Договорно земјоделство
Најголем проблем на секој земјоделец е пласманот на неговото производство. Не само на нашиот, туку и на оној во земјите- членки на ЕУ и во најразвиените земји надвор од неа.
Секоја година сме сведоци на незадоволство, револт изразен со протести, блокади на патишта и сл., на кои се фрла, се истура, се гази, се гори произведеното. Причини многу: неможност да се продаде, однапред необезбеден пласман, ниски откупни цени, неконкурентен увоз, недоволни и неразвиени преработувачки капацитети, а пред се недефинирана и/или неконзистентна аграрна политика од страна на власта- државата.
Во последниве неколку години се поприсутно е барањето за „договорно земјоделство“, погрешно разбирајќи го како грижа и одговорност на власта за пласманот односно продажбата на произведеното.
На крајот од минатата за годинава беше најавена поголема соработка помеѓу змјоделците и преаботувачите. 2009- та дури беше „неформално“ прогласена за година на „договорното производство“ (не земјоделство), притоа точно дефинирајќи го како „сигурен пласман и однапред утврдени цени, без разлика на состојбата на пазарот“. Беше изразена подготвеноста на двете страни за разговор и договор, односно подготвување на своевидна стратегија, потенцирајќи дека на тој начин ќе се зголеми интересот на производителите да произведуваат поголеми количества што ќе бидат потребни за преработувачките капацитети, а не беше заборавена и „третата“- надлежните во Владата, односно Министерството за земјоделство.
Владата не остана рамнодушна и глува за оваа иницијатива. Веќе најави конкретни мерки, како намалување на увозни царини на одделни производи, субвенции за зголемување на производството на култури наменети за преработувачката индустрија и сл., што се всушност стратешки (на долг, најмалку среднорочен, а не „сезонски“ период).
Најавеното се реализира: земјоделците и преработувачите, заедно со „луѓе од науката“, одржаа средба на која е констатирана одамна познатата состојба, по што веројатно ќе следат и нови на кои ќе се договорат начините за нејзино надминување.
Досега оствареното, позитивното:
90% од производите на преработувачките капацитети завршуваат на странските пазари, што за државата значи годишен девизен прилив од околу 30 милиони евра, а за земјоделците сигурност во пласманот на производството.
Конкретен пример изнесен од страна на Ѓорѓи Мартиновски, професор на Земјоделскиот факултет:
„Ако има да речеме за 15% до 20% покачување на приносите кои сега се релативно ниски, тогаш интересот на производителите за индустриска пиперка би бил значајно зголемен и со тоа индустриските капацитети би биле во поголема мера покриени“.
Освен пиперката и индустрискиот домат односно доматното пире е суровина без која преработувачите не можат. Се бара Владата да го одржи ветувањето дадено на конзервната индустрија токму во неговото обезбедување во овој период.

За недоволно упатените: домашната суровина е најсигурна и најевтина, па токму затоа 2009- та е најавена како година на договорното производство.
Изјава на Ленче Николовска, директор на проект за развој на земјоделството:
„Добро е тоа што се враќа довербата помеѓу земјоделците и преработувачите. Порано непочитувањето помеѓу двете страни беше главна причина зошто не функционираше договорното производство. Сега останува на Владата да го насочи земјоделецот да произведува производи за преработувачките капацитети преку начинот на субвенционирање, кое би требало да биде 2 денара за килограм предаден производ во преработувачки капацитет“.
На оваа прва, најавена средба помеѓу земјоделците и преработувачите, што се одржа во хотелот „Сириус“ во Струмица, не дојдоа претставници на Министерството за земјоделство. А зошто беа потребни кога „главна тема“ беше враќање на довербата помеѓу земјоделците и преработувачите, односно нивно меѓусебно почитување? Како на тој „план“ можеа тие да помогнат?
Што се однесува, пак, на насочувањето на земјоделецот да произведува производи за преработувачките капацитети…тоа е тоа. Ама за него е многу поважен ангажманот на „луѓето од науката“. Впрочем, ниедна стратегија, за која било област од работата, дејствувањето, животот, никој не може да подготви без нив. Најмалку Владата.






