Западна цивилизација- Западна декаденција
Долга низа на години, повеќе децении, уште од времето на кризата на идеолошката биполарност на светот до ден денес („модерен капитализам“ односно капиталистичи неолиберализам- самоуправен социјализам како „прва фаза“ на „модерен комунизам“; првпат ја поставувам оваа релација за која се надевам дека ќе најдам време и простор во посебен есеј да ја „разглобам“ што е можно потемелно и подетално- поконкретно), бројни современи филозофи, економисти, историчари, научници од најрзлични профили, аналитичари на општествените промени итн., промислуваат и укажуваат на сериозни тектонски, за човештвото судбински потреси што го доведуваат во прашање, го загрозуваат самото негово постоење. Едни тоа го нарекуваат „судир на цивилизациите“, други „доближување на Западот и Истокот“, трети „глобализам“ наспроти или напоредно со „регионализмот“ и „локализмот“, а не е мал бројот на оние што се подведуваат под еден „прост“ заеднички именител- „модерно време“.
Поводот за насловот и воведниве реченици на овој прилог е една мошне сериозна, загрижувачка криминогена појава во светот и кај нас, што е дел од некритичкото восприемање на се од развиениот западен свет, а против која токму тој свет веќе води жестока битка. Ние, во нашава земја (Република Македонија), со неа штотуку почнуваме да се соочуваме (со се почести откривања на „случаи“): педофилијата.
Најнапред, терминот „Запад“- „развиен Запад“ во колоквијалниот говор често се користи како одредница за тн. „Западна цивилизација“, а под која најчесто се сметаат Западна Европа и Северна Америка. „Судирот на цивилизациите“ („Западна“ и „Источна“), пак, мошне сериозно и инспиративно го опиша и објасни Сeмјуел Хантингтон уште во 1993- та година, во својата студија токму под тој наслов. Неговата веќе славна теза е дека идеологијата (комунизам, фашизам или капитализам) или економската добивка повеќе нема да бидат основни причини за идните конфликти во светот, туку „националните држави ќе останат најмоќните протагонисти во светските работи, но судирот на цивилизациите ќе биде основната линија на битката во идннната“.
Тој објаснува:
„Цивилизациите меѓусебно се разликуваат според историјата, јазикот, културата, традицијата и, што е уште поважно, религијата. Припадниците на различни цивилизации различно гледаат на односите помеѓу богот и човекот, поединецот и групата, граѓанинот и државата, родителите и децата, мажот и жената, а исто така имаат и различни погледи на релативната важост на правото и одговорноста, слободата и власта, еднаквоста и хиерархијата. Тие разлики се производ на вековите. Тие нема наскоро да исчезнат. Тие се пофундаментални отколку разликите помеѓу политичките идеологии и политичките режими“.
Кусо објаснение:
Во денешниот свет постојат различни цивилизации, но се изделуваат три: западната, исламската и кинеската. Според многумина, нивната интеракција, меѓу другото, нуди можни објасненија за терористичките напади од 11- ти септември 2000- та и војните во Авганистан и Ирак кои уследија потоа. Во еден свој есеј, Вилјем Монтгомери потенцира дека втората и третата имаат мошне различни карактеристики, „но делат и заедничка желба за почитување и бараат да бидат третирани како важни играчи во меѓународната заедница и неподготвеност да го прифатат нашиот (мисли на западниот-заб.м.) систем на вредности“. Мошне важна е неговата согледба дека нивниот подем доаѓа во момент кога западната цивилизација го достигна својот врв и полека оди надолу. Тоа го поткрепува со неколку процеси, факти и реални предвидувања: процентот на западните Европјани и Северноамериканци заедно во светот во 2020- та година ќе изнесува околу 9%, а повеќе од 56% ќе бидат Азијати; опаѓа процентот на Западот во светската економија, а на Азија забрзано расте; а она се очекува и во наредните децении останатите цивилизации да бараат да се променат меѓународните системи што ги постави Западот.
Притоа, повикувајќи се токму на спомнатото дело на Хантигтон, поточно на една негова мошне важна поента, тој вели:
„Ние на Западот поверувавме, наивно или арогантно, дека нашата култура, вредностите и идеологијата се универзални и оти треба да бидат прифатени ширум светот. Кога тоа еднаш ќе се случи, според нашето мислење, буквално се ќе биде правилно во светот. Ние ја формиравме нашата надворешна политика во голема мера на тоа убедување. Соединетите Држави секоја година објавуваат Извештај за состојбата со човековите права во секоја земја во светот. Ние формиравме заедница на демократиите. Ние го покренавме концептот „демократиите не војуваат меѓусебно“ и слични идеи со концепт дека светот порано или подоцна ќе го прифати нашиот модел“.
