Евтаназија- да или не
Смртта на Елуана Енгларо уште еднаш предизвика жестоки расправи и определби за или против евтаназијата. Се вклучи и Ватикан, а „дојде“ и до државниот врв на Италија. Меѓутоа, прашање е дали ќе доведе до нови решенија- евентуално воведување односно прифаќање уште во некоја земја или и натаму ќе го „длаби јазот“, пред се помеѓу здравствените работници и организации.
Од земјите членки на ЕУ е дозволена со закон во Холандија и Белгија, во исклучителни случаи во Франција, а на крајот од минатата година во Луксембург е донесен закон, чие стапување на сила ќе уследи по подолга сложена судска процедура.
Во Република Македонија евтаназијата се уште не е еден од горливите или „модерните“ проблеми. Веројатно затоа што не постои конкретен случај што би го наметнал. Меѓутоа, не значи дека не треба навреме да се реши (по темелна расправа да се донесе законско решение).
По 17 години во кома и 3 дена откако и беше прекинато вештачкото давање на храна и вода, почина Италијанката Елуана Енгларо, им соопшти италијанскиот министер за здравство Маурицио Сакони на сенаторите собрани за да расправаат за нацрт- законот кој би требало да го спречи одобрението на судот. Нејзиниот татко, Бепино Енгларо, се борел од 1999- та година по судовите во Италија за да и се дозволи на нејзината ќерка да почине, тврдејќи дека тоа била нејзина желба. Енгларо (37) вегетираше од автомобилската несреќа во 1992- ра, што ја доживеа кога имала 20 години.

Премиерот на земјата Силвио Берлускони предложил минатата недела донесување на декрет со кој би им се забранило на лекарите да ги исклучат апаратите, но претседателот Џорџо Наполитано одбил да го потпише.
Италија со закон не ја допушта евтаназијата. Пациентите во таа земја имаат право да одбијат лечење, но законот не пропишува упатства за постапка спрема болни во случај тие да останат во несвесна состојба. Берлускони беше поддржан и од Ватикан.
Во ноќта спрема вторникот италијанската полиција мораше да се вмеша за да ги смири протестантите, оние за и оние против евтаназијата, кои за малку ќе се судреа пред клиниката во Удине во која умре Елуана Енгларо, девојката која стана симбол на борбата за право на смрт. Италијанскиот печат објави дека околу 300 католички верници се собрале пред таа установа штом во понеделникот вечерта дознале за нејзината смрт, каде што ја минале ноќта пеејќи и молејќи се за неа. На една помала група што се собрала пред другиот влез во клиниката, носејќи транспарент „Удине е солидарно со Бепино“, и извикувале „убијци“ и „бандити“.
Противниците на евтаназија веднаш побараа обдукција, индиректно обвинувајќи ги лекарите дека можеби ја забрзале нејзината смрт, за италијанскиот Парламент по скратена постапка да не донесе закон кој би ги натерал да продолжат да ја хранат девојката. Според лекарското соопштение, смртта настапила „најверојатно“ поради престанок на работата на бубрезите, а што довело до прекин на работата на белите дробови и срцето.
Италијански и странски медиуми пишуваа и за случајот на Италијанецот Пјерџорџо Велби, кој беше неподвижен и никогаш не успеа да се избори за евтаназија. Умре во 2006- та година кога лекарите му го исклучија респираторот, но за жал поради тоа немаше право на верски погреб. Неговата сопруга ја поздрави одлуката на судот кој и допушти евтаназија на несреќната Елуана. Изјави дека смета оти политичкиот систем треба да поработи на закон и да допушти да се исклучат апаратите кои болните ги одржуваат во живот.
Веста за смртта на Шантал Себир од Франција ги обиколи насловните страници на водечките светски медиуми. Имено, таа боледуваше од ретка болест која сосема и го деформира лицето, па ги молеше француската Влада и претседателот Никола Саркози да и допуштат прекин на „суровото“ патење. Таа во 2000- та година го изгуби сетилото за вкус и мирис, а туморот и ги „нападна“ и очните шуплини, па во 2007- ма го изгуби видот. Истрагата утврди дека Шантал минатата година се самоубила со таблети за спиење.
