Нова ѕвезда на светското скијачко небо
Еден од спортовите во кои се менуваат и победниците и резултатите мошне брзо (мерени во минути и секунди), во некои просторно- временски димензии дури молскавично, е секако скијањето. Во секоја зимска скијачка сезона (колку да звучи необично веќе има првични најави и за летна) се појавуваат, неретко и блеснуваат нови имиња и во машка и во женска конкуренција, а периодот на подемот, на искачувањето до пиедесталот, до медалите е се покус. Истовремено и опстојувањето на освоената позиција е се потешко и покусо. Или со други зборови, спортувањето и младоста се се покуси и „посовршени“.
Од друга страна, земјите во кои постојат услови за зимски туризам, како што е Република Македонија, за неразвиеното скијање, во сите или макар во некои дисциплини, за безначајните, дури смешни „освоени“ места и резултати, се потешко можат да се правдаат со некакви објективни околности, со неможност од нужни големи вложувања (а во кој спорт денес се „нужни“ мали?) и слично.
Интересно е што приведените согледби се подеднакво валидни и за машкото и за женското скијање, но и за одделните скијачки дисциплини.
Можеме ли во блиска иднина да очекуваме скијањето да стане прв „машко- женски“ спорт, во кој ќе следиме „еманципирано“ меѓуполово натпреварување? Секако!
Една од новите, блескави светски скијачки ѕвезди е секако Американката Линдзи Вон. Последниот успех: денеска го освои првото место во супер велеслалом кој се одржа во италијанскикот зимски центар Тарвизи, во рамките на Светскиот куп. Со тоа таа стана најуспешна американска скијачка во историјата, престасувајќи ја досегашната рекордерка Тамара МекКинли која во кариерата победи на 18 трки. Да, победата во Тарвизи на Вонова и е 19- та во натпреварите во Светскиот куп!
Изјава по трката:
„Ова е посебна победа за мене, тоа ми е 19- та титула. За неа размислував од моментот кога го изедначив рекордот на Тамара во Гармиш. Се одеше според планот, бев концентрирана во текот на целата трка. Бев и внимателна и агресивна кога беше потребно“.
На водечката позиција во генерален пласман на Светскиот куп и двојната светска шампионка победата во италијанскиот центар и е 6- та во сезонава.
Во генерален пласман на супер велеслаломот води Италијанката Наѓа Фанкини со 300 бодови, додека на чело на генералниот пласман на Светскиот куп се наоѓа Вонова со 1.374 бодови.
А само пред 2 дена Линдзи Вон влезе во историјата како прва победничка во женски скијачки скокови, на шампионатот на светот во чешкиот град Либерец. Со вториот скок од 97,5 метри, заедно со вкупно 243 освоени бодови, таа ја надмина Германката Улрике Греслер, која освои 4 бода помалку. Треба да се наспомне дека женските ски скокови дебитираат оваа година на Светското првенство во нордиско скијање. Овој спорт би можел да се најде на списокот на Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 -та година.
Финалето на Светскиот куп е на програмата во Шведска, од 11- ти до 15- ти март, а пред тоа во бугарскиот ски центар Банско следниот викенд ќе се возат спуст и супервелеслалом.
Која е (Lindsey Vonn Sent Pol)? Алпска скијачка, родена во Минесота, САД, во 1984- та година. Прво учество на Светско првенство оствари на 30- ти јануари 2005- та во Бормио, а во Светскиот куп дебитира на 8- ми ноември 2000- та во Парк сити. Првата победа во Светскиот куп ја постигна на 3- ти декември 2004- та, во Лејк Луис- Канада, во спуст. Тој е нејзина најсилна дисциплина.
Од остварените 18 победи (до денешната, односно до 5- ти јануари годинава), 11 се во таа дисциплина, 3 во суперкомбинација, 2 во слалом и 2 во алпска комбинација. Се уште нема победа единствено во велеслалом. Во Светскиот куп на победничкиот пиедестал била 44 пати. Во Вал д‘изер освои златни медали во спуст и супервелеслалом, станувајќи 3- та скијачка на светот, по Швеѓанката Ања Персон и Марија Вилазер оид Швајцарија, која победила во двете брзи дисциплини на едно светско првенство.
Детално можете да ја запознаете на нејзиниот web сајт. Адресата е http://www.lindseyvonn.com/.






