Дуел- да или не
Оние што редовно го читаат овој блог забележале дека, освен нови, за актуелни настани, прашања и проблеми во земјава и странство, со акцент на политиката и економијата, (пре)објавувам и серија текстови напишани во 2006- та година кои имаат не само дневно- „хрономерско- хроничарско“, туку и пошироко, па и „вонвременско“ значење. Последните десетина речиси исклучиво се однесуваа на тогашните парламентарни избори во Република Македонија.
Нудам уште еден текст чија тема се (ре)актуелизира деновиве, во екот на предизборната кампања за претседателските и локалните избори, а особено од страна на опозиционите претседателски кандидати: „нужноста“ од тв дуел односно медиумско соочување. Со аргумент дека е тој „најголем израз на демократичноста на изборите“. Што инаку воопшто не е точно. Имено, тој во развиениот демократски свет е посакуван, но не и нужен. „Најголем израз“ е личното (кандидатско) соочување со гласачкото тело.
Прилогот е објавен под наслов „Дуел“, на 18.05.2006.
Како да се толкува толку големото инсистирање на СДСМ и лидерот Бучковски за тв дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, „на која било тема“, далеку пред почетокот на предизборната кампања? Никако поинаку, освен како обид да се подигне сопствениот рејтинг, поточно изборната битка однапред да се сведе на меѓусебна. (Бучковски дури е сигурен дека главната битка на парламентарните избори ќе се води помеѓу него и Груевски, односно нивните партиски избраници за пратеници.)
Дали ќе се успее во намерата по евентуалното прифаќање на дуелот? Шансите се реални, па сите други учесници треба да размислат уште сега за повлекување од изборната „игра“.
Не е вообичаено да се организираат тв дуели пред стартот на предизборната кампања. Напротив, тие обично се планираат (од страна на медиумите) на самиот крај, и тоа со учество на сите (меѓусебни дуели). Во името на рамноправноста, еднаквиот медиумски третман или ако евентуално се оди во втор круг на избори.
Од ова следува прашањето: која ТВ ќе прифати да го реализира- емитува веќе „договорениот“ дуел, а притоа да не биде казнета поради партиски- предизборен маркетинг (периодот за него е со закон утврден и надвор од него претставува мајоризација, кршење на основното правило за фер и демократско следење на предизборната кампања). Дали СДСМ смета дека тој тв дуел има обврска да го емитува јавниот сервис- МРТВ?
Од друга страна, дали другите „играчи“, лидерите на партиите што ќе учествуваат на изборите, ќе стојат настрана или со право ќе протестираат токму поради кршењето на правилата за рамноправен медиумски предизборен маркетинг?

Според мене, едно друго прашање е многу поважно од претходните, а се однесува на гласачкото тело- електоратот: кого интересира тв дуел помеѓу Бучковски и Груевски, освен нивното членство и симпатизерите? Зарем особено неопределените (во најголем број) немаат право (не само што посакуваат) да бидат „почестени“ со тв дуели помеѓу други(те) лидери?
Повикот на дуел (речиси до степен на плач и солзи „молитвени“) е сосема в ред, но не тв дуел. Значи, јавен, пред публика (на пример во Универзалната сала), а медиумите, сосема нормално, ќе информираат како „нормална“ партиска- предизборна активност (не кампања).
Дека нешто не е в ред со барањето на тв дуел од страна на Бучковски и СДСМ, говори и фактот што Бучковски јавно го прозиваше Груевски на дуел „за што било“ („ако сака и за спортот“). Зошто, на пример, би бил интересен за тв гледачите дуел помеѓу нив за моментните цени на скопските пазаришта или за статусот на љубовта во брачните и вонбрачните односи?
Нејсе, дуелот „ќе го биде“. И пак прашање што се наметнува само по себе: зошто Груевски конечно подлегна на навалувањата на Бучковски и СДСМ за дуел на „некоја“ тв? (Претпоставувам која: „јавната“; се рабира, како платен политички маркетинг доколку тој се одржи во текот на предизборната кампања- поинаку би било предизборен медиумски прекршок) Дали конечно процени дека и нему му е потребен, како што му е очигледно „сламка на спасот“ на противникот?
Бидејќи Бучковски јавно го повика на тв дуел за што било, би му препорачал на Груевски да се „дуелизира“ со него за боксот. Сигурен сум дека, како поранешен боксер, ќе го „нокаутира“ уште во првата рунда.
А за „договорениот“ тв дуел (само уште да се изјаснат која односно чија тв ќе изберат и како да го анулираат неминовното барање за казна од страна на Советот за радиодифузија) да им биде интересен и на неутралните, неопределените, не само на „своите“, предлагам публика (во студиото) да бидат сите лидери на партиите кои ќе учествуваат на парламентарните избори. Се разбира, со право да поставуваат прашања, па и да реплицираат.
Уште еден предлог од мене: тој да се одржи во македонскиот Парламент (може и како вонредна собраниска седница, со што би се избегнале предизборниот прекршок и оценкаста на „меѓународната“ за нефер и недемократски избори). За публиката да биде помасовна, не ќе е лошо да присуствуваат комплетните изборни штабови, па и избрани партиски членови.
Што се тоа „кристално скандинавски“ фер и демократски избори?






