Уште една недоветност на СДСМ
За жал, уште еднаш, по којзнае кој пат, мора да се констатира дека СДСМ, партијата која во изминатиот период, од осамостојвуањето на Република Македонија до денес, беше најмногу години на власт, а во опозиција беше (веќе не е) главен фактор во политичките битки, пресметки и премрежија, е во длабока кал од која не може уште долго да излезе. Затоа што очигледно нема сили, а од ден на ден станува се понемоќна, за чекорење кон цврсто тло, излегување од неа и чистење односно прочистување.
Се чини дека најголем проблем на партијата, непосредно поврзан со кадровскиот потенцијал, е умисленоста дека е се уште „важна“, дека има една од носечките улоги на македонската политичка сцена, а што е резултат на долгогодишното „негување“ на ароганција, „државотворност“, политички игри, итроштини, манипулации…
Најнова потврда на продолжувањето на агонијата на „розите“: излегување со предлог за заеднички „натпартиски“ кандидат (на ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ) за нов претседател на Република Македонија! Недоветност не само поради тоа што на тој начин би се „разводниле“, дури би станале безпредметни, би станале „формални“ претстојните претседателски избори (како во „комуњарското време“), туку и поради повикот- образложението со кое предлогот беше „поткрепен“.
Имено, СДСМ „цени“ дека на овој начин „би се избегнале меѓупартиските обвинувања за лажирање или бојкотирање на претседателските избори, ќе се обезбеделе успешни претседателски избори, бидејќи со договор помеѓу двете партии ќе се исполнеле и условите на НАТО и ЕУ“.Значи, без „овој начин“ сето тоа нема да се „избегне“, а условите „гарант“ би се исполниле!
„Аргументите плус“ за „нужноста“ од заеднички кандид (Срѓан Керим) на прес- конференција ги изнесе Зоран Заев, в.д. претседател на СДСМ:
„Неговите јавно изнесени ставови за значењето за ЕУ и НАТО интеграциите на Република Македонија, како и за важноста од решавање на спорот за името со Република Грција, се ставови кои СДСМ ги поддржува и смета дека се еден вид гаранција за успешно извршување на функцијата Претседател“.
Одговорот дека во Република Македонија има и друг(и) „натпартиски личности“, кои имаат ставови што се „еден вид гаранција за успешно извршување на функцијата Претседател“ од ВМРО- ДПМНЕ стаса само еден час подоцна: Проф. Д- р Ѓорѓи Иванов за нивни кандидат за претседател!
Како што е соопштено, зад неговата кандидатура застанала влијателна партиска и интелектуална група на чело со владиниот вицепремиер Зоран Ставрески.
Во писмениот допис до партијата се потенцира дека со неговиот избор, како натпартиска личност (одамна потврдена, многупати јавно декларирана- заб. м.), успешно ќе ги брани интересите на сите граѓани. Цврсто се уверени дека тој бил личноста што може да води кон посакуваните цели и интеграции на Македонија. Во ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека зад неговата кандидатура има потписи и на поедници од различни етнички групи.
Збунувачка и мошне непријатна е позицијата на Г-нот Керим во која го стави токму СДСМ. Како што самиот изјави во интервју за А1 ТВ, тој воопшто не бил контактиран, не бил консултиран, иако идејата за натпартиски кандидат „треба сериозно да се земе в обзир“:
„Се уште се зборува за мене, а не се зборува со мене…Кога ќе разговарам со највисоките претставници на СДСМ, тогаш ќе можам да имам целосна лична претстава за што се работи…Понудата е упатена до ВМРО-ДПМНЕ, а не до мене. Според тоа, да чуеме што ќе каже ВМРО-ДПМНЕ“.
Потенцирам, тој воопшто не бил консултиран, не се комуницирало со него, СДСМ го предлага „на своја рака“! А кандидатот на ВМРО- ДПМНЕ изјави дека е постапено „според редот“. Кратко изјави:
„Ја прифатив номинацијата од група членови на ВМРО – ДПМНЕ и интелектуалци. Тоа е навистина голема чест, меѓутоа и голема одговорност во овие тешки времиња за таква функција“.
