Инаугурација на Обама „Спасителот“
Држава: Република Македонија
Настан: 3- дневна свечена церемонија на инаугурација на избраниот нов претседател (може и некој ден повеќе)


Сценарио: посебен „син воз“ со кој новиот претседател со своите соработници ќе се вози два дена низ Македонија, со свечен пречек на железничката станица во Скопје; голем концерт „Ние сме едно“ пред македонскиот Парламент, со учество на бројни естрадни уметници
(главно музички); помеѓу нивните настапи говори и поздрави на избрани познати личности; 10 балови за македонската политичка (позициска и опозициска), културна итн. елита; свечено полагање на заклетва пред парламентот
Важна напомена: целосна мобилизација на воените и полициските капацитети на земјата.
Ви се допаѓа прочитаното? Што? Ви личи на некое минато, „титовско“ време? Култ на личноста? Немојте, ве молам! Па тоа е само инаугурација на претседател на Република Македонија, најдемократската држава на светот.
Веројатно сте тотално збунети? Веројатно се прашувате што ми е, што ми станало, ми се заматило пред очи, во умот. Каков „син воз“, каков култ на личноста, па концерт, балови, говори, свечено полагање на закле5тва на нов претседател, невидено обезбедување- полиција, војска? Од каде Македонија најдемократска држава на светот? Ако е, зошто не е во НАТО и ЕУ? Како е можно целата политичка и др. елита да бидат заедно?
Не, ништо не ми е, ништо не ми станало, а најмалку, пак, ми се случило заматување пред очи или во умот. Ја гледам- следам свечената инаугурација на новиот американски претседател Барак Обама, па си помислив…
Навистина, зошто да не го следиме примерот во најдемократската држава на светот, како што следиме (имитираме) се и сешто од неа, па и ние да не направиме исто или макар слично? Малку ни е различен системот (не ни е баш претседателски), па што? Токму поради тоа можеме да бидеме поскромни и за инаугурацијата на новиот претседател, по изборот на 22- ри март, да не потрошиме „цирка“ 150 милиони долари, туку , на пример, до кај 15 милиони евра? Згора на се, во исто време (на тој ден) ќе ги избереме и новите градоначалници, а тоа значи дека нашето сценарио може да биде уште побогато: „синиот воз“ да застанува во секоја општинa, новиот претседател на државата да го поздрави новиот градоначалник и истовремено да го инаугурира, а тоа да биде проследено со исто така свечена церемонија, се разбира многу поскромна. Невозможно? Од ЕУ и НАТО ќе ни заблежат дека се враќаме во „титовско“ време? Нема врска!
Искрено, воодушевен сум од свечената инаугурација (започна вчера) на Барак Обама. Алал да им е на Американците. Тие знаат што значи да се добие нов претседател, и тоа за првпат во историјата од друга- црна, не од бела раса, што уште повеќе ја зацврстува демократичноста и одамна надминатата расна дискриминација во земјата. Особено во вакви тешки времиња- финансиска криза, економска рецесија, сеопшта депресија, со изгубен углед и позиција во светот (благодарение на грешките на досегашниот претседател Џорџ Буш, кој не пропушти за нив да се покае)…
Нема што, вистински холивудски спектакл со среќен крај. Американските и светските медиуми уште на стартот се натпреваруваат кој подетално ќе го опише:
Вчера пред Линколновиот меморијал во Вашингтон, пред неколку стотици илјади луѓе, на голем концерт настапија бројни музички и филмски ѕвезди. Го отвори Брус Спрингстин со песната „The Rising“, а Мери Џејн Блајџ ја изведе „Leon on Me“. Семејството на Обама го разгалија Гарт Брукс, со песните „American Pie“ и „Shout“, а потоа настапија Стиви Вондер, Ашер и Шакира. Претседателот играше, а ептерн живна кога Џејми Фокс почна да го имитира.
Семејството ја пееше (заедно со него) и патриотската песна „This Land is Your Land“, па заедно со Бијонсе, која ја изведе „My Country ‘Tis of Thee“, а потоа настапија и Џон Бон Џови, Шерил Кроу, Воно и Ју Ту… Помеѓу говорниците беа Стив Карел, Квин Латифа, Дензел Вошингтон, Тајгер Вудс, Том Хенкс…
Концертот, кој траеше околу 90 минути, ексклузивно го пренесуваше кабелската ТВ куќа ХБО (HBO), која за тие права плати 2,5 милиони долари.
„Вашингтон пост“ го постави прашањето за продажбата на правата за пренос на службени инаугуративни настани, истакнувајќи дека по Клинтон во 1993- та тоа не се правеше, па повеќе од 5 милиони долари, колку што побара инаугурацискиот одбор на Обама е „најамбициозна и најскапа продажба на лиценци во претседателската историја“. Освен „all-star“ концертот на ХБО, продадени се и правата за пренос на детскиот концерт од Веризон центарот во понеделник вечер на компанијата на Волт Дизни за 2 милиона долара, потоа правата за пренос на првиот од 10- те службени инаугуративни балови на ТВ мрежата ABC, како и на MTV за пренос на балот на младите во вторник за 650.000 долари.
