Модерен лидер: храбар и/ или харизматичен
Резултатите што како занимливост ги презентираа сите големи и мали медиуми во светот (освен оние на кои не им се допаднале) наметнуваат една од „вечните теми“ (доколку се согласуваме дека постојат такви во животот и дејствувањето); се поактуелна во ова наше пресвртно време, кое со глобалната економска криза најавува нова страница во развојот на човековата цивилизација: политички лидер.
Се разбира, природата и целта на овој блог наметнува пред се просторно ограничување за, на пример, да можам да понудам потемелен есеј. Но затоа „конкретноста“ ми овозможува да пренесам некои компетентни промисли, а помеѓу нив и мои домисли кои ќе ги „доработам“ во некое поглавје од мојот креативен ракопис (рубрика на порталот „Паноптикум“).
Веста односно занимливоста (нека ја чита кој како милува):
Американскиот Институт за истражување на јавното мислење „Харис“ објави резултати на едно свое истражување, од кои најинтересниот е дека американскиот претседател Барак Обама е главен јунак на нацијата, и тоа ни помалку ни повеќе пред Исус Христос!
Божјиот син е втор, а на третото место се „нашол“ Мартин Лутер Кинг.
Помеѓу 10- темина најголеми херои се Роналд Реган, Џорџ В. Буш, Абрахам Линколн, Џон МекКејн, Џон Ф. Кенеди, Чесли Суленбергер (пилотот кој минатиот месец со авион слета во реката Хадсон) и мајка Тереза. Новата државна секретарка Хилари Клинтон го дели 11- тото и 12- тото место со- Господ!
Се работи за анкета помеѓу американски граѓани (се разбира, репрезентативен примерок), во чии рамки е поставено прашањето: „Која личност заслужува да биде прогласена за херој“. Резултатите ги објави весникот „Чикаго сан тајмс“.
Институтот слична анкета објави и во 2001- ва година, а некои од тогашните високорангирани херои, како Колин Пауел и Џон Вејн, кои беа помеѓу првите 10- мина на листата, сега зазедоа далеку поскромни места.
Поважното за најавената тема:
За повеќето испитаници главни карактерни црти на херој се „да прави вистинска работа, без оглед на личните последици“ и „да не се откажува додека не ја постигне целта“.
Она што се случува со и околу Обама наеднаш како кула од карти да урна едно „дефинитивно“ сознание: дека ова наше „модерно“ време не е време на херои, а големиот лидер стана „нешто друго“, односно веќе не е она што бил во „подалечното“ минато. Дека во меѓувреме изгубил многу, а пред се харизматичноста во нејзиното суштинско значење: силен шарм и привлечна личност, понекогаш и силна способност на убедување и непринудно насочување на тек на разговор во посакуван правец.
Првото прашање што ми се наметнува, а верувам и вам, е: какво херојско дело направи Обама во изминативе месеци на претседателствување со САД, вклучувајќи ја и предизборната кампања што ја заврши триумфално (во вистинската смисла на зборот)? Да не се сметаат за херојски ветувањата што му ги даде на американскиот народ, доколку го избере за нов претседател?
Во еден свој говор хрватскиот претседател Стипе Месиќ потенцира дека, судејќи според се, времето на големи лидери е дефинитивно зад нас, односно дека во денешниов свет веќе нема место за „осамени волци кои со силата на својот вистински или претпоставен политички гениј, со својата харизма и со својата доминантна личност, а дури потоа со знаење, би решавале се- од концепирање на стратегија и тактика, до нејзино спроведување, вклучувајќи и избор на луѓе и методи што се потребни за тоа“.
Тој смета дека таквото лидерство во модерниот свет стана анахронизам, а го замени тимската работа. Дека денешниот лидер најнапред мора да биде водач на тим што, пак, подразбира размена на идеи, конфронтирање на иницијативи и предлози, нудење на алтернативни решенија, договарање. Со други зборови, за еден лидер да биде успешен, тој мора да создаде добра екипа и притоа ја приведува изреката дека паметниот лидер околу себе собира луѓе кои се попаметни и поспособни од него.
Дали изборот на Американците на Барак Обама за поголем херој од Христос (според наведените карактерни особини многу повеќе се мисли на лидерство, а херојството како дел од него) едновремено значи и оценка за добар водач и добар избор на тим? Кога и со што „двете“ се докажани? Да не е сепак во прашање „анахроничната“ или некоја нова, „модерна“ харизма?
Постојат некои нешта што и Месиќ и други ги потенцираат кога промислуваат и зборуваат за „модерниот лидер“, а очигледно ги поседува Обама. Најнапред, тоа е визионерството кое е секогаш лично, лидерско, а тимот го следи и го реализира развивајќи ги сопствената иницијативност и креативност. Потоа следат: толерантност, постојаност, стекнати почит и доверба кај тимот (како „компетентна кооперативност“), храброст и разумност (подготвеност за преземање на непопуларни, иако нужни потези кои, гледано низ оптиката на дневно- политичките калкулации би можеле да бидат контрапродуктивни), располагање со значителен фундус на знаење, но и способност и волја за натамошно учење; а најпосле да знае кога неговото време поминало (кога очигледно го прегазило времето, не е способен да се прилагоди на променливите околности и да одговори на адекватен начин на новите предизвици).
А уште во 2003- та година српскиот неделник НИН направи „портрет“ на српски лидер, исто така преку анкета на свои читатели: да биде решителен, да има добар контакт со Запад, да има визија, да е јасен и да прифаќа одговорност за донесување на одлуки.
Граѓаните на Република Македонија се пред дилема:
Има ли помеѓу понудените за избор на нов претседател на државата и на локални „татковци“ (можеби и некоја “мајка“) некои што ќе бидат „близу“ до Обама како херој? Им треба ли такви, но и со очигледно задолжителната „додавка“- „решителни и со добри контакти со Запад“?
Предизборната кампања е на прагот. Колку таа ќе им помогне?