И го цитира: „Западните идеи на индивидуализмот, либерализмот, конституционализмот, човековите права, еднаквоста, слободата, владеењето на законот, демократијата, слободниот пазар, раздвојувањето на црквата и државата, често имаат одеци во исламските, конфучијанските, јапонските, хинду, будистичките и православните култури“, за да заклучи: „По векот на западната доминација сега влегуваме во време кога ќе постои мултиполарен свет во смисла на цивилизации. Веќе нема да биде доминантен еден модел. Колку побрзо нашите лидери го прегрнат тој концепт и длабоките импликации на тоа како да им пријдеме на тие цивилизации, ќе биде подобро за сите нас. Но, тоа ќе бара и прифаќање дека нашите базични принципи всушност не се универзални вистини кои мораат да владеат каде било во светот“.

Кај нас (во Македонија) стана „модерно“ и „задолжително“ секоја власт, секоја партија да го потенцира „консензусот“ (никогаш потврден, на пример со референдумско изјаснување на народот) за „евро- атлантско интегрирање“, при што се подразбира „голото“ членство во ЕУ и НАТО сметајќи, пред се, на „благодатите“ што ќе ги донесе, најмногу на економски и безбедносен план (и во глобалнава криза?). Се манипулира со тоа што државата ќе биде безбедна со членство во НАТО (од кого би можела да биде загрозена ако сите земји во опкружувањето и во поширокиот регион се членки на алијансата?; НАТО би нападнала- окупирала една мала земја, со „безначајна“ територијална и секаква друга големина?), а како членка на ЕУ ќе и се отворат сите нејзини „вентили“, со што земјата ќе тргне во „невиден“ прогрес! Исто така, сосема погрешно се толкува терминот „европеизација“. Дури, еден екс- прмиер искажа „непоколеблива амбиција“ да го „европеизира“ наодот, што претставува ступидарија од највисок вид.
Токму за неа- за „европеизацијата“ или поточно за „човекот на Европа“ можам да приведам бројни студии на големи мислечки луѓе, компетентни анализи и дефиниции, но мислам дека ќе биде доволно да цитирам две гледишта од есејот на Карл Попер за судирот на културите, од неговата книга „Човек на Европа“. (Треба да се имаат предвид и неговите, како на многумина други, сосема погрешни ставови за специфичноста и потеклото на европската односно западната цивилизација- дека е таа изведена од грчката која, како единствен „феномен“, настанала од судирот на кулурите на источното Средоземно море- „првиот голем судир на источните и западните култури“; па уште и дека со Хомер тој станал лајтмотив на грчката литература и литературата на западниот свет (!); а особено за „грчката култура“ како единствена која по судирот ја презела римската; која потоа, по многубројните судири, особено со арапската, повторно оживеала во ренесансата, западната култура, цивилизацијата на Европа и Америка; за на крајот, во натамошните судири, да ги измени сите други култури на земјата- што претставува голема небулоза, па и нонсенс; овие ставови би биле мошне валидни кога Попер наместо за грчка би зборувал за македонска култура):
„Ние, денес, на ист начин воочуваме дека и големата идеја на државата на благосостојба има свои граници. Таа покажува дека е опасно на човекот да му се одземе одговорноста за своите блиски, напротив, можеби во многу случаи е погубно на младите луѓе да им се олесни животната борба. Се чини дека со укинување на непосредната лична одговорност и животот за некои ја губи смислата.
На човековото општество му е потребен мир, но нему исто така му се потребни вистински идеални судири: на вредности, на идеи за кои би се бореле. Ние во нашето западно општество научивме- ние тоа го научивме од Грците- дека ништо добро не може да се постигне со мечеви, туку е далеку подобро и потрајно со зборови и, најдобро, со разумни аргументи“.
Ако некој смета дека досега изнесеното нема ниту далечна врска со конкретниот криминоген повод (една од многубројните западни декаденции)- педофилијата, нека го прочита уште еднаш (се разбирајќи, имајќи го предвид и поширокиот контекст).
Што е педофилија?