Свечености ќе бидат завршени на 20- ти јануари со официјалното стапување на должност на 44- от претседател на САД, Барак Хусеин Обама.
Рекордните трошоци на гала инаугурацијата на Обама, што се проценуваат на 150 милиони долари, во американските медиуми ги ставаат наспроти актуелната економска криза и историските примери на скромни инаугурации во услови на војни и кризи. Па така, се потсетува на 2005- тата, кога демократите го повикаа Џорџ В. Буш на искажување на помала помпа и повеќе скромност при инаугурацијата. Тогаш, во писмо до Буш демократските конгресмени Ентони Вејнер и Џим МекДермот, меѓу другото, напишаа:
„Претседателот Ф.Д. Рузвелт во 1945- та одржа инаугурација во Белата куќа, со краток говор и студена пилешка салата и обичен колач на менито. Во 1917- та претседателот Вудроу Вилсон немаше никаква прослава на инаугурацијата, велејќи дека такви свечености би биле недостојни“.
Инаугуративниот одбор соопшти дека води сметка за (тешките) времиња и не се грижи дека граѓаните неколкудневните свечености ќе ги сметаат за претерани.
„Тоа веројатно не е начин на кој земјата ќе гледа на нив. Инаугурацијата не е прослава на изборот. Тоа е прослава на нашите заеднички вредности“, изјави портпаролот Линда Даглас. Таа како пример на заштеди наведе дека на сите 10 инаугуратривни балови ќе бидат исти декорации, нема да има цветни аранжмани, а за цените на храната интензивно се преговара.
Одборот собра 41 милиони долари донации за саботното возење со посебен воз од Филаделфија до Вашингтон, за „all-star“ концертот и за 10- те балови.
Толку за прославата на „заедничките вредности“ (ни на крајот од умот да не ви паѓа почеток на создавање на социјалистичко- комунистичкиот „култ на личноста“).
Допрва ќе се пишува (ќе пишувам и јас) за се она што (ќе) претставува предизвик на Барак Обама и дома и во странство за време на целиот негов (прв) претседателски мандат (економската рецесија, војните во Ирак и Авганистан, судирите на Средниот Исток, па и „европските“ проблеми на Балканот). Овојпат само ќе наведам некои мислења на американски експерти.
Тие потсетуваат на она што го рече
Френклин Рузвелт, поранешен, еден од најуспешните, ако не и најуспешен претседател во историјата на САД, во текот на своето инаугуративно обраќање на врвот на Големата депресија во 1933- та:
„Единствено од што треба да се плашиме е стравот сам по себе“.
Исто така потсетуваат и на прочуената реченица на Џон Кенеди, во својот инаугуративен говор во 1961-ва:

„Не прашувајте се што вашата земја може да направи за вас, прашајте се што вие можете да направите за вашата земја“.
Инаку, претседателските инаугурации Американците ги сметаат за едни од трајните симболи на својата демократија.
Еве што вели за тоа Алан Лихтман, од Американскиот униерзитет:
„Ние немаме многу ритуали во американската политика, и инаугурацискиот ритуал е мошне важен зашто обележува мирен пренос на власта од една администрација на друга, во овој случај од една партија на друга“.
Додава:
„Белата куќа ја градеа робови, и сега во канцеларијата на таа куќа е Афро- Американец, многу порано отколку што повеќето експерти можеа да очекуваат. Барак Обама е вистински феномен во американската политика. И се чини дека ги надмина расните поделби. Тој водеше кампања како кандидат на сите Американци, не како кандидат на американските црнци“.
Аналитичарот на Брукинг институтот, Стефен Хес, ја објаснува заинтересираноста за инаугурацијата на Обама:
„Неговите корени се од пошироката пацифичка зона, не само од нашите Хаваии, туку и Индонезија. Тој има африкански корени преку својот татко. Целиот свет чувствува дека има некоја врска со новиот претседател на САД“.
Барак Хусеин Обама е син на црн Кениец и бела мајка од Канзас.
А токму за „расното прашање“ Обама зборува во интервју за весникот „Вашингтон пост“. Наведувајќи дека „цела една генерација ќе израсне нормално прифаќајќи го фактот оти на највисокото место во државата се наоѓа Афро- Американец“, тој потенцира:
„Тоа е радикална работа. Таа го менува начинот на кој црните деца се гледаат себеси. Таа исто така го менува начинот на кој белите деца ги гледаат црните деца. И не би сакал да ја потценам таа сила“, изјави Обама.
А на 18- ти март минатата- 2008- ма година во Филаделфија Обама одржа според многумина историски говор токму за расното прашање. Во наредниве денови ќе го преведам на македонски и ќе го поставам на „Паноптикум“.






