Една од најголемите последици на глобалната криза: распаѓање на ЕУ!
Се разбира, не мислам дека сум првиот, но знам дека сум еден од ретките кај нас и во светот кој со многу аргументи предвиде- предвидува скорешно распаѓање на ЕУ. Тие, арументите, од ден на ден се множат се повеќе, што ми дава за право да се корегирам во однос на времето: веројатно ќе биде „премногу“ брзо (во однос нa „прилагодувањето“ на оние во неа и оние надвор од неа). Всушност, може да се каже дека процесот е веќе интензивен, а „враќањето“ станува се потешко, дури невозможно.
Што се однесува на НАТО, неговото „растурање“ може да се случи буквално преку ноќ, исто или слично како Варшавскиот договор. Бидејќи е лабава и станува се полабава воена, особено не безбедносна алијанса. А сегашната воено- политичка „позиционираност“, со оглед на моќта и влијанието, е безначајна, освен кога се работи за трговијата со оружје во рамките на „НАТО- стандардите“.
Членките на Европската унија, особено „малите“, како да подзаборавија дека е таа создадена како економска „интересовна“ заедница, чиј „темел“ е заедницата за јаглен и челик што ја формираа поранешната Сојузна Република Германија, Франција, Италија и земјите од Бенелукс (Договор од Париз потпишан во април 1951- ва, кој стапи на сила во јули 1952- ра). Европската економска заедница (ЕЕЗ), основана со Договорот во Рим во 1957- ма, кој стапи на сила на 1- ви јануари 1958- ма, е економска заедница (и ништо друго), во Британија неформално нарекувана со „вистинското“ име- „заеднички пазар“.
„Еволуцијата“ од трговска заедница во економско- политички „ентитет“ не се реализира во изминатиот период, и покрај вклучувањето на нови држави (во моментов 27), ниту има шанси за тоа со почетокот и незапирливото ширење на глобалната економско- финансиска криза односно економска рецесија.
Всушност, „заедничкиот пазар“, поточно „ефективниот единствен пазар“ е основата на сите политики на ЕУ. Притоа најважни се напорите за создавање на хармонизирани стандарди кои ќе донесат пред се, а може да се рече и единствено економска корист. Во овој контекст е интересно што моќта на ЕУ како единствен пазар се „шири“ и надвор од нејзините граници, зашто за да се продава во нејзините членки е корисно, па и нужно прилагодување на нејзините стандарди. Конкретно, штом фабриките, земјоделците и трговците од некоја земја која не е членка на ЕУ се прилагодат на нејзините стандарди, многу од трошоците за приклучување кон неа се намалуваат. Претходното „хармонизирање“ на домашното законодавство е релативно безболно и може да создаде поголемо богатство преку елиминирање на царинските трошоци.
Најнови аргументи или најави за почеток односно интензивирање на распаѓањето на ЕУ:
Чешкиот премиер Мирек Тополанек изјави дека ставовите на францускиот претседател Никола Саркози во врска со спасувањето на автомобилската индустрија ја доведуваат во прашање ратификацијата на Лисабонскиот договор од страна на чешкиот Парламент.
Имено, минатата недела Саркози предизвика револт кај чешките граѓани со својата изјава дека француските автомобилски компании треба да ги прошируваат своите производствени капацитети во Франција, а „не во земји како што е Чешка“.
Да потсетам, Лисабонскиот договор досега го ратификуваа 24 од вкупно 27-те земји- членки на ЕУ. За да стапи на сила тој треба да биде одобрен од сите членки на Унијата. Една од 3- те што се уште не го ратификувале е и Чешка, актуелен претседавач со ЕУ. Другите две се Полска и Ирска. Парламентот на Полска го ратификува Договорот, но евроскептичниот полски претседател Лех Качински се уште не го потпишал Указот за ратификација, додека Ирците во јуни минатата година ја отфрлија спогодбата на референдум, а се планира ново изјаснување на есен.

Вчера во Брисел се сретнаа претседателот на ЕК Хозе Мануел Баросо и шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд. Потоа тие изразија вознемиреност поради пројавениот протекционизам во некои членки на ЕУ(!). Таа е предизвикана од покренатата иницијатива на актуелното чешко претседателство за свикување на вонреден самит на шефови на држави или влади на ЕУ со цел да се постигне согласност помеѓу членките за координирано дејствување во иста насока.
„Доколку сите тргнуваат само од потребата да ја штитат својата економија, Европа целосно гледано ќе биде посиромашна и уште подлабоко ќе западне во економската криза во која се наоѓаме“, потенцира премиерот Рајнфелд.
