Прашање на ден кога ќе падне Владата на Караманлис
Што се случува кај нашиот јужен сосед? Се и сешто сведено на едно нешто: разнишана внатрешна безбедност, длабока социо- економска криза, протести, нереди, судири со полицијата, штрајкови, пораз на надворешната политика не само во однос на проблемот што го има со името на Република Македонија, несфатливи, дури непресметливи потези…
Се бројат деновите, можеби и часовите до поразот, конечниот пад на Владата која веќе предолго е на „стаклени нозе“.
Во знак на поддршка на синдикална активистика која е повредена во напад на една банда во Атина се одржа протестна прошетка. Како што јави Би-Би-Си, таа минувала мирно се додека демонстрантите не почнале да се разидуваат. Притоа, некои од нив нападнале полицајци кои ја обезбедувале зградата на Министерството за труд, а оштетиле и неколку банки и ресторани. Полицијата возвратила со солзавец и шок бомби.
Потсетувам, во декеври минатата година во Данајската република (Грција) се случија серија на масовни протести во повеќе градови, кои траеја со денови, ја парализираа државата. Тие продолжија неколку дена по Нова година, а најновиве покажуваат дека ситуацијата и натаму е напната.
Деновиве протестираат земјоделците со барање да се гарантираат цените на нивното производство, компензации за штетите од лошото време и уредување на нивните долгови. Со трактори и земјоделски машини се блокирани повеќе правци во државата, а автопатот помеѓу Солун и Атина во регионот на Темпи, Никеа и Микротивес вчера беше затворен. Тие се поставени и на првиот километар од патот помеѓу Јаница и Солун, како и на влезот на Кукуш и на граничниот премин со Македонија, Евзони. Затворени се граничните премини Промахон и Ексохи кај Серес и Драма. Блокади има и на граничниот премин Кипи во областа Еврос, на границата со Турција.
Единствено слободен за проток на патници и стока помеѓу Република Македонија и Данајската република (Грција) е граничниот премин Меџитлија.
Владата во Атина предложи пакет од 500 милиони евра за помагање на фармерите, но тие предлогот го отфрлија со објаснување дека овие средства не им ги решаваат проблемите.
Најавено е дека од утре на протестите ќе се придружат и сточарите. Ќе го блокираат Коринтскиот канал со што ќе го отцепат континенталниот дел на земјата од полуостровот Пелопонез. Планирана е и блокада на мостот Рио-Андирио. Тие ја информираа Владата дека сакаат по 50 евра за секоја овца и по 250 евра за крава, а исто така и компензации за летната суша, како и контрола врз пазарните цени на сточарската продукција.
На блокадите низ целата држава се противат трговците и превозниците.
Во центарот на Атина, пред зградата на Универзитетот, денеска неколку стотици лица се судрија со полицијата. Протестантите фрлаа камења, а полицијата употреби пендреци и солзавец. Нередеите избиле поради барањето да се пуштат на слобода лицата уапсени во текот на минатомесечните немири. При судирот разгневени момчиња искршиле излози на неколку продавници, една банка, а запалиле и автомобили. Уапсени се повеќе лица.
Вечерва, пак, непосредно по полноќ, во центарот на Солун група анархисти со „молотови“ коктели нападнале делови од полициските сили за борба против безредија. Анархистите биле со качулки на главите и се упатиле кон Аристотеловиот универзитет во Солун, каде што почнале да фрлаат запалливи бомби и да гаѓаат со камења паркиран полициски камион. Силите на редот употребиле флеш гранати за да ги одбијат напаѓачите.
И конечно она што граѓаните на јужниот сосед тешко дека ќе го разберат, на што сигурно допрва ќе реагираат и ќе истурат нов гнев врз Владата на Караманлис: таа започнува преговори за купување на француско оружје во висина од најмалку 2 милијарди долари. Атина планира да купи 6 фрегати од типот „Фрем“ и
15 „Супер 
пума“ хеликоптери. Во блиска иднина со Париз треба да биде склучен договор и за набавка на авиони ловци, но не се наведува нивниот број и сумата којашто ќе треба да се плати. Со Германија ќе започнат повторни преговори за набавка на 4 подморници произведени од „Тисен круп“, во вредност од околу 5 милијарди долари, а ќе се купуваат и тенкови од Русија. Во план е набавка на воена опрема и од Италија и Шпанија.
Според весникот „Елефтерос типос“, вкупната набавка на воена опрема ќе изнесувапо меѓу 4 и 6 милијарди евра.
Треба да се спомне дека и покрај економската криза, јужниот сосед не го намали буџетот за набавка на оружје кој за годинава изнесува 2,2 милијарди евра.
Сепак, вистинската намера со купувањето на оружје е веднаш и мошне лесно „прочитана“. Агенцијата „Ројтерс“ потенцира дека Данајската република (Грција) лобира помеѓу своите европски партнери за поддршка во спорот за името со Македонија. Oд минатата година започнала во своите дипломатски активности да ги вклучува и договорите за набавка на оружје.
А што се однесува на поразот на надворешната политика, пред два дена „Елефтерос типос“ објави дека Нацрт-извештајот за преговарачкиот процес на Скопје со Европската унија има негативно влијание врз данајските (грчките) позиции во преговорите за името. Тој е усвоен на 21.01. од страна на Комисијата за надворешна политика на ЕП, која утврди дека спорот за името помеѓу Атина и Скопје е „двостран“ и не би требало да е пречка за прием на државата во ЕУ. Холандскиот европратеник Ерик Мејер во него го повика Советот на министри да утврди датум за започнување на преговори во текот на оваа година.
Ќе потсетам и на неодамнешнот говор (пред десеттина дена) на Џејмс Лајон од истражувачката организација Совет за политичка демократизација и поранешен виш советник за Балканот на Меѓународната кризна група. Тој во Центарот „Вудроу Вилсон“ во Вашингтон говореше за предизвиците пред ЕУ и новата американска влада на Западниот Балкан. Како што пренесе „Глас на Америка“ на македонски јазик, Лајон потенцирал дека тој лично и Советот за политичка демократизација „се шокирани што Грција одбива да признае дека етничка и национална група јасно постои“. Oчекува администрацијата на новиот американски претседател Барак Обама да биде поенергично вклучена на Балканот, отколку што беше случајот со администрацијата на Џорџ Буш.






