Има некоја тајна врска
Неретко ми се случува(ло) да прогнозирам- предвидам настани и случувања кај нас и во светот, и тоа до најситниот детал. Тоа отсекогаш сум го сметал и го сметам како резултат на континуирано следење, логично промислување, скромен „капацитет“ за антиципација, а никако не како некаква посебна дарба дадена од Бога. Особено затоа што сум „погодувал“ како „deja vu“, односно случајно совпаѓање.
Читајќи ги можностите на модерната „технологија за контрола“, понекогаш ми доаѓало да се запрашам дали е можно нашиве „горни“ да напреднале до таа мера, та однапред го читаат она што сум го напишал, а не сум го објавил.
Дека одамна од сите „горни“ (од „завчерашните“, „вчерашните“, „денешните“) сум бил и сигурно се уште сум внимателно читан, слушан, па и следен, ми е одамна познато, потврдено, во некои случаи и порачано како предупреда да не „претерувам“. (Кога тоа ми се „случувало“, последиците сум ги броел и мерел, а некои останале неизброени и немерливи до ден- денешен).
Мојата последна „предвидувачка моќ“ е поприлично интересна и, можеби не само за мене, мошне забавна.
Имено, уште во септември минатата година „смислив“ мал оригинален проект за привлекување на што поголем број на посетители- читатели на сајтот „Паноптикум“, како „замена“ за она што претставува стандард, го имаат речиси сите (и кај нас и во светот)- анкетни прашања со алтернативи одговори. Се работи за акција- континуирани акции слични (но не исти) на истражувањата на јавното мислење со релевантен избор на испитаници. За жал, се уште не е реализиран (заедно со компанијата „Презент“ која се грижи- го дизајнира, одржува, го пласира (маркетиншки), како и многу други сајтови и блогови), а на првото „издание“ како да подзаборавивме заедно, односно од премногу и преголеми ангажмани го оставивме малку да „созрее“.
Оној што ќе се посомнева во следните редови може во секое време да провери бидејќи, како што им е познато и на „најнеписмените“ компјутерџии, се напишано- запишано во компјутер (и испратено) се зачувува сосе датумот, се додека пишувачот- запишувачот не го избрише или некој друг овластен од него. Текстот „од А до Ш“ има датум 18.09.2008.
АКЦИЈА НА ПАНОПТИКУМ:
НАШ ИЗБОР НА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Следната година ќе се одржат избори за нов претседател на Република Македонија, а досега никој, ниту од позицијата ниту од опозицијата, не ни споомнува некого за свој кандидат. Актуелниот претседател Бранко Црвенковски најави дека нема да се кандидира повторно и оти се враќа во својата партија СДСМ, најверојатно како „ново- стар“ лидер.
ПАНОТПИКУМ ве повикува заедно сами да го предложиме и изгласаме новиот претседател, без оглед дали изгласаниот ќе се кандидира (како независен), ќе го кандидираат (позицијата или опозицијата) и ќе биде изгласан на „регуларните“ избори.
Изборот ќе го реализираме во три фази:
-до крајот на октомври 2008-ма секој што сака да учествува на нашата адреса треба да испрати листа на свои 5-мина кандидати за кои смета дека би можеле успешно да ја вршат највисоката државничка функција во Република Македонија. Испраќачот може да се потпише со полно име и презиме, прекар, псевдоним или иницијали, а може и со „Анонимус“. Листата ќе биде објавена на насловната страница на овој сајт;
-од 1-ви ноември до 31-ви ноември ќе се спроведе анонимно гласање за еден од листата на 10-темина кандидати која ќе биде составена од најмногу- најчесто предложуваните лица за претседател;
-од 1-ви декември до 31-ви декември ќе се спроведе гласање за еден од двајца кандидати кои добиле најмногу гласови помеѓу 10-темина предложени.
Со предлог- листа стартува Редакцијата на ПАНОПТИКУМ:
1.Д-р Ѓорѓи Иванов
2.Проф, Д-р Билјана Ванковска
3. Проф. Димитар Мирчев
4. Инг. Лилјана Поповска
5. Проф. Љубомир Цуцуловски
УЧЕСТВУВАЈТЕ ВО НАЈДЕМОКРАТСКИТЕ (НЕОФИЦИЈАЛНИ) ИЗБОРИ КОГА БИЛО ОДРЖАНИ КАЈ НАС И ВО СВЕТОТ!
ПРЕДЛОЖЕТЕ ГО НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Тоа е тоа!
Дали го забележавте „предвидувањето“ односно совпаѓањето? Прв на листата е Д-р Ѓорѓи Иванов, деновиве предложен од „влијателна група“ во ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Зоран Ставрески, поддржан и од бројни интелектуалци, и тоа како натпартиска личност! Јас, а и многумина други, предвидувам негова „апсолутна“ победа на претстојните избори во март. Другите на листата засега не се спомнуваат, како што во неа не се спомнуваат и оние што веќе „се знаат“: засега „самокандидираниот“ Љубе Бошковски, предложениот од СДСМ како заеднички кандидат со ВМРО-ДПМНЕ Срѓан Керим и Нано Ружин (неофицијален предлог на ЛДП) . Од другите „нареденит“, пак, се уште никој не ги „врти“, но…
Што се одднесува на реализацијата на проектот, тој во наредниве денови можеме да го реализираме заедно, но не како што беше планиран- во фази, туку во рамките на вашите реакции- коментари поврзани со овој прилог (темата). Значи: коментирајте, расправајте (се разбира, јас нема да останам „настрана“), но и поддржувајте некого- некои од нашиот список или предлагајте свој- свои. Тоа може да трае до почетокот на предизборната кампања, кога ќе мораме да прекинеме за да не не прогласат (сите заедно) за „еднострани“, „бојосани“, „партиски агитатори“ и слично на тоа.
Којзнае, можеби ќе бидете поуспешни предвидувачи- претскажувачи од мене.