И „најконкретна“ предупреда:
Во својот коментар посветен на закажувањето на два итни самита на ЕУ, лондонскиот весник „Фајненшл Тајмс“ предупредува дека на ЕУ и се заканува распаѓање „доколку Брисел не успее да ја поврати контролата врз единствениот европски пазар“ (таа е веќе изгубена), а што претставува, да повторам, основа врз која се потпира.
Весникот наведува дека целата европска организација е доведена во опасност, затоа што полека но сигурно се отстапува од елементарниот принцип на солидарност.
„Еклатантен“ пример за тоа е повикот на
францускиот претседател Никола Саркози до домашната автомобилска индустрија да изврши „репатријација“ на своите погони од Источна Европа во Франција, но и однесувањето на британскиот премиер Гордон Браун кој во странство зборува за меѓународна соработка, а во Велика Британија спроведува финансиски национализам. Причината весникот ја гледа не само во актуелната финансиска криза, туку и во завршувањето на „најамбициозниот период на ЕУ од пред една ипол деценија и почнувањето на префрлање на моќта од централата во Брисел во престолнините на земјите- членки“. Тој процес „е отиден толку далеку што сегашната преслаба Европска комисија не е во состојба да им се спротивстави на големите и моќни членки“.
„Фајненшл Тајмс“ заклучува дека во оваа ситуација е за пофалба барањето на ЕК да добие надлежности при координацијата на државната помош за банките и за автомобилската индустрија.
Проширувањето на ЕУ е посебна „приказна“. Тоа во „догледно“ време нема да се случи, не само поради глобалната криза. Многу е важно искуството (можеби е најпрецизно да се нарече главоболката) на „главните“ во ЕУ со последните 2 новопримени земји- Романија и Бугарија. И во најновиот извештај на ЕК се повторуваат поранешните оценки: Романија направила неколку чекори назад во борбата против корупцијата, и покрај критиките на ЕУ, додека Бугарија забележала извесен напредок. Притоа се додава дека овие две држави, инаку најсиромашни членки на Унијата, треба да сторат повеќе во борбата против корупцијата и организираниот криминал во наредните 6 месеци.
Пак потсетување: во јули минатата година ЕК „замрзна“ околу 500 милиони евра наменети за Бугарија поради корупција во државата. Сега се потенцира: „За да демонстрира систематски промени, Бугарија треба да покаже дека изградила автономен, функционален и стабилен систем, што може да востанови и санкционира конфликти и интереси, корупција и организиран криминал“.
Романија, пак, повторно ќе треба да им даде „импулс“ на судските реформи и борбата со организиран криминал, со што ќе ги запре чекорите назад од последните месеци. Се нагласува дека е „многу важно“ таа да постигне значаен напредок пред новиот извештај ова лето. Лесно може да се предвиди што ќе се случи доколку „значајниот напредок“ не биде остварен.
Мошне важна и загрижувачка за интегрирањето на Западен Балкан (значи не само за Република Македонија) е оценката на шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак: дека е преран0 да се говори за конкретни датуми на тие земји во ЕУ бидејќи се уште не се „зрели“ за тоа.
За чешки медиуми Лајчак ја даде следнава изјава:
„Прерано е и излишно да се говори за некакви датуми. Тие земји се уште не се зрели за тоа, но мора да знаат дека ЕУ сериозно ги сфаќа и перспективите ќе им се отворат штом ќе станат зрели за влез во
Унијата“.
Лајчак е актуелен висок претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина, а својот став го „објаснува“ вака:
„Мора да се вртат педалите. Ако се престане со тоа, едноставно доаѓа до пад. Но педалите се вртат кога знаете од каде сте тргнале и каде треба да стигнете“.
За жал, не „дообјаснува“ дали „односните“ земји го знаат тоа.
Што и како во ваква ситуација, на очевиден застој, криза, неповратен процес на растурање на ЕУ (запирањето или, официјално, забавувањето на нејзиното проширување со нови членки е дел од него, но не најважен)?
Ништо друго, освен (повторувам по којзнае кој пат) европеизација на сите сфери на владеењето, животот и работата на земјата (Република Македонија), која најмалку значи хармонизирање на домашното законодавство со она на ЕУ (релативно безболно). Значи пред се одбрана, почитување и афирмација на националниот идентитет, култура, традиција, минато, сегашност, а во името на главниот „европринцип“: единство на различностите.







февруари 25th, 2009 at 14:54
Vo potpolnost se slozuvam .. Amin
февруари 28th, 2009 at 09:53
Само има и нешто друго. Бог да чува од локализација, а не само од регионализација или глобализација. Сети се на градовите- држави. Оти и таа се заканува со распаѓање на држава во „рамките“ на економска криза.
Не ли ти личи Скопје на „Република Скопје“, па „Грчиштава“ да имаат право во „спорот“ за името?