Неуспешна приоритетна приказна
Приоритет: првенство, предимство, првенствено право; старешинство, првенство со оглед на времето на староста.
“Приоритет над приоритетите“: можен ли е, што значи, што би требало да биде? Не е ли тоа само една од многубројните политички флоскули, небули за домашна употреба?
„Приоритет над приоритетите“ на Република Македонија: евро- атлантска интеграција. Значи има и други? Кои се тие?
Имајќи го предвид основното, „речничкото“ значење на приоритетот, нема и не може да има повеќе, множество на приоритети, туку само еден. Оние што имаат повеќе, ги поставиле, ги поставуваат, за кои бараат доверба и „сеопшта“ мобилизација, очигледно ги „измешале“ неештата: приоритетот е еден и единствен, а се друго е или може да претставува етапа, фаза, преоден период, пречки што треба да се совладаат за тој да се оствари, да се стаса до него (како цел).
Приоритет на Македонија: ЕВРОПЕИЗАЦИЈА!
Евро- атлантската интеграција е приоритетот на сите политички партии- позиционерски, опозиционерски, парламентарни, вонпарламернтарни. Без исклучок. Таа е поставена како единствен, за кој постои „општ консензус“ (уште една политичка флоскула). Освен кога треба да се напаѓа политичкиот непријател (а не опонентот или подобро конкурентот), кој е на власт, при што се тврди, без никакви аргументи, дека земјата ја води во изолација. Без да се (под)размисли дали е тоа воопшто можно, па и кога би се имало таква цел. Конкретно: кога ЕУ и НАТО би решиле денес(ка) да ја интегрираат Македонија, оние на власта тоа би го одбиле, а народот би им аплаудирал?!
Евро- атлантската интеграција на „Западен Балкан“, вклучително и Република Македонија, е и треба да биде геостратешки интерес на ЕУ и НАТО (дури може не и на Македонија!). А „општиот консензус“ во однос на приоритетот (еден, единствен!), да повторам, треба да биде европеизација: воведување и примена на европските стандарди во сите сфери на животот, работата, дејствувањето. Да, европеизам наспроти балканизам!
(Патем, тоа е единствениот поставен и дефиниран приоритет на се уште неформираната Граѓанска партија на Македонија- ГПМ.)
За подетално елаборирање- објаснување- разбирање на европеизмот (не само наспроти балканизмот) се потребни и поголем простор и повеќе време (есеј), а овде само ќе приведам дел од едно мошне инспиративно предавање на Вацлав Клаус од ноември 2005- та година:
„Тоа е економски систем, кој не смее да биде оштетен со огромна владина регулатива, фискални дефицити, голема бирократска контрола, обиди да се подобри пазарот со конструирање на „оптимални“ структури на пазарот, со големи субвенции на привилегирани и заштитени индустрии и фирми, со легислатива на пазарот на работна сила.
Тоа е систем на идеи, кој мора да почива на слобода, лична одговорност, индивидуализам, природна грижа за други и изворен морален живот.
Тоа е систем на односи и врски на одделни држави кој не смее да почива на лажен интернационализам, на наднационална организација и на погрешно разбирање на глобализацијата и екстерналиите, но кој ќе почива на добрососедски односи на слободни, суверени држави и на меѓународни договори и договарања“.
Веројатно на многумина примерот- случајот, кој е повод за претходните редови, ќе го сметаат за несоодветен, премногу маргинален односно безначаен или „не баш илустративен“: шведската инвестиција „Сведмилк Македонија“. Јас, напротив, мислам дека засега подобар, „поподобен“ за неприоритетност на европеизацијата односно европеизмот во Македонија не постои. Особено во однос на неговото толкување како економски систем. Се надевам дека нема да се појави друг.
Најнови вести:

Сточарите кооперанти на „Сведмилк“ ќе ги добијат половина од парите до крајот на неделава, милион и 700 илјади евра, а втората половина, од над 3,5 милиони, до крајот на месецов. Ова е договорот помеѓу фармерите и новите стопани на шведската млекарница. Најавено е дека откупот на млекото ќе продолжи нормално по пазарни откупни цени, со натамошна редовна исплата.
Неофицијално се дознава дека нов сопственик на шведската млекарница е „Феникс Енерџи“, американско- израелски фонд.
Потсетување:
Фабриката за производство на млеко и на млечни производи, сопственост на фирмата „Сведмилк“, почна да се гради во скопското село Белимбегово на крајот од декември 2006- та година. Камен-темелникот го поставија премиерот Никола Груевски и генералниот директор на „Сведмилк Македонија“, Роџер Оскарсон. Притоа Груевски истакна дека очекува овој капацитет да им обезбеди на млекопроизводителите сигурен откуп на млекото, а на потрошувачите квалитетен производ. Оскарсон потенцира дека не бараат заштита, бидејќи имаат европски менталитет и веруваат во фер конкуренција на пазарот.
