Кампања за предвиден пораз и сигурна победа
Токму во тоа е единствената разлика на кампањата што се одвиваше во изминатите 20 дена за претседателските и локалните избори во Македонија, в недела на 22- ри март.
Поразот е реален за СДСМ и неговите опозициони партнери, а очекувана победа се трудеа да обезбедат ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Резултатот…Првичните анализи укажуваат на некои нестандардни, нелогични, но и неприфатливи „елементи“ во однос на она што значат регуларни, фер и демократски избори (предизборната кампања како дел од неа).
На пример, некои од кандидатите за претседател на Македонија своите пораки, поточно критики и ветувања многу повеќе ги насочуваа кон Владата на Груевски, како да се кандидирале за премиер, а не кон своите конкуренти.
Загрижувачко е оти оние од опозицијата толку ја вжшетуваа својата реторика што доведоа во прашање (доколку бидат избрани) еден од главните услови на ЕУ- кохабитацијата помеѓу нив и Владата.
Кандидатот на СДСМ (и други од оваа партија) отиде најдалеку, најавувајќи ја својата победа како победа над актуелната власт?! Што значи дека веднаш по претседателските избори очекува и парламентарни (вонредни), а дотогаш…како ќе претседателствува со земјата и ќе соработува со неа?
Иако беше очевидна воздржаноста на сите, сепак уште во текот на кампањата некои посочуваа на нерегуларности. Не во однос на инциденти,
туку во избалансираноста на информирањето на некои медиуми, во присутноста на теренот- „искитеноста“ (сомнеж дека власта потроши над дозволеното, па и „пари од граѓаните“), во употребуваниот вокабулар- навреди, закани…
Сепак, главен белег на предизборната кампања е очевидното несразмерно медиумско присуство на кандидатите; многу повеќе од коалицијата на власт, па и на теренот, со детално промовирање на проекти, со директна, „митингашка“ поддршка на Груевски, наспроти зачудувачки малото, незабележливо на опозиционерските.
(Патем, со право се поставува дилемата дали Груевски настапуваше како лидер на ВМРО- ДПМНЕ или како премиер. На пример, постојано, за секој кандидат за градоначалник, потенцираше дека програмата односно проектите ќе бидат реализирани со поддршка на Владата. Дали тоа значи дека таа ќе изостане за победниците од опозицијата?).
Тоа е „објаснувањето“ на насловот на овој текст: опозицијата стартуваше и ја реализира својата кампања со однапред предвиден пораз, можеби повторно катастрофален и на претседателските и на локалните избори (со оглед на рејтингот, поточно агонијата во која се наоѓа), без оглед на лошо, аматерски изглумениот оптимизам; а со интензивна кампања позицијата се потруди да ја обезбеди и онака сигурната победа (не само според високиот рејтинг во континуитет).
Таа особено „поентираше“ во директните континуирани „пресовски“ судири помеѓу СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ. Имено, и овојпат на своите прес конференции СДСМ настапи со површни, нестручни, аматерски, па и инфантилни оценки и коментари за „лошото работење“ и „катастрофалната ситуација“ во која актуелната власт ја „турнала“ државата, на кои од ВМРО- ДПМНЕ лесно одговараа со противаргументи. Во таа „активност“ Заев & comp. најлошо минаа со обидите да „документираат“ случаи, афери и сл., кои „противникот“ не само што успешно ги отфрли (неретко и со оправдано потсмевање), туку излегуваше со нивни (на СДСМ и коалиционите партнери) докажани и сомнителни, казнети и неказнети од поблиското и подалечното владејачко минато.
Сепак, од кампањата најмногу „профитираше“ и допрва ќе „профитира“ (по изборите) претседателскиот кандидат Имер Селмани, лидерот на „Нова демократија“. Иако е убеден дека Македонија е зрела демократија „за да и се случи Обама“, дека ќе и се случи „нова пролет“, повеќе од сигурно е оти негова голема победа ќе биде ако успее да влезе во вториот круг (што е можно, па и реално да се очекува).
Се на се, можеме да оцениме дека предизборната кампања се одвиваше во мирна атмосфера и без сериозни инциденти, а во јавните настапи на претседателските и кандидатите за градоначалници и советници беше задржано нивото на комуникација.
Ветувањата? Зависи од тоа како беа спакувани („декоративна хартија“ или „евтин целофан“) и со кој вокабулар понудени (колку симболично, а колку конкретно)? За нив последниот збор ќе го кажат гласачите в недела.
За нив уште ова: ако целта на кампањата на сите им беше да освојат што повеќе неутрални, неопределени гласови, не е верно дека успеаја. Напротив, имајќи предвид дека се уште и уште многу од блиската иднина кај нас (ќе) се гласа за партија, а не за личност и програма, може да се очекува нивната апстиненција од гласање да биде поголема од кога било досега. Особено во првиот круг.






