21-ви век: светот во рацете на мафијата
Борбата против мафијата во целиот свет е постојана, континуирана, а во последниве години и се поинтензивна. Парадоксално е што, колку повеќе и се нанесуваат сериозни и тешки „удари“, таа станува се помоќна и повлијателна, дури и во највисоките политички и државни кругови. Меѓутоа, во тоа постои и одамна потврдена условеност, имајќи ја предвид пред се суштината на мафијаштвото (организиран криминал и корупција) и нејзиното „општо“ дејствување (рекетарење).
Дали во Македонија се води вистинска, континуирана и доследна војна против сите видови на мафија? Размислете имајќи ја предвид, на пример, моментната „позиција“ на градежната мафија.
Мафијата насекаде во светот дејствува речиси на ист начин: ќе се собере група на решителни луѓе која пред јавноста настојува да го покаже само својот „чист“ образ, вешто прикажувајќи ги валканите раце и гангстерските работи, а полицијата обично тапка в место. Карактеристично е што секој член на современа банда има доволно пари за најдобри адвокати, а во организацијата владее челичното правило на молчење комбинирано со одмазда за предавниците, како и разработена програма на меѓусебни помагања кога некој од „семејството“ ќе заврши в затвор.
Заедничко за сите мафијаши во светот е што знаат оти парите се „најцврстиот лепак“ за секое општество. Нивната доктрина е дека со пари може да се купи се, па ги „заработуваат“ секако- легално, полулегално, илегално.
Оние што имале- имаат „работа“ со мафија- што се бореле- се борат против неа, добро знаат дека најкорисни за неа се „цинкарошите“ (поткажувачите) од полицискиот и државниот апарат. На нив таа воопшто не штеди. Тоа е една од главните причини за неспособноста на локалните полиции и судии- поткупливост на важни луѓе во градската и државната управа на кои вооопшто не им пречат гангстерските пари.
Што се однесува на мафијашките методи, и тие се исти како во развиената Америка, исто така и во полуразвиениот Бразил. На пример, таму спомнатата градежна мафија поради своите деловни интереси прво ги претепува непослушните и непоткупливите. Ако жртвите и натаму остануваат твдоглави, се применуваат два метода: убиство на оној што се опира на рекетарењето или јавна ликвидација на најневиниот член на неговото потесно семејство, вклучувајќи и деца.
Да, мафијата во Република Македонија, за разлика од некои други земји во регионот, на пример членката на ЕУ- соседна Бугарија или „најблиската“ до Унијата Хрватска, е се уште прилично „мека“, односно не применува „крволочни“ методи на принуда и одмазда. Иако веќе се случиле се уште неразјаснети односно „нерасчистени“ убиства. Меѓутоа, мошне индикативна е немоќта на
судството откако полицијата ќе ја „заврши“ својата работа (и таа во последно време како да го губи „здивот“) што, пак, сосема погрешно се „оправдува“ со неговата „нереформираност“. Реформата на се, па и на нашето судство, значи осовременување, модернизација, функционалност, ефикасност, а не „добивање“ на независност! Кога е таа- независноста главен проблем, всушност станува збор за „заемност“ помеѓу него и мафијата(од секој вид- политичката, финансиската- посебно банкарската, царинската, градежната, тутунската…).
Најнови успеси во борбата против мафијата во светот:
Њујоршката полиција уапси 13- мина мафијаши осомничени за рекет, изнуда и трговија со дрога. Најголем дел од нив се членови на кланот Џеновезе. На сите уапсени им се закануваат долгогодишни казни затвор, доколку бидат прогласени за виновни.
Петте најголеми мафијашки кланови – Бонано, Коломбо, Гамбино, Џеновезе и Лукезе, претрпеа сериозни удари во последната деценија поради полициски апсења и судски процеси, како и од внатрешни судири.
10- мина дилери на дрога се упасени во пресметка со полицијата во неколку акции во Рио де Женеиро (Бразил), соопшти полицијата. Таа упаднала во 4 квартови со употреба на оклопни возила и хеликоптери во потрага по дрога, оружје и украдени автомобили.
Поради секојдневни пресметки помеѓу полицијата и добро вооружените банди на дилери на дрога, кои контролираат стотина сиромашни квартови, Рио е еден од најопасните градови на светот.
На почетокот од годинава италијанските карабињери уапсија 18- мина членови на сицилијанската „Коза ностра“. Апсењата биле извршени во неколку градови на островот Сицилија. Повеќето се уапсени во градот Каталнисета, каде што дејствува мафијашкиот клан Мадонија, кој е дел од сицилијанската мафија. Помеѓу уапсените има и неколку шефови во кланот. Главниот шеф на кланот – Џузепе Пиду Мадонија, долго време е в затвор и е под многу строг режим. Меѓутоа, и покрај тоа, тој продолжил да раководи со работата на кланот и давал наредби преку својата сестра и зетот кои му доаѓале во посета.
Уапсените членови на Мадонија се обвинети за перење на пари, изнудување и членство во мафијашка организација.
На крајот од минатата година, пак, исто така во Италија беше уапсен познат член на калабриската мафија „Ндрангета“, кој се криел 11 години. 37- годишниот Пјетро Криако фигурирал во списокот на 30- мина најопасни криминалци кои се кријат во земјата Тој се криел од 1997-ма, а бил осуден на 14 години затвор за обид за убиство и на 5 години лишување од слобода за учество во мафијашка организација. Заедно со него биле уапсени уште 3 лица, кои му помагале да се крие.
