И македонскиот ракомет боледува од синдромот „балканизам“
За синдромот „балканизам“ може и треба да се елаборира детално, но тоа ќе го направам во друг контекст. Овојпат е доволно да посочам на основното- поимното значење: тоа е израз создаден на Запад со кој божем се означува начинот и системот кој владее во јавниот живот на балканските држави и народи: безначелност, борба со недопуштени средства, измама, политички убиства, поткуп, страст за богатење, ползење кон повисоки, а грубост спрема пониските од себе. Уште ќе додадам дека терминот всушност апсорбира голем број на политички, идеолошки и културни фрустрации кои потекнуваат од тензии и противречности својствени на региони и општества надвор од Балканот, односно „другиот дел“ на Европа (бидејќи Балканот е не само географски дел од неа).
Иако за она што сакам да го потенцирам „балканизам“ е можеби преостро именување, сепак „тоа е тоа“, со акцент на борбата со недопуштени средства и ползење кон повисоки, а грубост спрема пониските од себе. Што, пак, логично, ги следат скандали.
И светски резултат и промовирање во светска ракометна селекција не беа доволни за „покритие“ на скандали без кои, очигледно, во Македонија спортот, но не само тој, не може да стои гордо на нозе и долго да опстои.
Убеден сум дека сум еден од многумина радосни и горди на постигнувањето на македонските ракометари на годинашново Светско првенство во Хрватска- освоеното 11- то место, но истовремено крајно разочарани по она што уследи. А се прави обид да се стави под „килим“ за некои „други времиња“ (кога ќе почне „чистењето“ и „проветрувањето“). Не оти некои нешта не беа познати, туку само поради „надевањето“ дека проблемот помеѓу селекторот Илија Темелковски и Радослав Стојановиќ (веројатно многу повеќе личен отколку професионален) е само еден од „вообичаените“ што се случувале и се случуваат и кај другите светски ракометни велесили (моментно „на тапет“ е селекторот на Хрватска поради поразот од новиот светски шампион Франција).

Инцидентот никако не би смеел да се прикрие (по „блиска средба“ Стојановиќ беше испратен дома). Ако не поради нешто друго, барем за да се отстранат сите можни манипулации и шпекулации. Мора да се слушне и селекторот Темелковски (за, на пример, да може да се оцени неговата квалификуваност како спортски педагог- оти тој мора да биде и тоа), но и Стојановиќ (заслужуваше ли или не заедно со другите да стане спортски великан- во вистинската смисла на зборот). Каков е тој селектор кој физички се пресметува (ако се пресметал) со репрезентативец? Каков е тој репрезентативец кој не го почитува својот „претпоставен“, а и своите колеги на кои со играта можел да им помогне во натпреварите?
Меѓутоа, загрижува нешто друго: „коментирањето“ на некои спортски новинари кои, наместо да се впуштат во истражување, откривање, анализа, а да не се фалат со своето „нестандардно“ коментирање (мислејќи на својот „богат“, а всушност инфантилен речник), се занимаваат со јавни манипулации и шпекулации.
На пример, го „обелоденуваат“ сомневањето дека „местото на паркетот се купувало со пари“, „многумина упатени можеле да насетат други моменти“, толкуваат како „двосмислени“ зборови на некои играчи (дека ќе се почитуваат меѓусебе, да не се караат и единствени да продолжат и натаму- зборови на Лазаров). А од друга страна, имаат „цврст став“ дека „и најостри дисциплински казни нема да бидат од полза, бидејќи тимот и во иднина чудно (?!) ќе се составува, поединци неаргументирано ќе отсуствуваат, а ќе останат и недокажаните етикети дека сиви еминенции се мешаат во изборот“.
За вакви тврдења би требало да се има чувство за одговорност, а пред се аргументи што не смее „да се чуваат в џеб“. Не поради претсојните квалификации за наредното Европско првенство, туку за перспективата на македонскиот ракомет и македонскиот спорт воопшто.
Неодговорно е нешто „непосредно“ поврзано со претходното: да се тврди дека „инцидентот помеѓу Радослав Стојановиќ и селекторот Илија Темелковски не ќе може да го покрие ниту денешната владина објава дека за настапот во Хрватска сите наши репрезентативци ќе бидат наградени со по 5.000 евра, а капитенот Кирил Лазаров, како најдобар стрелец на првенството, со 10.000 евра и со доживотна спортска пензија по завршувањето на кариерата“. (Новинарот не го именувам само затоа што тоа не го заслужува.)