Стручно: полова настраност, т. сексуална наклонетост спрема деца од ист или спротивен пол. Се смета дека педофилите се благи и нежни лица, а на својот сексуален објект му приоѓаат внимателно. Често се однесуваат онака како што спрема нив се однесувале во детството, несвесно вљубени во себе- нарцизмот. Најопасен облик на педофилија е обидот за пенетрација затоа што таа предизвикува оштетувања. Сепак, најважно за неа е дека спаѓа во најчестите облици на пореметување на личноста.
Сексуалното злоставување на деца претставува кој било вид на експлоатација на деца помлади од 16 години со цел сексуално задоволување на постаро лице. Тоа опфаќа телефонски разговори, покажување на скриени делови на телото, милување, снимање на порнографски фотографии, обид за извршување на сексуален однос, инцест, силување, детска проституција. Девојчињата се 5 пати повеќе жртви од момчињата.
Интересна согледба: повеќето злоставувачи се мажи, и тоа на деца на познато лице. Ретко користат сила, многу повеќе наговарање и поткупување. Силувањето е травматски чин кој оневозможува нормален развој на сексуалноста. Инцестот е сексуална експлоатација од страна на семејството. Претставува најголем травматски чин кој оневозможува развој на нормална психосексуалност.
И сега една тема што кај нас се уште не се „експлоатира“, што не значи дека не е прифатена и не се шири се поинтензивно (како „подвид“ на „придобивките“ на западната декаденција)- веќе се регистрирани неколку „случаи“: педофилија на Интернет.
Пак пренесувам стручно мислење:
Таа влегува во категоријата на организиран криминал, па веќе според својата дефиниција никако не завршува на поединечни случаи, ниту, пак, може да се сведе на активно и фактичко поседување на фотографии на деца кои ги злоупотребуваат извршители на ова кривично дело.
Најважно од се за педофилијата воопшто и на Интернет посебно:
Нужни се висока техничка опременост и меѓуагенциска соработка во сузбивањето на ова дело. Потребна е соработка не само во примената на Кривичниот законик, туку и помеѓу Владата, меѓувладините организации (Уницеф, Интерпол, Еуропол…), различните агенции кои го спроведуваат владеењето на правото, но и приватниот сектор; Интернет провајдерите одговорни за web страниците кои ги одобриле, агенциите кои се занимаваат со адвертајзинг, компаниите кои издаваат кредитни картички и имаат увид за кои цели се извршени трансакциите; потоа софтвер компаниите преку кои се врши „download“ на порнографијата со фотографии на деца и туристичките агенции кои можат да бидат учеснички во „секс- туризмот“.
Според некои сериозни аналитичари, на античкиот период на Грција (во нејзините вистински, не сегашни граници) токму педофилијата, заедно со хомосексуалноста, била една од главните причини за „цивилизациската“ пропаст.
Колку што современиот свет, пред се Запад се бори против педофилијата, толку таа се повеќе се шири, особено на Интернет.
Загрижувачки податок: размената и трговијата со педофилски содржини на Интернет во изминатите 5 години пораснала за дури150%. Како што објави италијанската организација за заштита на децата “Telefono Arcobaleno”, бројот на слики со педофилски содржини на Интернет пораснал за 400%, а само во 2008- ма поради ова биле загрозени 3.000 деца. Од Европа потекнуваат 58% од снимките со педофилски содржини, а од 3.000 загрозени деца досега не е идентификувано ниедно. Според организацијата, околу 64% од децата кои може да се видат на сликите се помлади од 7 години.
Поголеми, масовни акции во оваа и минатата година :
Околу 170 лица се уапсени при откривање и растурање на 7 големи синџири за детска порнографија низ светот, објави американското Федерално биро за истраги (ФБИ). Во повеќе држави се ослободени 14 девојчиња, од кои неколку биле и на возраст од само 3 години, се наведува на Интернет страницата на оваа американска безбедносна служба.

Операцијата „Џоинт Хамер“ или „ Заеднички чекан“ е се уште во тек и е најголема акција во сузбивањето на детска порнографија на светот. Се започна како поединечна истрага под име „Коала“, во Европа, кога истражителите пронајдоа порнографски содржини во Австралија снимени во Белгија. Притоа беше уапсен педофил од Белгија и еден продуцент од Италија, кај кои беа пронајдени вкупно 50.000 е-маил адреси од 28 држави. Врски меѓу продуценти, дистрибутери и клиенти се пронајдени во речиси 30 држави.
