Македонски музички „евродилетантизам“
Деновиве, секој ден, на јавниот сервис МРТВ со куси „рефренски спотови“ се најавува ново издание на Скопскиот музички фестивал, односно изборот на песна со која Република Македонија по којзнае кој пат ќе учествува на музичкиот европски фестивал „Евровизија“. Иако не сум стручњак (каква стручност за забавна односно лесна музика?), верувам дека со многумина го споделувам ставот оти овојпат понудата е навистина бедна, дури срамна. Сосе „круната на бедата и срамот“ – она „Рум-дум-дум“ со нашата „дива“ Калиопи и дебилната поза и фаца на Наум Петрески. Немојте ни случајно да не гласате за нив, бидејќи Калиопи „предупреди“ оти и дава последна шанса на Македонија да ја испрати на „Евросонг“ (!).
Мојот став дека треба да престанеме со учество не е „тазе“. Како потврда нудам еден текст под наслов „Евровизија- Региовизија“, објавен на 22.05.2006, се разбира со многу поширок „контекст“.
За квалитетот на музичката содржина на финалето на „Евросонг“, што се одржа во Атина, ќе оставам „последен збор“ да дадат музичките експерти, а јас само ќе констатирам дека тоа беше спектакуларна приредба, на извонредно високо, беспрекорно ниво, врвен професионализам во сите сегменти- од сценографијата до режијата, водителството до понудената „забава“. Мислам дека го споделувате моето мислење оти нашиот тим (значи, не само пејачката Елена Ристевска) ја претстави Македонија во извонредна светлина, а освоеното 12-то место, без оглед што не обезбедува директно учество на следниот „Евросонг“, претставува добар резултат (најдобар досега постигнат од наш претставник).
Меѓутоа, она што и се очекуваше, значи не е ништо ново, а претставува „црна дамка“ (море дупка, бездна) на евровизискиот фестивал е гласањето. Лично мислам дека се што се случуваше со години наназад во Атина доживеа кулминација. По тој вистински циркус, трагикомедија, на „врвовите“ од ЕБУ (организаторот на „Евросонг“) не им преостанува ништо друго (ако сакаат да го спасат фестивалот), освен да го укинат натпреварувачкиот карактер, да укинат секакви начини на гласање, а изборот на земјите- организатори да се прави на друг начин. На пример, со ждрепка или по некој однапред утврден редослед. Затоа што она што се случуваше во Атина ги надмина сите норми на пристојност и достоинство.
Меѓутоа, ќе речам дека проблемот е многу посериозен и бара продлабочена размисла и дискусија, па и загриженост. Годинашниов „Евросонг“ е одраз на севкупните случувања во ЕУ, особено на планот не на европското обединување, туку на „растурањето“ или поточно
регионализацијата наспроти глобализацијата („европеизацијата“). Загриженоста би морала да биде поголема од оние што чекаат и сигурно ќе се изначекаат за членство во ЕУ, меѓу нив и Република Македонија.
Гласањето на музичкиот фестивал во Атина треба да го разбереме како мошне сериозен сигнал или, ако сакате, предзнак, најава на она што се случува и допрва ќе се случува: наспроти глобализацијата, „евроунијатството“, многу поинтензивно се одвива процесот на регионализација, поточно регионална поделеност. Дали иднината на сите бившојугословенски земји (освен Словенија), па и на балканските (дури и Романија и Бугарија) е во ЕУ? Не е ли веќе денес (ако не беше вчера) ЕУ во нив?
Во наведениот контекст сметам дека воопшто не е „радикализам“ заложбата (за жал, на ниедна партија- учесник на парламентарните избори) не за членство во ЕУ (консесуална), туку во ЈИЕ. Затоа што сигурно регионализацијата ќе потрае со децении. Не поради отпорот на членките на ЕУ, туку поради различностите кои, засега, воопшто не обединуваат. Воопшто не е случајно „свртувањето“ на Европа кон „класичниот“ рок, дури кон „тешкиот“ хеви метал звук односно хард рокот (Европа му отпеа „алелуја“ заедно со победникот- финската група Лорди, и тоа триумфално), целосно свртувајќи му грб на етното.
Поширокиот контекст на срамното гласање на „Евросонг“ се потврдува и со мошне лесното „блоковско“ договарање за поделба на гласовите, како и доследното придржување на јавно-тајните договори. Беше сосема јасно дека нема шанса ниту за случајна грешка. Напротив, договорите мошне „илустративно“ беа исцртани на картата на „музичка“ Европа: источна, западна, југоисточна и „некои други“ („бившосоветска“, значи „неевропска“). Да, смешно е кога не би било трагично.
Што се однесува на нас, на Македонија, мислам дека особено сега, во предизборниов период, во рамките на предизборната кампања, сите учесници треба да ја заборават „консенсуалната цел“- членство во ЕУ. Особено поради тоа што Оли Рен и нам, како и на сите други „западнобалкански“ земји, ни упати јасна порака дека ќе чекаме уште долго на тоа. (Тој и досега беше многу јасен, ама очигледно сфати дека не го разбираат, па мораше и „апла“ да каже).
Во спротивно, лесно може да ни се случи, како поддршка на „фер и демократските избори“, ЕУ да ни испрати некои „мајмуни“ од иднината кои ќе ни „свирнат“ жесток рок толку силно што веднаш ќе заборавиме на сопствениот идентитет (различност, па и на музички план).
Заедно со нашите „врвни“, водечки политичари на кои им е одамна „свирнато“, та да ги жали човек оти веќе не знаат што да му „запеат“ на народот, а уште помалку кои маски да си стават за да не ги препознаеме.
(Многу ме развесели- изнасмеа последната „песна“ на Бучковски со која си го надмина „талентот“: дека идната Влада, се разбира на чело со него, ќе го реализира „претходното“ ветување на Бранко Црвенковски- дека ќе вработи по еден член од секое семејство.)
Инаку, мојата заложба за укинување на натпреварувачкиот карактер на „Евросонг“ ја поткрепувам и со мислењето искажано од македонскиот музички стручњак (теоретичар и композитор) Илија Пејовски: не е можен натпревар во музиката. Впрочем, како и во секоја друга уметност.






