Нефер и недемократски избори: семејно гласање
Конечно, по толку многу избори во Македонија- претседателски, паламентарни, локални, се „отвори“ и постави за решавање, и тоа исклучиво под притисок на „меѓународниот фактор“, вториот круцијален проблем за спроведување на фер и демократски избори (првиот е транспарентното финансирање што не го решила ниедна држава, па и најдемократската на светот). Не беа- не се тоа инцидентите на избирачките места (што е проблем на нивната регуларност), ниту, пак, „дозволеното ниво“ на политичка некултура при нападите на опозицијата, „оцрнувањето“ на се што постигнала и не постигнала актуелната власт. Проблемот кој ги „обединува“ нерегуларноста и нужното, „стандардното“ ниво на фер и демократски избори е семејното гласање.
Овојпат се работи не за предупредување, туку за отворена закана: доколку се повтори, ќе влезе во конечниот извештај за изборите и поради тоа нема да биде поволен за Македонија.
Она што ни е „откриено“, а одамна си го знаеме, без оглед што се наметнуваше како приказна за малоумни, едноставно, со два- три збора, ни го „срочи“ Г-ѓа Марија Луиза Силва Мехијас од УНДП:
„Семејното и гласањето во име на друг не е традиција, туку е оправдување за да се продолжи со оваа лоша изборна практика“.
Семејно гласање: мажот гласа наместо неговата жена или го контролира нејзиниот избор; синот гласа за родителите или таткото гласа во име на децата; близок роднина, маж, гласа за жените во семејството. Двајца или повеќе членови од семејството влегуваат зад параванот и гласаат заедно. Најчести и најголеми жртви на тие најтешки повреди на гласачкото право (нарушување на неговата тајност и еднаквост) се жените од селските средини.
Според домашните, но и меѓународните правни обврзувачки норми, семејното гласање и гласањето во име на друг се забранети, бидејќи се еднакви на изборен фалсификат и изборно насилство.
Познавачите на изборната материја оценуваат дека е тоа последица на потценувачкиот однос спрема жената и сомневањето во нејзината способност да расудува и одлучува самостојно. До злоупотреба на избирачкото право на жените најчесто доаѓа поради постоење на психолошки бариери, дискриминаторни културни традиции во кои доминираат патријархалните сфаќања и стереотипи за улогата на жената во семејството и општествениот живот. Во тој корпус спаѓаат и неписменоста, непознавањето на изборните правила, непознавањето на своите права, непостоењето на свест за тајноста на гласањето.
„Откритието“ воопшто не е тоа. Наши експерти постојано укажуваат дека е тоа срам за Макеоднија и треба да прекине оправдувањето оти семејното гласање е традиција во некои средини. Најдобра заштита, пак, се изборните органи кои треба совесно да ја завршат работата- од Државната изборна комисија до најважните – избирачките одбори. Интересно, досега никогаш не е поднесен ниту еден приговор од граѓани за ваквото нарушување на избирачкото право.
Државната изборна комисија најави дека нема да го толерира семејното гласање и ќе направи се да се подобри демократската слика за земјава. Повторно ќе се оди и со едукација односно медиумска кампања, што ќе се состои од ТВ и радио спот подготвен на македонски и на јазиците на другите заедници во државата, а ќе биде емитуван 10 дена пред денот на изборите.
Центарот за истражување и креирање на политики и женската граѓанска иницијатива „Антико“, со поддршка на УНДП, го реализира проектот „Мојот глас- моја одлука“. Целта беше не само спречување на семејното гласање, туку и подигање на свеста кај гласачите дека секој има право на сопствен избор.
Сања Костовска, аналитичар во Центарот и менаџер на проектот, информира дека семејно гласање и гласање во име на друг се забележува во континуитет во последните изборни циклуси:

„Анализата направена од октомври 2008-ма до јануари годинава се базира на 14 фокус- групи кои беа организирани во првата, втората и шестата изборна единица, а се земени предвид ставовите на Државната изборна комисија, на претставниците од избирачките одбори и на жените пратенички. Она што фали е државна национална стратегија за сузбивање на оваа појава. Единствената активност на државните институции се базира на партнерска соработка со странските донатори, што не е доволно. Граѓаните сметаат дека токму политичките партии се главни виновници за генерирање на овој проблем, од чиста некоја своја пресметка на сигурни гласови во некое место што би им овозможило сигурна победа“.
Како што посочи таа, од сите 120- мина учесници во фокус-групите во посочените изборни единици, средини со мнозинско албанско и ромско население во кои е најзастапен овој проблем, никој не слушнал дека некое лице е казнето за спроведување на семејно гласање или за гласање во име на друг, а имаат сомнеж во ефикасноста на државните институции.
Клучното, најважното е дека за семејното и гласањето за друг досега никој не е казнет. Доволно е тоа да почне, потоа да прдолжи да се спроведува доследно, па сигурно нема да бидат потребни никакви акции, едукативни кампањи, стратегии и сл.
А одговорноста на политичките партии и нивните кандидати… и таа ќе дојде на ред. Кога- тогаш.






