Завршува скијачката сезона- познати најдобрите во Светскиот куп
![]()
Големите мајстри на скијањето, како и во секој друг спорт, и не само во спортот, се, ќе останат и ќе заминат како големи. Најголемите, пак, ги повторуваат успесите, победуваат во континуитет, а неретко со победа и ја завршуваат својата кариера.
Продолжува доминацијата на големите скијачки велесили. Ако во некои спортови нема ништо случајно, па и изненадувањата не се „проблесок“, тоа се секако скијачките.
Големиот Кристален глобус, што му се доделува на севкупниот победник во алпско скијање, во Светскиот куп, му припадна на Норвежанецот Аксел Лунд Свиндал.
Во денешниот последен натпревар сезонава во слалом, во шведскиот скијачки центар Оре, тој го повтори успехот постигнат пред 2 сезони. Неговиот конкурент, Бенјамин Рајх од Австрија, промаши врата уште во првата трка, иако како подобар слаломист требаше да биде само подобропласиран од Норвежанецот. Двата претходно освоени бода предност му беа доволни на Свиндал за конечен триумф, па и тој самиот не го заврши првото возење. Французинот Жан Баптист Гранж во вкупен пласман го освои 3- тото место и малиот слаломски глобус. Победи Австриецот Марио Мат, пред Жилиен Лизеру од Франција.
Тања Путиаинен од Финска вторпат во кариерата се закити со титулата најуспешна велеслаломка. Успехот од 2005- та го повтори откако со 2- то место собра 7 бода повеќе од Австријката Катрин Цетел. Иако Цетел беше најдобра на дури 4 трки, во последната- најважната стаса дури 8- ма на целта и ја изгуби предноста од 41 бод. Триумфираше Тина Мазе од Словенија.
Пред 3 дена Американката Линдзи Вон практично ја обезбеди титулата најдобра во Светскиот куп, победувајќи во велеслаломската трка во Оре. Вон претходно го освои малиот кристален глобус како најдобра во спуст, а со победата истата награда и во супервелеслалом.
Во Светскиот куп во скијачки скокови Австриецот Грегор Шлиренцауер ќе ја освои титулата на утрешниот натпревар во норвешкиот центар Викерсунд, со оглед дека има недостжна предност од 242 бода пред Симон Аман од Швајцарија. Потоа ќе останат уште две натпреварувања на Планица следниот викенд.
Шлиренцауер беше прв во денешните екипни летови. Падна при најголемата должина на денот- 224 метри, но доволно бодови претходно освоија другите австриски летачи- Мартин Кох, Волфганг Лојцл и Томас Моргенштерн.






