Владата незаинтересирана или…
Неспорно е дека Владата на Македонија е пред сериозен проблем: една навистина апсурдна законска одредба остава на улица илјадници професионални војници со наполнети само 38 години. Нешто итно мора да се стори, притоа имајќи ги предвид НАТО-стандардите, односно решенијата во земјите- членки на Алијансата.
Не е верно дека власта (не само Владата) е незаинтересирана. Размислувањата и предлозите на „Достоинство“ сепак не е лесно да се применат, бидејќи се работи за состојба која мора трајно да се надмине.Но од друга страна, не е прифатлива оценката дека зад протестите што ги организира здружението постои „одредена заднина“.
Вест:
Со војнички марш повеќе од 1.000 војници од сите армиски единици протестираа пред Владата и Собранието на Македонија, со што го искажаа револтот од „незаинтересираноста на државата“ за нивниот статус.
Протестот се одвиваше според војнички правила, а го организира здружението „Достоинство“.
Според постојниот Закон за служба во АРМ, на македонските професионални војници кои ќе наполнат 38 години (во моментов ги има околу 4.000) им прстанува работниот ангажман. Се разбира, истото се однесува и на мировниците во мисиите во Ирак и Авганистан.
Војниците бараат да се избрише горната старосна граница и професионалните војници да останат на работа се додека не ги исполнат условите за пензионирање. Ако тоа не е можно, да се прераспределат во полицијата, во судската полиција или во други буџетски установи.
Состојба:
Само пред 10 дена армиските професионалци ја чекореа истата маршрута од Владата до Собранието.
Претседателот на здружението “Достоинство”, Стојанчо Ангелов, вели дека единствено Министерството за одбрана официјално одбило разговор со нив, а другите се уште молчат:
„Сите се однесуваат игнорантски, како проблемот да не постои. Од Министерството за одбрана иронично ни одговорија дека министерот ќе го реши во преговори со армискиот Синдикат. А најголем дел од професионалните војници го напуштија и се зачленуваат во нашето здружение“.
Тој смета дека е во интерес на државата овие војници, по службата во АРМ, да работат за неа, бидејќи тоа е во интерес на безбедноста.
„Тие можат да бидат најдобри полицајци, бидејќи имаат поминато 15 – годишно искуство во војската. Ако може полицајци да се вработат со 3- месечен курс, зошто да не можат тоа да бидат професионалните војници со такво богато искуство?“.
Ако останат на улица овие војници, кои не знаат ништо друго освен да војуваат, ќе претставуваат голем ризик за државата.
„Секоја година од војската заминуваат по 50- мина професионални војници. За 10 години половина армија ќе биде на улица, кои од немајкаде може да бидат жртви на разни криминални структури“.
Ангелов ијави дека здружението се бори за правата на припадниците на МВР, АРМ, резервниот состав, а професионалните војници се само еден сегмент. Тие, пак, веќе престанале да веруваат дека Синдикатот на одбраната ќе се заложи да се изнајде решение за нивните барања. Според Здружението на војниците, сите досегашни ветувања дека работна група ќе има средби со воените аташеа на земјите- членки на НАТО за да се изнајде решение биле само купување време, затоа што средба досега воопшто не била одржана.
Ваквите обвинувања ги отфрла претседателот на Синдикатот на одбраната, Ристо Ајтов. Тврди дека средби се одржани и е можно во многу кус период да се изнајде конечно решение за војниците да не останат на улица.
„Советодавниот тим на НАТО заедно со американскиот тим беше на средби со работната група од Министерството, на која изворно беа добиени информации од НАТО- структурите за тоа како е решено ова прашање во другите земји. Овие информации треба да бидат разгледани, по што ќе се направат компаративни анализи. Потоа ќе понудиме неколку можни модалитети со финансиски импликации, по што ќе треба да се добие мислење и од министерствата за финансии и за економија. Дури потоа ќе знаеме што ќе биде кај нас применливо и тоа ќе биде во многу скоро време“, објаснува Ајтов.
Според него, обвинувањата што ги упатува Здружението на негова адреса се паушални, а протестите кои се организираат имаат одредена заднина.
Здружението „Достоинство“ минатата недела упати повик до претседателските кандидати да се изјаснат за Законот за припадниците на безбедносните сили и за барањата на професионалните војници, но досега никој од нив јавно не се изјаснил. Тоа смета дека идниот Претседател има ингеренции да го реши нивниот проблем.
„Достоинство“ ги повика војниците на претстојните локални и претседателски избори да гласаат според сопствено убедување.
Самиот факт на кој упатува Ангелов- дека секоја година од војската заминуваат по 50- мина професионални војници, налага трајно, а не паушално или краткорочно решение. Се разбира, тоа не значи дека власта, а пред се Владата на Макдонија, не треба да „побрза“. 4.000 професионалци во пензија со наполнети 38 години никако не смеат да бида игнорирани.






