Неприфатлив „реципроцитет“
Она што се случи синоќа во Охрид- испишување на навредливи графити на данајски (грчки) автобуси, е вандалски чин што секој добронамерник, просечно културен човек не го прифаќа, туку го осудува. Повеќе од јасно е дека се работи за „вратка“ на она што некои (се уште неоткриени) данајски (грчки) примитивци, заробени, идеолошки замрачени, наци- фашистички умови не така одамна на неколку наврати им го правеа на македонски граѓани (исто, слично и дури поварварско, поунижувачко). Меѓутоа, постои една суптилна, а суштинска разлика која исто така не изненадува: за разлика од нашите медиуми и највисоките државни и политички „инстанци“, кои сите од ред го осудија случајот (се работи за случај, а не за случаи како како јужниот сосед), оние во Атина молчеа и се уште молчат како тие да беа измислени само за да и наштетат на „европската лулка на демократијата“.
Што се случи во Охрид?
Засега непознати лица со спрејови во разни бои испишаа националистички и вулгарни пораки на три автобуси (за организиран туристички превоз и престој на туристи поврзан со верскиот празник Прочка) со ознаки на Данајската република (Грција): „Јунајтед Македонија“, „Александар Македонски“ и „Фак Грис“. Притоа, непознатите пишувачи оштетиле еден од автобусите.
Како што соопшти МВР, инцидентот се случил во неделата помеѓу 18,45 и 20 часот. Данајските (грчките) туристи биле шокирани, а дел од нив на лош македонски јазик изјавиле дека поради овој инцидент „нема по добро да го паметат Охрид“ и оти ваквите работи не придонесуваат за нормализација на односите помеѓу двете земји.
Граѓаните и локалната самоуправа на Охрид го осудија инцидентот кој, според нив, ќе влијае негативно на туристичкиот имиџ на градот.
Градоначалникот Александар Петрески, кој во името на своите сограѓани испратил писмо со извинување до Канцеларијата за врски на Грција во Република Македонија и до грчкиот конзулат во Битола, смета дека инцидентот не е случаен, зад него не стојат граѓани на Охрид и очекува од надлежните органи во најкус можен рок да ги пронајдат сторителите.
Во реакцијата на Општината Охрид и Советот на општината се потенцира дека Охрид како туристичко место треба да очекува повеќе гости, особено од странство,
а притоа да ја искажува традиционалната гостопримливост за тие да дојдат повторно.
„Охрид е град на туризмот, и духовниот и црковниот, па оттука ваквите испади ги означуваме како отворена антипропаганда за нас како град, како општина и како Република. Конечно, треба да се сфати дека туризмот и празнувањето верски празници нема никаква допирна точка со дневната политика“.
Изутрината гостите од јужнососедската држава со засилено полициско обезбедување, кое самите го побарале, го напуштија Охрид.
Очекувана брза реакција од Атина:
Министерството за надворешни работи го осуди инцидентот. Портпаролот Јоргос Кумуцакос изјави дека ваквите настани „кои, за жал, влијаат негативно во комуникацијата помеѓу народите, се видлив резултат на национализмот и на нетолеранцијата против Грција, која свесно се поттикнува во последно време во Скопје“. Тој ги повика властите да ги заштитат грчките граѓани кои ја посетуваат земјата и да ги пронајдат и казнат виновниците за иницидентот. Данајското (грчкото) МНР ги предупреди своите граѓани да бидат многу внимателни при престојот во Македонија.
(Уште еднаш ќе потенцирам дека, по неколкуте инциденти, унижувачки, па и агресивни однесувања (напади) врз македонски граѓани, во Данајската република (Грција) немаше никаков коментар, а камо ли осуда. Напротив, беа целосно премолчени, игнорирани дури и од тамошните медиуми.)
Данајската (грчката) амбасадорка во Скопје, Александра Пападопулу, исто така се „затрча“. Денеска во македонското Министерство за надворешни работи врачи официјален протест.
Во реакцијата на изјавата на Кумуцакос, македонското Министерство за надворешни работи ги отфрли во целост оценките за национализам и нетрпеливост, нагласувајќи дека станува збор за крајно несоодветна и пренагласена реакција, мотивирана пред се од дневно- политички потреби на грчките власти. Притоа потсети на десетина слични инциденти во Грција, во кои беа оштетени возила на македонски граѓани, нагласувајќи дека апелот на грчките власти е непотребен.
Инцидентот го осуди и премиерот Никола Груевски. Во одговор- коментар на новинарско прашање, дека наводно властите во Атина апелирале до своите граѓани да не доаѓаат во Македонија, тој потенцира:
„Жалам за тој инцидент, тоа не е добра работа и го осудувам, кој и да го направил. Но нема потреба за таков апел, зашто ако така гледаме, нашите граѓани се постојано изложени на такви притисоци и чкртања на возила. Не сметам дека тоа го порачала грчката Влада или дека е организирано. Во секоја држава има поединци кои ќе направат нешто, но така не се решаваат проблемите. Јас сум за нивно решавање, но не на таков начин. Така можеме да си одмогнеме, а не да си помогнеме“.
Инцидентот во Охрид го осуди и европратеникот Ерван Фуере.
Македонското МНР и овојпат настапи конструктивно, за разлика од данајското (грчкото). Не само што го осуди инцидентот, туку предложи нешто што лично не верувам дека ќе биде прифатено, токму имајќи го предвид данајството на властите во Атина (кое може да се стави во равенство со наци- фашизмот):
да се формира мешовита македонско- грчка комисија која ќе ги разрешува инцидентите, како оној со испишаните пароли на грчки автобуси во Охрид, но и многуте кои се случуваа со наши граѓани во Грција. Таа треба да биде составена од надлежните органи за безбедност и транспорт на двете држави, а ќе има задача „заеднички и со блиска соработка да врши превенција и да ги разрешува ваквите и слични инциденти во иднина“.
Дали ваквиот предлог, што едновремено претставува чекор и кон подобрување на билатералните односи кои и се поставуваат како услов на Република Македонија (со сите соседни земји), ќе биде премолчен од сојузниците и пријателите на Данајската република (Грција) во ЕУ и НАТО? Многу веројатно.






