По Хрватска, Србија ќе стане членка на ЕУ, а можеби двете едновремено
Србија забрзано чекори кон членство во ЕУ. Многу е веројатно дека таа ќе биде следната земја по Хрватска која ќе биде примена, но нема да претставува никакво изненадување ако и двете бидат примени во „пакет“, можеби заедно со Албанија и/или Црна Гора.
Србија во ЕУ пред Република Македонија? Па, нормално! Има некој што се уште се сомнева во тоа? На таквиот му препорачувам да се обиде да го „измери“ геостратешкиот интерес за Балканот на „главните“ во ЕУ (Германија, Франција, Италија, Велика Британија).Најавите за скорешно односно брзо зачленување о ден на ден се се „поконкретни“.
Најнапред, вицепремиерот Божидар Ѓелиќ најави дека Србија идната година ќе аплицира за членство во Европската унија, иако „Белград е свесен дека патот на интеграција ќе биде отежнат поради светската финансиска криза, изборите за Европскиот парламент и загубеното време поради ирското „Не“ на договорот од Лисабон“. Притоа не го заборави главниот проблем на досегашното (веројтно не и „долго идно“) забавување- „тврдиот став“ на Холандија кој може да се промени ако бидат уапсени обвинетите од Хашкиот трибунал- Ратко Младиќ и Горан Хаџиќ.
Деновиве Ѓелиќ за чешките медиуми изјави дека Србија технички ќе биде подготвена да влезе во ЕУ во 2012- та година, а 2014- та би била добар симболичен датум за нејзин прием. Едновемено предупреди дека рокот за прием не зависи од Србија.
А по разговорите со потпретседателот на чешката Влада, Александар Вондра, тој изјави дека Србија во првата половина на оваа година ќе поднесе барање за членство во Европската унија. Потенцирано е дека Чешка го поддржува забрзувањето на европските интеграции на Србија и ги уважува досегашните напори на Белград во соработката со Хашкиот трибунал, но таа соработка мора да биде завршена.
Министерот за надворешни работи на Србија Вук Јеремиќ во Париз разговараше со неговиот француски колега Бернар Кушнер за европската иднина на земјата. Јеремиќ го нагласи големото задоволство што Србија во Париз има апсолутен сојузник за оваа перспектива:
„Во 2009- та мораме да го покренеме процесот кој моментно не оди со темпото кое го очекуваме, процесот на европските интеграции на Србија. Србија демонстрираше дека на конструктивен начин се соочи со тешките предизвици во 2008- ма, не правејќи компромиси со своите принципи и Уставот“.
Кушнер, пак, истакна дека за него нема сомнение оти на Србија и е местото во ЕУ и и се заблагодари што таа ја прифати европската мисија на Косово, Еулекс. Тој е сигурен дека Србнја ќе направи се за добрата соработка со соседите, зашто поинаку не е можно во ЕУ. Треба да се заборави минатото и да се работи целиот Западен Балкан да влезе во ЕУ. Не заборави да нагласи дека Косово го признале 22 од 27- те земји на ЕУ и оти е тоа реалност. Сега ЕУ е блокирана со Лисабонскиот договор кој Ирска не го потврди на референдум, па до крајот на годинава ќе се одржи втор за што побрзо да се продолжи интегративниот процес.
Најновата изјава на Јеремиќ е дека Србија сака во првата половина на 2010- та, за време на шпанското претседавање со Европската унија, да ги почне преговорите за прием во ЕУ.
Ќе потсетам на принципиелните ставови на Србија во однос на горливите прашања (апсењето на обвинетите во Хаг и Косово).
Во декември минатата година, во интервју за белградскиот весник „Вечерње новости“, Вук Јеремиќ изјави дека Србија многу јасно покажала кои се нејзините приоритети и „црвени линии“:
„Србија нема да и ја остави на Холандија, ниту на кој било друг својата европска иднина. Многу е поважно земјата да не забави со спроведување на реформите и да успее да го достигне нивото на карактеристиките кои се неоходни за членство во Унијата“.