Освен Керим и Иванов, досега својата кандидатура ја обелодени и Љубе Бошкоски кој, да потсетам, засега има „статус“ на независен, односно исто така натпартиски кандидат.
Додатно „образложение“ на воведот на овој текст:
Зарем СДСМ смета дека само со заеднички кандидат со ВМРО- ДПМНЕ ќе обезбедат избегнување на „меѓупартиските обвинувања за лажирање или бојкотирање на претседателските избори, успешни претседателски избори“? Што е со албанските и другите помали политички партии од македонскиот блок (од нивната коалиција „“Сонце“ и од коалицијата „За Македонија заедно“)? Што ако некоја од нив, на пример коалициониот партнер во власта ДУИ, им предложи и на ВМРО- ДПМНЕ и на СДСМ иста таква „натпартиска“ личност? Воопшто, што значи за СДСМ договорена заедничка личност во трка за претседател на држава? Што во таков случај ќе им значи гласањето на граѓаните на Македонија?
Што сега, по „истрчувањето“? Бидејќи Проф. Д-р Ѓорѓи Иванов е мошне позната, ценета и авторитетна личност, за која сигурно ќе се изјасни голем дел од електоратот (лично прогнозирам негова убедлива победа) и ВМРО- ДПМНЕ најверојатно ќе го прифати како свој кандидат, СДСМ не би можела да ретерира (тоа би било крајно несериозно) и би застанала зад „својот“ кандидат. Меѓутоа, што ако Срѓан Керим не прифати, проценувајќи дека против таков кандидат, со таков „капацитет“ нема никакви шанси, а особено ако го земе предвид катастрофалниот рејтинг на партијата што го предлага? (Тоа нема да му биде тешко, зашто „за него се зборувало, но не и со него“.)
Е тој- рејтингот е главниот проблем на СДСМ и веројатно причината за „истрчувањето“: дури и ДУИ, која се „потпира“ исклучиво на граѓаните- Албанци во Македонија, на најновата листа на ИРИ има поголем рејтинг од „најмоќната“ опозициона партија!
Денеска објавената листа на Американскиот републикански институт (ИРИ), спроведена од16- ти до 20- ти декември минатата година врз 1.108- мина испитаници, кажува и најавува многу нешта, а пред се нов катастрофален пораз на СДСМ и на претседателските и на локалните избори по два месееца (март):
За владејачката партија на изборите би гласале 38% од граѓаните. Зад ВМРО-ДПМНЕ е коалицискиот партнер од албанскиот блок ДУИ со 11% проценти, а за СДСМ би гласале 9% од македонските граѓани. По нив следуваат Нова демократија-3%, ДПА 2% (натамошен пад на рејтингот, веќе послаб и од новата партија на Селмани), а за ДОМ и НСДП 1%. 2% процента од анкетираните би гласале за други партии, а 18% се се уште неопределени.
Најголем рејтинг помеѓу политичарите има актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски- 31%, втор на листата е Али Ахмети со 8%, а по него е актуелниот шеф на државата Бранко Црвенковски со 7%. По 3% од испитаниците би се определиле за претседателот на Нова демократија Имер Селмани, за Љубе Бошкоски и за в.д. лидерот на СДСМ Зоран Заев. За Срѓан Керим, Арбен Џафери и Киро Глигоров се изјасниле по 2% од анкетираните. (Керим и ова би требало да го има предвид).
Најголем дел од испитаниците сметаат дека Никола Груевски треба повторно да биде избран за премиер- 61%, додека негативно се изјасниле 25%.
Според анкетата на ИРИ, граѓаните на Македонија повторно даваат висока поддршка за членството во ЕУ и во НАТО. За членство во Алијансата се 89%, а за Европската унија 92 %.