„Ндрангета“ се смета за една од најопасните криминални организации на светот. Таа се претворила во „моќна светска економија“, финансирана преку пренасочување на европски фондови, шверц со наркотици и мафијашки „даноци“, истакнуваат италијанските власти.
Инаку, според проценките на експертите за незаконско работење 21- от век ќе биде ера на криминалот.
Се предвидува криминалците да завладеат со светот, доколку државите не ги спречат. Проценките се дека денес реалниот свет на организираниот криминал вреди годишно речиси билион долари.
Мошне „илуистративен“ пример за неверојатното ширење и стекнување на моќ на мафијата во 20- от и на почетокот од 21- от век е руската мафија.
Еве како „сликовито“ го опиша функционирањето на светското подземје сенаторот Џон Кери:
„Руската мафија испраќа свој професионален убиец од Москва во Њујорк за да ликвидира еден непослушен сопственик на голем маркет. Неговите фалсификувани документи ги обезбедува сицилијанската мафија, која за таа услуга е платена со ракети „земја- земја“. Или втор пример, колумбиските картели произведуваат кокаин. Кинеската мафија го зема во замена за хероин, кој потоа го криумчари во САД. Тријадите го донесуваат колумбискиот кокаин во Јапонија и го дистрибуираат во соработка со јакузите. Потоа азиската мафија ги пере парите од дрога во Европа“.
Глобалната криминална оска се состои од 6 главни сили, поврзани со низа мали организации, како и финансиски и политички кругови во многу земји. А тоа се американските криминалци, јапонските јакузи, кинеските тријади, колумбиските картели, руските гангови и италијанската мафија. Оваа подземна армија има над 8 милиони регистрирани членови, од кои најмногу во Кина и Русија.
Се смета дека Албанија е база на светскиот криминал (заклучок на Стејт департментот уште во 2005- та година). Албанската мафија е при самиот врв на светското подземје (косовската се смета за дел од неа), а нејзините пипала се движат од Пакистан и Турција, преку средна Европа до источните брегови на САД и Канада. Моментно нејзин највносен бизнис е трговијата со луѓе- девојки, млади жени, деца и детски органи.
Нешто што би требало да го загржи бизнисменскиот свет, а помина малку забележано (се разбира, во голема мера намерно):
Во ноември минатата година (2008- ма) претставници на италијанската деловна група „Конфесеркенти“ соопштија дека мафијата годишна „врти“ околу 130 милијарди евра, што претставува 6% од годишните државни приходи. Околу 180.000 деловни луѓе, поради финасиската криза и неможноста од добивање на кредити од банките, се принудени да позајмуваат пари од мафијата. Мафијашките шефови „инвестираат“ во познати италијански компании, а претставниците на групата изјавија дека продажбата на опојни дроги и криумчарењето на луѓе се уште се први на мафијашките листи според заработувачката, но шефовите на организираниот криминал „истражуваат нови деловни можности“ што им ги отвори светската економска криза.
„За разлика од другите бизниси, мафијата е слабо погодена од светската економска криза. Овој факт ја прави уште поопасна“, изјави шефот на групата Марко Вентури. Тој побара од банките и владите да обезбедат кредити за очајните бизнисмени да не мораат да позајмуваат пари од мафијашите. Притоа наведе дека сопствениците на италијанските продавници дневно и плаќаат по 250 евра на мафијата „за заштита“.
Како што пренесе Би- Би- Си, организираниот криминал се шири географски од своите корени во јужна Сицилија, преку Неапол, Калабрија и Пуља. Милано, некогашната „морална престолнина“ на Италија, сега е дом на гангстери на организацијата „Ндрангета“ од Калабрија.
А занете ли која земја е „оаза на мафијата“? Веројатно многумина од вас ќе се изненадат: повеќе од две децении тоа е малата европска држава Лихтенштајн.
Таа се смета дека е идеален полигон за финансиската и криминална елита. Наводно, германската Влада поседува досие на 30- тина страници, кое го чува во тајност, а претставува застрашувачка визија- дека цела една земја среде Европа им служи како јатак на криминалците од целиот свет.
Како што утврдила германската разузнавачк а служба (БНД), благодарение на станици за прислушкување, клиенти на ова мало кнежевство се латиноамерикански наркокартели, кланови на италијанската мафија и рускиот организиран криминал. Нив не ги толерираат само како инвеститори, туку буквално ги мамат на перење на пари со „индивидуални финансиски услуги по мерка“. Се тврди дека постои „мрежа на високи службеници, судии, политичари, директори на банки и инвестициони советници, кои заемно се поддржуваат во вршењето на илегални финансиски работи по налог на меѓународни криминалци“. Ова кнежевство, „скриено“ помеѓу Австрија и Швајцарија, се простира на само 160 километри квадратни, има 32.000 жители и речиси 2 пати повеќе задужбини во кои речиси без трага исчезнале најмалку 200 милијарди франци (податоков е „стар“ 10 години!).
Благодарение на тоа што државата е толку мала, постои густа семејна мрежа, па така членови и семејства седат на клучни позиции во полицијата, правосудството и банките. Со тоа е создадено безбедно опкружување во кое нема промашување, а ниту опасности.
Лихтенштајн не е член на специјалната комисија на ОЕЦД, тн. „Специјално одделение за финансиска контрола“, кое го надгледува финансиското работење ширум светот, па избегнува секаква меѓународна контрола. Не е ниту член на ЕУ, па не може да се „дисциплинира“.