Крег Еверт (59), Американец кој живееше во Велика Британија, во 2006- та година одлучи да си го прекине животот пред поради болест на нервниот систем да остане парализиран. Бидејќи евтаназијата во Британија е забранета, замина во посебна клиника во близина на Цирих. Неговите посследни моменти ги сними познатиот канадски режисер Џон Зарицки. Документарниот филм за неговата смрт под назив „Право на смрт“ е прикажан во декември минатата година во Канада, САД и Холандија. Противниците на евтаназијата и на потпомогнатото самоубиство во Велика Британија сметаа дека е збор за циничен обид за зголемување на телевизиската гледаност.
Инмакулада Ечеварија од Шпанија умре во 51- та година од животот на почетокот од 2007- ма година. Боледувала од мускулна дистрофија, а 10 години била „прикована“ за кревет. Лекарите одлучиле да го исклучат апаратот за дишење, а случајот повторно ја подели јавноста бидејќи евтаназијата во таа земја е исто така забранета.
Случајот на Елеунба Енгларо одново ја подели светската јавност за ова мошне деликатно прашање. Евтаназијата се толкува како право на лицето кое пати или чека „тешка смрт“ на достоинствено умирање од милост. Меѓу другите, постои активна евтаназија- кога лицето се усмртува на барање, потоа пасивна- кога се пропушта да се направат медицински чекори кои на лицето би му го продолжиле животот (приклучување на респиратор), но не би го излечиле. Во некои земји постои и тестаментна евтаназија.
Ставот на Црквата и Ватикан во овој случај е јасен: таа треба да се забрани насекаде.
Евтаназијата е легализирана во Холандија. Во таа земја лицата постари од 16 години во свој „медицински тестамент“ можат да ја изберат во строго пропишани ситуации. Веќе ги спомнавме Белгија, Луксембруг и Франција, Швајцарија е помеѓу најлибералните земји на светот, а во Јапонија, Австралија, Јужна Африка и Шведска благонаклоно се гледа на неа кога се во прашање лица кои тешко патат или смртта им е неизбежна. Во одделни земји, во кои „асистираното убиство“, како што се нарекува често, е забрането, се бележи се поголем пораст на пребегнувања на постари и тешко болни лица кои заминуваат да умрат во друга земја, а пропорционално на таа статистика, на пример во Холандија, се бележи брз пораст на случаи на евтаназија.
Веќе реков, во Република Македонија евтаназијата е „табу тема“. Во март 2006- та мкедонска делегација го поддржала извештајот на Советот на Европа, во кој се бара убиството од милост да не биде казниво дело. Главниот аргумент за евтаназија и за нејзина декриминилаизација е поврзан со правото на секоја личност да донесе одлуки што се однесуваат на нејзиниот живот. Со овозможувањето на правото на убиство од милост може да се помогне и да се намали зачестеноста на еутаназијата. Меѓутоа, тоа право нема да го обврзе кое било медицинско лице да учествува во актот на евтаназија. Беше афирмиран ставот дека убиството од милост треба да се декриминализира, а евтаназијата да се дозволи и во нашава земја само во строго определени правни и медицински услови.
А што вели Православната Црквата? Ќе пренесам дел од текст на ѓаконот Михаил Першин објавен во списанието „Премин“:
„Какви се, пак, духовните извори на самата идеја за евтаназијата?
„Нема ништо полошо од самоубиството, а сепак, бројот на тие страшни гревови секоја година расте. Основнa причина на таа појава е — отсутството на цел во животот, неверување во животот на Идниот Век. (…) Широко распространето денес е мислењето дека човекот има право да решава за својот живот. Денес во општеството се слушаат глосови, кои бараат да се легализира тоа гревовно «право“. Се прават обиди за обjaснување на самоубиството во медицински термини, нарекувајќи го «евтаназиja». Ужасот на ситуацијата се состои во тоа, што орудиja за убиство треба да се направат лекарите, кои според долгот на службата се обврзани да се грижат за зачувување на животот на човекот.
