Исто, ни најмалку различно
Што очекувате од предизборната кампања за парламентарните и локалните избори што стартуваше денеска? Јас веќе одговорив (види прилог под овој): ама баш ништо! Се разбира, почитувам различно, спротивно мислење, па и она: „А што треба да очекувам? Кампања како кампања“.
Можно ли е да се измисли нешто ново во нејзини рамки, а да не биде откривање на „топла вода“? Се разбира, ама не го очекувајте тоа од мене, ниту од кој било што со судни маки си ја брани својата „интелектуална сопственост“. Да бев во некоја маркетиншка агенција од избраните на партиите или ангажиран во нечиј изборен штаб…
Нудам еден прилог за (пре)прочит чија содржина нема да ве буни, да ве стави во никаква недоумица, само доколку го имате предвид датумот на неговата објава (15.06.2006. под налов „Предизборна кампања“). За неупатените: се работи за почнувањето на предизборната кампања за последните редовни парламентарни избори во Република Македонија во 2006- та.
Денеска почнува предизборната кампања за парламентарните избори што ќе се одржат на 5-ти јули годинава. Почната е одамна, пред повеќе од месец дена, најинтензивна на „најголемите“ партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ (сосе нивните коалициони партнери), што претставува сериозно кршење на Изборниот законик и прв (голем) „чекор“ кон нефер и недемократски избори, но за тоа никому ништо.
Како што очекувавме и најавуваме, ништо ново во нејзината содржина: митинзи, средби со граѓаните „на терен“, а најмногу реклами и комерцијални огласи во електронските и печатените медиуми. Сите според „можностите“ (читај: колку што успеале да соберат пари или колку што треба- може и повеќе од дозволеното без опасност некој тоа да го открие). Значи, безидејност, неинвентивност, стереотип, се веќе видено. Да, има нешто што можеби ќе биде новина: можно е некои средби „на теренот“ да се реализираат гледајќи заедно натпревар на Светското првенство во фудбал.
Замислувам ваква слика и атмосфера: Владо Бучковски, кој во меѓувреме се пофали дека го бидувало и за спорт и рекреација, а би можел брзо да научи и да боксува само да прифати тв дуел неговиот „најлут“ противник Груевски- бивш боксер (човекот, сосема нормално, не прифати оти не се работи за претседателски, туку за парламентарни избори), седнат пред телевизор во дом на некој грѓанин односно потенцијален гласач (некако најмногу му „стои“ пензионер); гледаат заедно фудбал, коментираат, навиваат (не е проблем тој за едниот, домаќинот за другиот тим); а во прекините на натпреварот Бучковски на домаќинот му ги раскажува 50-те успеси и 50-те ветувања поради кои „не треба да заборави“ да гласа за неговите на 5-ти јули. Во еден момент, во навивачки занес, на домаќинот му текнува да праша: А кој игра на 5-ти јули?

Еве јас, како непристрасен навивач на сите, па и на Бучковски сосе сите негови кандидати, да му помогнам за да не излезе „неинформисан“: на 5-ти јули домаќинот ќе може „непречено’ да гласа во кое било време од 7.00 до 19.00 (во тој период ќе бидат отворени гласачките места), бидејќи на тој ден ќе се игра само еден натпревар- вториот полуфинален меч, и тоа со почеток од 21.00 часот.
Со оглед на неповолните „околности“, најголемата, ако не и единствена ефикасност на парламентарната предизборна кампања може да се постигне со медиумската. Тоа е скриената пресметка за успех на актуелната власт. Во тоа е и наивноста на опозицијата која глатко, без никаков приговор (или поговор) прифати сосема несоодветен термин за избори. Едновремено, тоа е и перфидната режија на нефер и недемократски избори.
Значи, најмногу пари ќе се „фрлат“ на радио и тв реклами, огласи, извештаи и преноси од митинзите и средбите со граѓаните, се во рамките на платен политички маркетинг. Можеме ли да очекуваме нешто ново во нив? Да!
Што се однесува на тв спотовите, нова ќе биде основната боја (најприсутна портокаловата), а веројатно ќе има нешто ново и во држењето на „статистите“- мислам на оние што ќе ни се обраќаат најчесто во „статична“ поза. Се разбира, повеќето ќе бидат во стоечка (не стоичка) позиција, веројатно некој ќе биде седнат, но сигурно никој нема да ни се„наслика“ легнат. Таман работа! Па некој од противниците да помисли дека однапред се предал.
Кај радиските спотови не треба да се очекува којзнае што, тие и онака се секогаш „ради реда“, а многу „џиџани“ нема да бидат ниту огласите во весниците и списанијата.
Сепак, најновото што реално можеме да го очекуваме е токму поврзано (со папочна врвка) со скриената пресметка и перфидната режија. Да не одам во детали, само ќе потсетам на онаа ненародна изрека: „Колку пари- толку музика“. И ќе ви препорачам нешто: бројте чии особено тв спотови најмногу ќе се емитуваат во текот на денот, пред се во ударните термини. Ама не во независните медиуми (тие и онака одвај можат да се избројат со прстите од едната рака, а бидете сигурни дека на партиите и од позицијата и од опозицијата не им се баш познати), туку во „нашите“ и „нивните“. И се ќе ви биде познато и јасно.
Особено победникот. Уште денеска, евентуално утре, најдоцна задутре. До полуфиналето на Светското фудбалско првенство сигурно. Победникот гарант ќе слави заедно со новиот светски првак.
Кој од нашиве „кандидатски тимови“
најмногу ви личи на Бразилците? Или на Германците, Холанѓаните? Ви личи некој на тимот на Саудиска Арабија? „Немат шанса“. Оти нашиве “не пијат нафта”!