Уште нешто за македонскиот ракометен спорт, но женскиот: Владата на Груевски е обвинета дека во врска со наградувањето ги заборавила репрезентативките кои, како што е познато, пред два месеца во Скопје, на Европското првенство, го освоија 7- то место. Со потсетување дека пред повеќе од една година, на претходното Светско првенство, беа 12- ти. И пак новинарска манипулација од најдолен вид: „Предизборие е, има време“ (демек, за да се поправи грешката).

Споредбата на „тежината“ на успехот на едните и другите, особено декј успехот на ракометарките „тежел“ повеќе, е во најмала рака невкусна. Доволно е да се спомне разликата во „тежината“ на машкиот и женскиот ракомет воопшто (мислам пред се на изедначениот квалитет на селекциите), па значењето на домашниот терен и домашната астмосфера, па…
Прво, воопшто не е точно дека се заборавени. Можеби беа недоволно вреднувани, но тоа не е исто. Имаат право да сметаат дека заслужуваат повеќе од ветената колективна награда, и тоа да се изнесе во јавноста, но е нужно во исто време да се истражи „случајот“, што е суштинско за професионалното новинарство. Особено причината зошто таа се уште не им е исплатена.
Најнапред изјавата на селекторот на женската репрезентација на РМ Владимир Глигоров:
„Причината за овој прес со женската ракометна репрезентација е иритирачката одлука на Владата за доделување на награда на машките репрезентативци за успешниот настап на Светското првенство, за нивното залагање, за подигање на националниот дух. Притоа, заборавајќи дека некој друг, не толку далеку, исто така успеа да го подигне националниот дух, исто така го остави своето срце, душа и тело на теренот, за боите на оваа држава, за националниот дрес, за постигнување на висок резултат“.
Изјава и на ракометарката Драгана Пецевска:
„Нека не го забораваат нашиот успех, а посебно Владата и државата за која ние секоја поединечно го дадовме максимумот за државата, а не за клубот. Значи, таа која што треба нам да ни го честита тоа, ние немаме приеми ни кај премиерот, ни кај претседателот пред да почне Европското, а камо ли после тој успех нам да ни рече: „Еве ви девојки по едно бонбонче, браво што така достојно ја претставивте државата“. Тука е нашиот револт. Значи, секоја чест за мажите, да не се почувствуваат сега дека ние ги напаѓаме, но каде е нашиот успех?“.
И на нејзината колешка Јулија Портјанко:
„Би сакала да прашам, има едни изјави- „Машките се бореа со срце“. Тогаш, со што се боревме ние за да освоиме 7- мо место? Многу сме разочарани и не знаеме каде да најдеме мотив понатаму за да постигнеме поголеми резултати“.
И навистина, недозволиво е Владата, дури Никола Груевски лично, да заборави на успесите на нашите репрезентативки, односно да не ги третира- наградува еднакво со репрезентативците. Дури би рекол дека е тоа срамно. Меѓутоа…
Агенцијата за млади и спорт излезе во јавноста со сосема поинакво тврдење: дека и женската и машката репрезентација се еднакво третирани од Агенцијата за влезот во главната фаза од Европското, односно Светското првенство!
Изјава на директорот Драган Ѓурчевски:
„Женската ракометна репрезентација е еднакво наградена како и машката од страна на Агенцијата за млади и спорт. Се договоривме 20.000 евра да бидат од АМС, 30.000 од Ракометната федерација и договорено беше први да бидат од РФМ, бидејќи кај нас е крај на буџетската година. До крајот на февруари ќе биде исплатена целата премија“.
„Проблем“ се индивидуалните премии на ракометарите доделени од
Владата, како нејзин „плус“, а ќе се согласам- всушност „минус“. Се најавува „корекција“, но дали е таа можна- да се додели иста како онаа на Кирил Лазаров, најдобриот стрелец на првенството (и на сите досегашни Светски првенства)- 10.000 евра и доживотна спортска пензија по завршување на кариерата?
Може ли кој било (добронамерен или недобронамерен) да помисли, а
камо ли да тврди дека Груевски треба да се срами поради селективност, нееднаков третман на мажот и жената (спортистот и спортистката), „женски шовинизам“…?
Ах тој синдром „балканизам“.






