Македонија и нејзините „вундеркинзи“
Македонија мора радикално да го промени односот спрема младите таленти- генијалци („вундеркинзи“) во сите области. И тоа не откако ќе се покажат- докажат самите во светот, индивидиуално, најчесто единствено со сесрдна поддршка на родителите, туку да бидат забележани пред тоа, на кои ќе им бидат овозможени максимални (вонредни) услови за нивниот развој.
Не затоа што ги нема доволно (во спротивно не би биле тоа) и не поради тоа што тие најмногу и најбрзо можат да го придвижат севкупниот развој или на областа во која тие се „раѓаат“. Пред се и најмногу поради нив самите, нивниот непречен индивидуален напредок и се она што допрва ќе „излезе“ од нив.
„Гласот на Америка“ (VOA) на македонски јазик (пренесе А1 ТВ) го забележа големиот успех на македонскиот ученик во 6- то одделение во основното училиште „Ојстер Адамс“ во Вашингтон, Велјан Митровски: победил на натпревар од областа на животната средина со изум со кој се штеди електрична енергија- преку поставување на соларни плочи на самафорите во главниот град на САД. Главна тема на проектот била како да се заштеди енергија, посебно во актуелниот момент на голема економска криза.
12-годишниот Митровски пресметал, дека ако на сите семафори во Вашингтон се инсталираат неговите соларни плочи, за една година би се заштедиле точно 251 милијарда и 942 милиона киловат- часови електрична енергија.
„Во овој проект споредував 2 генератора- соларен панел и рачен генератор. Најпрво направив споредба на соларниот генератор- ставив крпа на него и чекав светилките да згаснат. Потоа чекав неколку минути повторно да се запалат, па ја ставив крпата и чекав повторно да згаснат. За рачниот генератор поставив 5 светилки, сите со вкупно 600 волти. Пресметав колку пати треба рачката да се заврти за да се запалат сите сијалички“.
Велјан ја добил наградата на Саемот за математика, наука и технологија што на ниво на основни училишта секоја година се одржува во Вашингтон.
Неговите родители се на привремен престој во Вашингтон, а по враќањето во Скопје тој планира да го презентира проектот и пред соучениците во основното училиште „Димо Хаџи Димов“.
Конкретно, неговиот изум не би значел толку многу во однос на заштедата на електрична енергија како во Вашингтон, зашто немаме толку развиен сообраќај односно толку „семафорско покривање“. Ама сепак…Шегата настрана, неговиот изум не треба да им се „препушти“ на Американците односно на фирмите кои „ѓивеат“ од иновации (што, се разбира, ќе биде многу тешко). Меѓутоа, фактот дека има Митровски има само 12 години и е на прагот на „иновативната дејност“ едноставно не им дозволува, пред се на одговорните во образованието, но и на Владата- власта (воопшто, на сите нивоа) да останат настрана.
Треба да се знае дека во економски и технолошки најразвиените земји за „ малите генијалци“ постојат посебни школи, посебни системи на образовно- педагошка работа, посебни услови за живот, учење и работа. Но и во оние кои тргнуваат- тргнале, се на патот на забрзан и динамичен севкупен развој. Време е да тргне и Република Македонија.






