знаете, нели? „Војувале“ се дури не дошол шумарот и не ги избркал. И да знаете, ќе дојде.