Весникот „Блиц“ оцени дека инертноста на Владата при донесувањето на нови закони, бесмислените несогласувања во Парламентот и недостатоците на целиот систем за спроведување на реформите се главни причини за бавното движење на Србија на патот кон Европа. Станува се појасно дека 2009- та е загубена за добивање на кандидатски статус и се почесто како рок се посочува 2010- та. Како дополнителна пречка го наведе фактот дека годинава ќе има избори за Европскиот парламент, досегашната бриселска администрација ќе биде заменета со нова, проширувањето нема да биде приоритет за унијата, а како непредвиден удар се јавува и финансиската криза.
Како да се надмине блокадата на приближувањето на Србија кон ЕУ? По посетата на Брисел и разговорот со министерската тројка, Вук Јеремиќ изјави дека постои нова идеја: унијата во Белград да испрати делегација која би се уверила во тоа дека Србија во целост соработува со Хашкиот трибунал. Тоа би требало да биде дополнение на очекуваната додатна оценка на обвинителството на судот во Хаг за степенот на соработка на Белград која, заедно со наодите на европската мисија, би било предочено на самитот на ЕУ во март.
Иако Брисел засега молчи, сепак идејата се „крчка“. Еден функционер во канцеларијата на високиот претставник на ЕУ Хавиер Солана за програмата на Би-Би-Си на српски јазик рекол дека идејата е интересна и ќе биде проучена. Спомнатиот извор, кој не сакал да биде именуван, додал само дека различни земји членки на ЕУ за таа идеја имаат различни ставови.
Претседавачот со ЕУ, чешкиот министер Карел Шварценберг, рече дека на состанокот на тројката на Европската унија со српскиот министер е остварен важен договор и оти страните се согласиле дека 2009- та година е пресудна не само за реформските процеси во Србија , туку и за односите на релација ЕУ- Србија. Тој нагласи дека укинувањето на визниот режим спрема народот на Србија ќе донесе вистински користи и дал на знаењеоти, штом ќе се утврди дека во Србија за тоа се исполнети условите, веднаш ќе може да се тргне напред.
Европскиот комесар Оли Рен додаде дека тој лично на 12- ти февруари ќе замине во мисија на утврдување на фактичката состојба, со напомена дека Советот на министри на Европската унија е тој што ќе одлучи за упатување на мисија. И Европската унија во февруари ќе упати повеќе стручни тимови во Белград да го оценат напредокот во спроведувањето на условите за визна либерализација, а наодите на овие мисии ќе бидат битни за тоа Европската комисија да му предложи на Советот на министри на ЕУ на граѓаните на Србија да им се укинат визите.
Од не мало значење, но не и големо изненадување, се резултатите од последното истражување на јавното мислење: во Србија опаѓа поддршката на европските интеграции. Влегувањето на Србија во ЕУ го поддржуваат 61% граѓани, што е за 6% помалку отколку во мај минатата година.
Што се однесува на Република Македонија, се е познато: најважен услов за натамошно приближување, односно добивање на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ се мирни, фер и демократски мартовски избори. (Некои експерти и аналитичари уште сега прогнозираат дека тие несомнено ќе бидат мирни, но „не баш“ фер и демократски, особено претседателските, а пред се „благодарение“ на опозицијата). Потоа „уште поважниот“ (всушност единствен) е решавањето на спорот за името со Данајската република (Грција).
Не како „утешение“ или поткрепа на негативниот однос спрема ЕУ (не на членството, туку на нејзиниот ригиден и/или негативен однос спрема земјата- мислам на „солидарноста“ со нејзината членка Грција), само ќе потсетам дека
Норвешка, Швајцарија и Исланд се земји кои не сакаат да пристапат во ЕУ. Норвешка не сака поради евроскептицизмот искажан на референдум, а причините на Швајцарија се во традицијата на таа држава која со векови ја негува и брани неутралноста. Норвешка, Швајцарија и Исланд имаат посебни билатерални спогодби со ЕУ, што им овозможува бесцаринска зона, па на тој начин нивната изолираност од ЕУ не претставува проблем од економски аспект.