Ние сме должни со сета решителност да изјавиме: евтаназиjaта — е еден од видовите на свесно самоубиство. Во религиозен однос — тоа е краен степен на отпаѓање од Бога… Православнатa Црква не може да ја оквалификува пропагандата на евтаназијата и самоубиството поинаку, освен како прикриен или jaвен сатанизам, ѓаволштина“ (Патријарх Московски и на цела Русија Алексиj II).
И како заклучок, важно е да се забележи дека постои прифатлив пристап кон тоа како медицината може да ја олесни судбината на смртно болниот човек.
Умирањето — е особено време на човечкиот живот, умирањето е повикано за човекот да биде време на осмислување на животот, и медицината мора да му помогне на човекот да умре — човечки. Таа задача се решава не само со дополнително внимание, туку и со личностен однос кон секој пациент.
Задача на медицинскиот персонал, кој работи со терминалните болни, е да се научат да ја гледаат ситуацијата на умирање со очите на болните. Тоа е неопходно за да може со нив да зборуваат на ист jaзик, не бегајќи од проблемот“.
Во истото списание е објавен (преведен) подолг текст на митрополитот Навпактски Јеротеј Влахос, под наслов „Евтаназијата и биотехничките проблеми што се поврзани со истата“. Го пренесувам заклучниот дел:
„Денес многу се зборува за евтаназијата, токму затоа што не можеме да ја сфатиме смртта. Евтаназија и смрт се два обратно аналогни поими. Кога ќе ја сфатиме тајната на смртта, тогаш нема место таканаречената евтаназија, а кога зборуваме и ја прифаќаме евтаназијата, тогаш покажуваме дека сме неспособни да навлеземе во тајната на смртта. За жал, живееме во епоха која не се соочува со проблемите философски и теолошки, туку трговски, безбедносно и индивидуалистички. Камо да не е вистина, но имам едно подозрение дека овој проблем, како и многу други слични, се имаат вплеткано во економски величини, а можеби дури и се вплеткуваат во целите на осигурителните организации или компании. Посакувам да не е вистина нешто такво и да остане во просторот на подозрението. Во секој случај сигурно е дека проблемот на евтаназијата расте и носи плод во дезориентирани, нефилософски, нељубовни и негрижливи, утилитаристички, индивидуалистички и евдемонистички општества. Меѓутоа, ако човекот не може да философира над процесот на смртта, тогаш не може да сфати што е живот и, секако, не може да биде личност. Завршувајќи, би сакал да ги забележам зборовите на Рускиот аскет и јеромонах Софрониј Сахаров: „Да живее некој христијански е буквално невозможно. Христијански може некој само да умира“. Навистина е голема привилегија некој да умре со надеж дека смртта е крајот на биолошкиот живот, а не крајот на животот, но истовремено дека смртта е усовршување на животот. Ќе треба да ја почитуваме тајната на смртта и да ја сметаме како премин кон земјата на живите“.
Текстов го завршувам овде (отворен) во надеж дека ќе иницира поширока расправа за евтаназијата, па и донесување на ново законско решение во Репуѕблика Македонија, не чекајќи конкретен случај што би го наметнало.







февруари 25th, 2009 at 14:49
Ne odlucuvame dali, koga i kade da se rodime, barem da si doneseme zakon za eutanazija i nie da si odebereme koga ke umreme.
Barem toa da bide nas izbor, podostoinstveno da go napustime ovoj zivot.
Pa vo drugiot mozebi podobro..
p.s. da se izgradi i barem eden krematorium vo Makedonija, da ne zafakame tolku prostor vo ovaa mala no ubava zemja
февруари 28th, 2009 at 09:47
Сосема си во право. Ама кој навреме да размислува се? Од многу мислење пука глава, а замисли што би се случило кога на оние воп власта (Владава) би почнале да им пукаат…