„Сведмилк Македонија“, која е дел од „Клин фуд груп“ (Групација за чиста храна), во фабриката инвестира 15 милиони евра. Вкупниот капацитет е 250 тони дневно. Таа е прва и единствена млекарница во Македонија која што уште од самиот почеток ги има имплементирано стандардите на ЕУ и има одобрение за извоз на млеко во ЕУ без никакви ограничувања. Под извозен број МК 01 09 0001, млекарницата се впиша како прва компанија од Македонија сертифицирана за извоз според новиот Правилник.
За многумина аналитичари и експерти „Сведмилк“ е (беше) една од приказните за успешноста на Владата во млекопроизводството. Фабриката најавуваше дека за себе може да врзе 5.000 фармери како кооперанти. Почетната инвестиција беше 15 милиони евра, а потоа со дополнителни влогови вредноста и’ се зголеми на 26 милиони евра. Млекото се произведува во внимателно избрани фарми, а наводно лабораториски се испитува 7 пати, се чува во лактофризери (кои им се делени бесплатно на кооперантите). Во периодот декември 2007 – мај 2008 година сите, а особено фармерите беа презадоволни.
Во меѓувреме на македонскиот пазар се појави познатата „Lactalis“, која е сопственик на хрватскиот „Дукат“, а во Битола дојде фондот „Salford“, како патрон на „Денјуб фудс“.
Меѓутоа, некаде во август минатата година се слушнаа вести дека нешто не е в ред во шведската фабрика. Престана редовната исплата на фармерите, а тие почнаа најпрво да мрморат во себе, а потоа беа лути, бидејќи, згора, државата, која им дава субвенции, на друга страна им ги зема во форма на непресметан ДДВ или нешто трето. Згора на тоа, дојде и неземањето на пари од „Сведмилк“ еден месец, па уште еден, за во последните денови на октомври работите да зовријат. Проструи глас дури дека европската млекарница е пред колапс и оти долгот спрема фармерите изнесува над еден милион евра за предаденото млеко. Директорот Роџер Оскарсон потврди за јавноста дека млекарницата има финансиски проблеми, но ги лоцира кај еден од акционерите, кој зел стока од „Сведмилк“, и тоа во вредност од над еден милион евра, а не ја платил.
Имено, акционерот „МиА бевериџ“, кој патем е и дистрибутер на млечните производи, со својот долг придонел фирмата полека да почне да ја губи финансиската стабилност. Стоката, наводно, е земена за извоз (се спомнуваше БиХ), но таа е вратена назад. Потоа е понудена на продажната мрежа во Македонија, по наводно пониски цени, што според Оскарсон дополнително ја разнишала финансиската конструкција на „Сведмилк“.
Одговорот на менаџерот на фирмата „МиА бевериџ“, Ала Ал Кафаги, беше дека тие не сакаат да ја уништат фирмата, а потоа да ја преземат. Тој изјави дека слабоста е во менаџерскиот тим на „Сведмилк“, а во јавноста овие ставови ги бранеше и човекот што го донесе Ала Ал Кафаги во Македонија – Зоре Темелковски!
Подетално проценување не се даде за овие обвинувања, ниту конкретно се одговори дали навистина е земено млеко кое не е платено и е пласирано во домашната трговска мрежа со пониска цена.
Ал Кафаги вели само дека тој е дистрибутер и дека не смее да се занимава со извоз, иако на Интернет има многу вести дека „МиА бевериџ“ извезува навистина овошни и газирани сокови.
Е, сега доаѓа на ред балканизмот наспроти европеизмот (не го заборавајте Зоре!):
Шведската страна смета дека влетала во балканска ситуација и оти за тоа ја информирала шведската Влада која е доминантен сопственик на капиталот во фабриката, со нешто повеќе од 50%. Обвинетата фирма на Ал Кафаги има околу третина од капиталот.
А која е фирмата „МиА бевериџ“? Веројатно малку познато: таа најнапред инвестира 4 милиони евра во постојниот капацитет на „Иноспектар“ на Зоре Темелковски, со што го откупи контролниот пакет-акции. На почетокот од 2007- ма година објави официјално пуштање во дистрибуција на сокот „Јафа 100%“, од палетата на висококвалитетни сокови, специјално формулирани за регионалниот пазар.
Со фирмата раководи Ала Ал Кафаги, македонски државјанин со ирачко потекло, чие име веројатно во „Сведмилк“ било гаранција дека млекарницата ќе се шири со понуда и во земјите на Блискиот Исток. Главна земја на извоз на производите на некогашниот „Иноспектар“ е Јордан.
Дали забележавте дека за сето време на „вриење“ во и околу „Сведмилк“ (протести, блокади, проблеми со реализација на договореното, веројатно и со откупот на акциите токму на „проблематичниот“ акционер) никаде го нема(ше) СДСМ? Освен со барање Владата „да им помогне“ на фармерите?
Од каде треба да започне или, доколку сметате дека веќе започнала, кон каде треба да продолжи европеизацијата на Македонија?






