Македонската фудбалска мафија и УЕФА
Обично секогаш почнува така:
Ќе се чепне еден случај, актерите во него привремено ќе успеат да го заташкатат, можеби ќе се чепне и заташка уште еден, ама нема „трета мајка“. Во меѓувреме „од околу“, дури сосема незабележливо, црно- белото клопче (всушност ептен зацрнето) токму затоа ќе почне да се одмотува, за на крајот да се зададе решавачкиот удар кој, пак, едновремено значи „иницијално жарче“ за распалување на „огнот“.
Токму како такво сценарио искрените (и наивните) вљубеници на „втората најважна работа на светот“ (се разбира не и кај нас; постои македонски професионален фудбал?; не знам, мислам дека „нешто“ има, ама нема врска со професионализмот)- секогаш далеку од „спортските работници“, надвор од фудбалските кругови (фудбалери, тренери, управни одбори, судии, спонзори, спортски новинари…), со нескриена надеж и оптимизам ја слушнаа и прочитаа веста дека УЕФА ги обвинила претседателот и еден играч на прилепска Победа дека постапиле „во спротивност со принципите на интегритет и спортски дух“.
Очекувано, „црниот конец“ од фудбалското „клопче“ се скина таму кај што е најтенок и „најболен“: во „рамките“ на обложувањето, во кое и кај нас и во светот се вртат милиони евра, долари…
Имено, оние што се обложуваат знаат дека големите пари „лежат“ во „леви“ натпревари што лесно се „местат“, а притоа сите да се прават дека се слепи или ни случајно да не ги видат „решавачките моменти“ (публиката може и да се смее и да биде кловновска ако сака; таа ништо не значи).
Имено, Европската фудбалска федерација (УЕФА) објави дека обвинетите манипулирале со резултатот на натпревар во нејзина организација, во рамките на првото коло од Лигата на шампионите, а со цел „да дојдат до корист за себе и за трета страна“.
Конкретно, под истрага е натпреварот помеѓу Победа и Пјуник, одигран на 13- ти јули 2004- та во Скопје (со што уште еднаш се потврдува дека правдата може да доцни, ама секогаш доаѓа во „свое“ време). Обвинувањата за мечот се темелат на извештаите од обложувачката индустрија и на изјавите на неколкумина сведоци.
Дисциплинската комисија и телото за контрола при УЕФА ќе работат и натаму на случајот, се до 17- ти април кога ќе бидат познати повеќе детали, стои во информацијата на УЕФА објавена на нејзината официјална Интернет страница.
Да потсетам, станува збор за натпревар од првото квалификациско коло од Лигата на шампиоите, кога во Скопје Победа за „жив срам“ и сеопшта „смејурија“ загуби со 1:3 од ерменскиот шампион Пјуник (од „независните“ новинари беше оценет како „срамен пораз“ и „мизерија“). Потоа, во возвратниот натпревар „срамот“ малку се „поправи“ (колку „да не се сетат Власите“)- прилепскиот тим во Ереван „успеа“ да одигра нерешено 1:1, и тоа со со водство (незамисливо!) се до 77- та минута. Она што е поважно за реваншот е дека тој не фигурираше на обложувачките тикети!
Денеска чувме- видовме (на А2 ТВ) и една изјава на Васко Арсовски, уредникот на весникот „Македонски спорт“, кој по повод истрагата за наместениот натпревар со Пјуник „обелодени“ дека во тоа време сите медиуми знаеле што се случува, но никој не се осмелувал да го напише тоа. Во тој период самите играчи на Победа во обложувалницата „Златна копачка“ ставале облози за овој натпревар, а во обложувалницата „Џокер“ на претседателот на ФФМ Хаџиристески (!) овој меч во билтенот не се ни појавил како можност за типување.
И уште една потврда на мафијаштвото во македонскиот фудбал „од најгоре до најдолу“, на одамна покажаното и докажаното лицемерие на ФФМ (чиј „славен“ претседател е спомнатиот Хаџиристески):

Фудбалската федерација на Македонија потврди дека добила известување од УЕФА во врска со истрагата и ја поддржува(?!) со цел да биде завршена во целост. ФФМ ќе ги почитува сите дисциплински одлуки и препораки за реакција во согласност со статутот на македонската куќа на фудбалот.
Да, УЕФА ептен се „затресе“ од „поддршката“ на истрагата, а сигурно најмногу се израдува од „ветувањето“ дека ќе се почитуваат нејзините „одлуки и препораки“.
А во меѓувреме малку самата да се потруди и да ја „продува“ пепелта, колку да му овозможи на „жарчето“ побрзо да го разгори огнот? „Немат шанца!“






