Виновникот за епидемијата на заушки мора да одговара!
Епидемија на заушки во Република Македонија?! Можно ли е? Во 21-ов век?! А кој ја предизвикал, да се појави по цели 17 години? Кој не ја спречил со она што го прави редовно целиот здравствено нормален свет? Нема кој?! Никој не е одговорен, никој виновен?
Можен Марфиев закон (за мојата рубрика „Јас и Марфи“ во „Паноптикум“) : Кога нема лична- индивидуална одговорност, не може да има ниту колективна. Доколку колективот не е составен од индивидуалци, туку од колективни колективци.
Немало и нема колективна, туку само индивидуална? Не е точно! Секогаш ја имало и ја има кога нема индивидуална.
Конкретно: кога никој од поранешните министри, кои беа на функција во 90- тите години на минатиот век не сака да ја признае одговорноста и да одговара (да сноси
лични последици) зошто генерации деца останале невакцинирани, тогаш мора да одговара колективот односно партијата што ги поставила на таа функција! На
власт била СДСМ? Министрите биле нејзини односно нејзин избор? Па можело ли вакцинирањето да било во надлежност на опозицијата и таа да направила „пропуст“- од „немукает“ да не вакцинира од заушки и со тоа да дејствувала „деструктивно“, непречено, противзаконски?
Имунизацијата е задолжителна со закон. „Редот“ е познат: здравствените домови испраќаат извештаи за извршената до здравствените заводи, а тие, пак, до ресорното министерство. Бил направен пропуст? Ма ајде, ве молам?!
Добро, да претпоставиме дека се уште има по некој будала и наивен кој ќе поверува, ама и таквиот прашува: зошто не е поправен, зошто се молчело- криело тоа цели 17 години? Сигурно ќе се сети и да праша: а каде се парите? Имено, за да се обезбеди вакцина се потребни пари. Биле обезбедени? Па каде се? Парите или вакцините, сеедно?
Читајте внимателно што изјавува екс министерот Јован Тофовски, тврдејќи дека не знаел оти децата не се вакцинираат:
„Во тој период немаше лекови, реагенси, конци, но никој не алармираше дека нема вакцини. Доколку не известеа, сигурно ќе набавевме, иако беше голема сиромаштија“.
Кој да извести, кој да алармира? Па, него го бараме! За лична, а не колективна одговорност.
„Интересно“ е однесувањето на другиот екс министер Илија Филипче: некој новинар го свртел бројот на неговиот мобилен, а тој го исклучил. На Клиниката, пак, и најавил дека ќе биде отсутен во наредните денови. Нормално, кога си ја има мувата на капа. Во спротивно, кога би ја немал, би покажал на оној што ја има- се разбира „горниот“. Кој ли може да биде над него…
„Конкретниот“ одговор го даде ВМРО- ДПМНЕ:
„Епидемијата на заушки со алармантен број на заразени млади лица е резултат на пропустите на Владата на РМ од 1993- та до 1996- та година, на чие чело беше Бранко Црвенковски. Си поигра со судбината и здравјето на илјадници деца. Зошто таа Влада, во која членуваше Љубомир Фрчковски, не овозможи вакцинирање на децата кое законски им следувало? Скандалозниот пропуст што тогаш го направила Владата на Црвенковски, сега скапо ги чини илјадници млади и семејства во Република Македонија“, констатира и праша портпаролот на партијата Александар Бичиклиски. Додаде дека е загрижувачко тоа што повеќе од 1700 млади луѓе и деца се веќе заболени од оваа заразна болест, а ВМРО-ДПМНЕ поради сериозноста и алармантноста на состојбата ги повика Министерството за здравство, Републичкиот завод за здравствена заштита, Лекарската комора и сите други надлежни да се произнесат за овој случај и да ги презентираат фактите за овој пропуст. Притоа и потсети дека, според сите медицински стандарди и препораки, против заразните заушки задолжително се вакцинираат деца од 13
месеци до 14- годишна возраст. Тоа е препорака од Светската здравствена организација, а задолижителна обврска во Македонија уште од 1982- ра година.

Веројатно имајќи ја предвид токму
колективната одговорност, СДСМ
ги отфрла обвинувањата и ги оценува како измислици тврдењата дека
епидемијата на заушки е резултат на пропустите на Владата на Бранко Црвенковски. Најблаго речено, нивното „дообјаснување“ нема
врска, односно се прави обид „топката“ (вниманието) да се сврти на друга страна, дури и злоупотребувајќи ја уметноста (за што можеби некој уметник ќе ги „избербати“):
„Во изминатите 25 месеци, откако ВМРО-ДПМНЕ е повторно на власт, се изнаслушавме секакви измислици, од некакви есенски сценарија до терористички напади, наводно сите организирани од опозицијата. Но, денешната прес-конференција е врв. Наместо да ги вакцинира со квалитетни вакцини најмладите, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги трошеа парите на граѓаните на контроверзните ХПВ вакцини, чие клиничко испитување не е докрај завршено, правеа „дилови“ со својот традиционален бизнис партнер ОКТА, трошеа пари за споменици како „Шмизла“, „Дрво“ и „Александар Македонски“.
Очекуван и логичен став на актуелниот министер за здравство Бујар Османи:
„Ние во моментов сме концентрирани на решавање на последиците од проблемот. За наоѓање на причините на проблемот ќе пристапиме во моментот кога ќе имаме смирена ситуација. Мислам дека не е сериозно доколку сега во оваа ситуација ги бараме причините“.
Да потсетам, епидемијата на заушки започна кон крајот на 2008- ма година, а во последниве месеци достигна кулминација.
Објаснение за причината зошто имунизацијата не почна со првата епидемија што се појави во внатрешноста даде Јованка Костовска, раководител за превентива во Министерството за здравство:
„За да се прогласи епидемија треба доста поголем број. Во тој период, кога имаше 800 до 1.000 случаи на заушки, беа веќе наложени вакви мерки до сите здравствени установи во државата“.
Македонија се соочува со многу сериозна епидемија на заушки, но надлежните официјално не ја прогласуваат бидејќи тоа државата финансиски ќе ја чини многу.
Започна и вакцинација на средношколците. Медицински екипи ги проверуваат здравствените легитимации, па во оние во кои нема податоци се враќаат децата да проверат во амбулантите. Ќе се вакцинира секој ден од 8 до 17 часот.
Министерството за здравство најави дека ќе набават дополнителни 100.000 вакцини. Допрва ќе се распишува тендер. Овојпат предност ќе има квалитетот, а не цената.