ФБИ не го објавува списокот на земјите што учествуваа во акцијата, туку само дека во САД се уапсени 60 лица, а се направени 250 истраги.
Претходно австралиската полиција подигна обвинение против 19 лица вмешани во глобален синџир за дистрибуција на детска порнографија во 70 земји. Полицијата запленила 500.000 фотографии и 15.000 видео- снимки од злоставување на деца, главно од Источна Европа, Северна и Јужна Африка, а секој од уапсените ќе добие 10 години затворска казна.
Инаку, истрагата за оваа криминална активност започнала по известување на бразилската полиција точно пред една година.
Кон крајот на минатата година шпанската полиција уапси 34 лица поради ширење на детска порнографија преку Интернет. Апсењата биле извршени во различни делови на земјата, а како што соопшти полицијата во случајот се вмешани уште 24 лица. Претресени се 41 објект, во кои се откриени над 4 милиони компјутерски фајлови со порнографска содржина, на која се прикажани малолетни лица. Операцијата била спроведена во соработка со Интерпол, а учествувале и германската и британската полиција.
Во Шпанија на почетокот од декември беа уапсени 40 лица поради ширење на детска порнографија преку Интернет.
Во текот на 2008- ма во земјата поради педофилија се уапсени 408 лица.
На крајот од септември 2008- ма беа приведени 121 лице осомничени за педофилија и претресени 210 домови ширум Шпанија, како дел од масовната операција во борбата против детската порнографија на Интернет. Во операцијата учествувале над 800 полицајци кои заплениле неколку милиони архивски материјали.
Во јуни, пак, данската полиција, по двомесечна истрага уапси 42-ца мажи осомничени за ширење на детска порнографија преку Интернет. Полицијата кај осомничените пронашла и запленила компјутери, хард дискови и ДВД, со фотографии и филмови со деца помлади од 15 години.
Истиот месец 70- мина луѓе се уапсени во една од најголемите акции за детска порнографија во историјата на Австралија. Истрагата траела 6 месеци, а почнала откако на европска интернет страница биле објавени речиси 100 слики со детска порнографија. За 3 дена сајтот го посетиле околу 12 милиона посетители, од кои 3.000 биле токму од Австралија.
„На фотографиите има бебиња и деца до 18 години од различни земји. Вистинска трагедија е што не го знаеме потеклото на сите деца и не знаеме дали се уште се жртви. Тоа не се деца кои се во пасивна состојба, туку деца кои се злоставувани“, изјави Мик Килти, комесар на федералната полиција.
Помеѓу приведените имало полицајци и наставници. Кај дел од нив се најдени слики, додека, пак, дел се обвинети за поставување на слики со детска порнографија на Интернет. Полицијата запленила и околу милион слики со порнографска содржина. Конфискувани се уште 3.000 компјутери за понатамошна истрага.
И во Шпанија се уапсени 55 луѓе, помеѓу кои и малолетни лица. Биле конфискувани милиони видеокасети и фотографии со детска порнографија. Помеѓу уапсените, од кои против 23 се подигнати и обвиненија, има ученици, професори, архитекти, полицаец и пензионер, од малолетни до луѓе со над 60 години.
Преку соработка со Интерпол во Германија се уапсени уште 5- мина луѓе.
Во февруари минатата година хрватската полиција во соработка со Државното обвинителство го разби досега најголемиот педофилски синџир во оваа земја. Во акцијата биле опфатени 100 лица кои полицијата ги затекнала дека на своите компјутери симнувале забранети порнографски материјали.
А се започна веднаш по стапувањето на новата 2008 – ма (се разбира подготвувано во 2007- ма), кога австриската полиција спроведе 2 успешни акции против педофили и откри 107 осомничени лица. Операцијата „Оранжбил“ е покрената во САД, а целта на американските власти била да се истражат финансиските аспекти на ширење на детската порнографија преку Интернет. Трагано е по лицата кои плаќале услуги за Интернет презентации со педофилска содржина или кои профитирале од приходите од детска порнографија.
Ширум светот се пронајдени дури 2.500 клиенти, а врз основа на подготовките од САД во Австрија се пронајдени 27 осомничени.
Друга операција, под името „Синон“, како што соопшти виенската полиција, е започната во Германија. Кај еден оператор во Германија се пронајдени 2 видео-датотеки со детска порнографија. Во истрагата во Австрија се пронајдени дури 80- мина осомничени. Помеѓу осомничените се и еден педагог, наставник, домар на училиште и лекар.






